Сиена (италијански: Siena) — италијански град, сместен во регионот Тоскана, средишна Италија. Градот претставува главен град на покраината Сиена. Градот е познат по своето уметничко наследство како и по својот урбанистички средновековен стил.
Овој град бил изграден како римска колонија во времето на царот Октавијан Август.
Сиена е позната по својата кујна, уметност, музеи, средновековниот изглед и натпреварот со коњи познат како Палио, кој се одржува двапати годишно, на 2 јули и 16 август. Се работи за коњска трка во која учествуваат по десет претставници од сиенските квартови или таканаречените контради (итал. contrade). Победничкиот кварт ја прославува победата со банкет до раните утрински часови.
Историскиот центар на Сиена бил прогласен од УНЕСКО за светско културно наследство.[2] Градот претставува една од најпосетуваните туристички одредишта во земјата, со преку 163.000 меѓународни посетители во 2008.[3]