Гент (холандски: Gent; француски: Gand) — град и општина во Фламанската Област на Белгија. Претставува главен и најголем град во покраината Источна Фландрија и е втора по големина општина во Белгија, по Антверпен. Градот бил основан како населба во сливот на реките Шелда и Лаје, и во доцниот среден век станал еден од најголемите и најбогатите градови во северна Европа, со околу 50.000 жители во 1300 година.
Гент е пристаниште и универзитетски град. Општината е сочинета од градот Гент, но и од околните градови: Афсне, Дестелдонк, Дронген, Гентбрухе, Ледеберг, Маријакерке, Мендонк, Остакер, Синт Амандсберг, Синт Денијс Вистрем, Синт Краус Винкел, Вонделгем и Звијнарде. Со 262.219 жители, во почетокот на 2019 година, Гент е вториот најголем белгиски град според бројот на населението. Површински, Гент, сосе околните области се простира на 1205 квадратни километри. Во моментов градоначалник на Гент е Матијас де Клерк.
Археолошки докази прикажуваат човечко присуство во подрачјето на сливот на Шелда и Леи што датираат од Каменото и Железното време.[2]
Поголемиот број историчари веруваат дека старото име за Гент, „Ганда“, е потекнува од келтскиот збор ганда, што значи слив. Други извори го поврзуваат името на градот со непознато божество наречено Гонтија.
Нема пишани документи за римскиот период, но археолошките истражувања потврдуваат дека подрачјето на Гент бил населен во оваа доба.
Во рамките на округот Фландрија, градот се развивал и од 11 век, станал мал град-држава. До 13 век, Гент бил најголемиот град во Европа северно од Алпите, веднаш по Париз; тој бил поголем од Келн и Москва. Во градските ѕидини живееле 65.000 луѓе. Камбанаријата и кулите на катедралата Свети Баво и црквата Свети Никола се само неколку од објектите препознатливи за хоризонтот на градот.
Реките течеле во област каде што многу земјиште било периодично поплавувано. Ваквото земјиште било идеално за одгледувањето на овци, чија волна била употребувана за изработка на текстил. Во средниот век Гент бил водечки град за производство на текстил.
Индустријата за волна, основана во Бриж, придонела за создавање на првата европска индустриска зона во Гент во средниот век. Трговската зона била толку развиена, што дополнителна волна морало да се увезува од Шкотска и Англија. Ова било една од причините за добри односи на Фландрија со Шкотска и Англија.
Градот закрепнал во 15 век, кога Фландрија била обединета со соседните провинции под водство на војводите од Бургундија. Високите даноци довеле до бунт, по што следела Битката кај Гавере во 1453 година, во која Гент претрпел ужасен пораз од војската на Филип Добриот. Во ова време центарот на политичко и општествено значење во Ниските Земји почнал да се префрла од Фландрија (Бриж-Гент) во Брабант (Антверпен - Брисел).
Во 1500 година, Јована I Кастиљска го родила Карло V, кој станал цар на Светото Римско Царство и крал на Шпанија. Иако роден во Гент, тој го казнил градот и со побуната во Гент од 1539 година, ги обврзал градските благородници да шетаат боси пред царот со јамка околу вратот.
Кон крајот на 16 и 17 век градот доживува уништување поради Осумдесетгодишната војна. Со оваа војна завршува улогата на Гент како центар со меѓународно значење.
Во XVIII и XIX век, текстилната индустрија во Гент повторно зема замав. Ливен Боувенс, шверцувајќи ги индустриските и фабричките машински планови надвор од Англија, ја донел првата машина за механичко ткаење на европскиот континент во 1800 година.
Гент бил окупиран од Германците во двете светски војни, но избегнал тешко уништување. Во Втората светска војна, градот бил ослободен од страна на британската 7-ма оружена дивизија „Пустински стаорци“ и од локалните белгиски борци, на 6 септември 1944 година.
Општина Гент се состои од пет железнички станици :
Гент-Сент-Питерс: меѓународна железничка станица со железнички врски со Бриж, Брисел, Антверпен, Кортријк, други белгиски градови и Лил. Станицата, исто така, нуди директна врска со аеродромот во Брисел - Завентем.
Гент-Дампорт станица: меѓуградска железничка станица со врски со Синт-Никлас, Антверпен, Кортријк и Еокло.
Гентбрухе: обласна железничка станица помеѓу двете главни железнички станици, Синт-Питерс и Дампорт.
Вонделгем: обласна железничка станица со врски со Еколо еднаш на час.
Дронген: обласна железничка станица во селото Дронген, која има директна врска до Бриж.
Во белгиската прва фудбалска дивизија Гент го претставува клубот КАА Гент, кој за првпат во својата историја, станал белгиски фудбалски шампион во 2015 година. Друг фудбалски клуб од Гент е ГРЦ Гент-Зеехвен, актуелен во четвртата белгиската дивизија. Фудбалските натпревари на Летните олимписки игри во 1920 година биле одржани во Гент.[4]
Шест дена Гент, шестдневната велосипедска трка, се одржува секоја година, на велодромот Кујпек во Гент. Во друмскиот велосипедизам, градот е домаќин на традиционалната трка Omloop Het Nieuwsblad.