Бледоглава розела

Бледоглава розела
Бледоглава розела
Научна класификација
Царство:Животни
Колено:Хордови
Класа:Птици
Ред:Папагаловидни
Семејство:Вистински папагали
Род:Розела
Вид:Бледоглава розела
Научен назив
Platycercus adscitus
(Лејтам, 1790)

Бледоглава розела (науч. Platycercus adscitus) — широкоопашест папагал од родот розела (Platycercus) кој живее во североисточна Австралија. Има средна големина и бледожолта глава, претежно бели образи, црно-златен грб и светлосина здолнина. Постојат два подвида, иако некои стручњаци ги сметаат за конспецифични со црвената розела (Platycercus eximius) од југоисточна Австралија.

Живее во отворени предели со ретка шума и се храни со семиња и плодови. Како и останатите розели, бледоглавата розела се гнезди во шуплини на големи дрва. Лесно се одгледува и се продава како домашен миленик во кафез.

Примероци од оваа птица можат да се видат во Зоолошката градина во Скопје.[2]

Таксономија

Оваа птица прв ја опишал англискиот орнитолог Џон Лејтам во 1790 г. Постојат два подвида, од кои попознатиот (P. a. palliceps) од источен Квинсленд) се нарекува синолика розела, а другиот е (P. a. adscitus) од полуостровот Кејп Јорк. Најблизок сродник им е црвената розела (Platycercus eximius), која ја заменува во југоисточна Австралија. Во североисточен Нов Јужен Велс и југоисточен Квинсленд, ареалите на овие два таксона се преклопуваат и затоа среќаваме вкрстени единки.[3] Некои ги сметаат за конспецифични, што значи дека, според ова гледиште, птицата има уште три подвида.

Името „бледоглава розела“ во потесна смисла се користи само за варијантите на видот со побледо лице.

Опис

Единки на висорамнината Атертон, Австралија

Бледоглавата розела е долга 33 см, од кои 15 см отпаѓаат на опашката. Здолнината ѝ е светлосина, а горниот дел од градите и главата се со светла кремасто жолта боја. Опашката е сино-црна со зелено, а тртникот има потемнен црвен дел. Пердувите на тилот, рамената и грбот се врни, обрабени со светложолто, со што наликуваат како да се лушпести. ВО пограничните делови кај северните единки, жолтата боја е посветла и има светлосина нијанса. Кај јужните единки Образите се наполно бели, а кај северните единки се делумно засинети во долниот дел. Клунот е се светла сино-бела боја, а нозете се темносиви. Очите и мсе жолто-кафеави. Мажјаците и женките се слични по изглед, со тоа што женката е малку помала и со помалку изразени бои.[4]

Распространетост и живеалишта

Именителниот (северен) подвид adscitus живее од полуостровот Кејп Јорк, па Кардвел и средно-северен Квинсленд на југ. Вкрстените единки имаат широк ареал, додека пак јужниот подвид palliceps живее од Таунсвил, па јужно навнатре во северозападен Нов Јужен Велс, сè до реката Кларенс.[4] Ова е честа птица во својот ареал и претпочита отворени шуми, но добро е приспособена за живот и во полјоделските краишта. Оваа блискост до човекот значи дека бледоглавата розела понекогаш се смета за штетник на житните посеви. Западната граница на живеалиштето е посува и послаба со вода, па затоа птиците доаѓаат да пијат на поилата наменети за домашни животни.[5]

Исхрана

Единка во Дејборо, југоисточен Квинсленд.

Бледоглавата розела се храни со трева, семиња и плодови, како оние на камалдулскиот евкалипт (Eucalyptus camaldulensis), канингемовиот пресличник (Casuarina cunninghamiana), теснолисното чајно дрво (Melaleuca linariifolia) и други чајни дрва , како и со обичниот бутрак (Xanthium strumarium).[5] Особено сладок им е магарешкиот трн (Onopordum acanthium), кој е доведен во Австралија од Европа.[6]

Размножување

Сезоната за парење се разликува од едно до друго подрачје. Јужните единки се гнездат од септември до декември, а северните од февруари до јуни.[5] Обично се вгнездуваат во шуплини на дрва длабоки преку 1 м, а на висина до 30 м над земја. Женката несе по едно легло од по 5-6 округли бели јајца со димензии од 26 x 22 мм.[7]

Одгледување

Ова е релативно издржлив вид кој лесно се одгледува. Се препорачува да не се чува заедно со други птици бидејќи знае да покажува агресија.[8]

Галерија

Наводи

Литература

  • Forshaw, Joseph M.; Cooper, William T. (1981) [1973, 1978]. Parrots of the World (corrected second. изд.). David & Charles, Newton Abbot, London. ISBN 0-7153-7698-5.
  • Lendon, Alan H. (1973). Australian Parrots in Field and Aviary (2nd. ed). Sydney: Angus and Robertson. ISBN 0-207-12424-8.

Надворешни врски