Бања Баниште

бања во Македонија

Бања Баниште (позната и под имињата: Бања Бањиште, Дебарска бања-Баниште (или Бањиште)) ― едната од двете бањи во состав на Дебарските бањи во подножјето на планината Крчин, на надморска височина од 870 метри. Сместено е во истоименото село, на 4 километри северозападно од градот Дебар.[1]

Зградата на хотелот Баниште во истоимената бања

Местоположба

До бањата, како и до самото село Баниште, води асфалтен пат, кој се двои од регионалниот пат 1202.[1]

Историја

Двата базени (Горен и Долен амам), кои и сега се користат, се изградени во далечната 1797 година, а првиот современ хотел во 1925 година. Денес, во бањата има два хотела и 6 вили со вкупен капацитет од 400 легла. Годишно во бањата престојуваат по околу 10.000 посетители, кои остваруваат просечно 80.000 ноќевања.[1]

Дебарските Бањи до Втората светска војна

Извори

Бањата поседува три термоминерални извори наречени Нова Каптажа, Горни Базен и Долни Базен. Изворите се предиспонирани со длабински раседи, а наоаѓаат во терен покриен со флувиоглацијални сегменти и термален бигор. Вкупното количество вода од трите извори изнесува 90 л/сек со температура помеѓу 36 °C и 39 °C и радиоактивност од 17 до 27 м.е..[1]

Највисока температура на водата има изворот Долни Базен, која изнесува 39,3 °C. Најниска температура на водата има во Горни Базен, каде изнесува 36 °C, додека во Новата Каптажа има вредност од 38,8 °C. Штедроста на Новата Каптажа изнесува преку 51 л/сек, во Долниот Базен 35 л/сек, а во Горниот Базен 5,2 л/сек. Според тоа температурата на водата изнесува околу 38 °C, а количеството на вода околу 91 л/сек. Радиоактивноста е најголема во Новата Каптажа, каде изнесува 26,75 м.е., во Горниот Базен е 20,65 м.е., а во Долниот Базен 16,89 м.е..

По хемискиот состав, водата спаѓа во групата сулфурно-карбонатни, земно-алкални и мурјатични води. Во себе содржи растворени гасови, особено сулфурводород и јаглерод диоксид. Тие, заедно со високата температура и радиоактивност, преку капење и пиење успешно лекуваат повеќе видови болести како ревматични, гинеколошки и кожни болести, како и воспаление на дишните органи.[1]

Водите во ова лекувалиште може да се користат и во рекреативно-превентивна и рехабилитациска смисла.

Галерија

Наводи

Надворешни врски

41°33′32.41″N 20°41′50.09″E / 41.5590028° СГШ; 20.6972472° ИГД / 41.5590028; 20.6972472