Бугарски централен акционен комитет

Бугарскиот централен акционен комитет е раководно тело на асоцијацијата Бугарските акциони комитети кое било формирано на територијата на Вардарска Македонија. Целта на комитетот е да им помогне на новите бугарски власти полесно да ја воспостават контролата над штотуку окупираниот дел на Македонија.[2]

Пропагандна слика, направена најверојатно во Софија, за време на операцијата на силите на Оската врз Југославија во април 1941 година.[1]

Формирање на комитетот

Вардарска Македонија во рамките на географскиот регион Македонија

Бугарскиот централен акционен комитет е формиран на 6 април 1941 година, а неговото седиште се наоѓало во Скопје.[2] Негов претседател бил адвокатот Стефан Стефанов, а за секретар бил назначен Васил Хаџи-Кимов. Комитетот бил под покровителство на бугарската држава и бил создаден од страна на дел од македонската интелигенција која била вдаховена од бугарската идеја.[2] Комитетот пред германските воени власти себеси се претставувал како единствен правен субјект сè до доаѓањето на новата бугарската власт. По Априлската војна на територијата на Вардарска Македонија се формираат останатите јадра на асоцијацијата кои се познати како Бугарски акциони комитети, составени од еден дел на македонското население кое било задоено од вековната бугарска пропаганда[2] и група на бугарски граѓани со македонско потекло[2] кои по окупацијата пристигнале во овој дел на Македонија. Официјално Комитетот започнал да егзистира по доаѓањето на бугарските власти на 13 април 1941 година.[3] Еден дел од историчарите истакнуваат дека некој од македонските национални дејци како што се Панко Брашнаров, Страхил Гигов и Методија Шаторов - Шарло гледале со симпатии кон овие комитети.[4]

Цел на комитетот

Комитетот бил формиран во деновите кога започнала Априлската војна и кога веќе било евидентно дека во Македонија ќе се воспостави нова бугарска власт.[2] Комитетот имал две задачи, најпрво, да се созададат услови за доаѓањето на бугарските власти и војската во овој дел на Македонија и организирање на населението за свечен пречек на бугарските сили.[5][6][7] Притоа комитетот успеал да привлече дел од македонското население кое одамна било задоено од бугарската пропаганда[2][8][9][10] Тој ja прифатил бугарската воjска како ослободителка од српскиот гнет,[11][12][13] меѓутоа комитетот се послужил и со старите пропагандни средстава како што биле паричните и другите надоместоци за лицата кој учествувале во пречекот на бугарската администрација.[2] Со организирањето на населението за пречек на бугарските административни власти, требало пред светот да се покаже дека Бугарија, ослободила дел од својата територија и дека ја има поддршката на неселението на ново-анектираната територија, односно

главна цел на БЦАК е да ја оправада бугарската окупација на Вардарска Македонија.[2]

Втората задача која е поврзана со првата, а тоа е ширење на бугарскиот национален дух меѓу Македонците, односно создвање на услови за трајна анексија на овој дел од Македонија и зацврстување на бугарската власт. Во тој дух Комитетот издавал и свој весник Македонија за ширење на своите пропагандни идеи.

Распуштање

Странски пропаганди во Македонија

На 7 јули 1941 година новата бугарска власт издала наредба за распуштање на Комитетот и еден дел од членовите на комитетот влегле во новата бугарска администрација. Меѓу историчарите постојат две гледишта за причините за растурање на комитетот. Според првото гледиште, комитетот е распуштен бидејќи бугарските власти немале повеќе потреба од него бидејќи успешно ја воспоставиле својата власт во овој дел на Македонија.[2] Според второто гледиште, причина за распуштање е составот на Бугарските акциони комитети, односно неговите членови. Најголемиот дел од членовите на овие комитети биле поранешни дејци на ВМРО (Автономистичка), ВМРО (Обединета) и ММТРО кои се залагале за самостојана македонска држава. И затоа не треба да зачудува фактот што меѓу овие дејциии како симпатизери се јавуваат и Панко Брашнаров и Страхил Гигов, имено бугарската влада плашејќи се да не и излезе од контрола БЦАК решава да го распушти само неколку месеци по неговото формирање.[14]

Бугарската историографија и БЦАК

БЦАК бугарската историографија го третира како асоцијација на Бугарите во Вардарска Македонија кои биле против српската власт и преку неговата дејност сакаат да укажат дека населението во овој дел на Македонија ја посакувал бугарската власт и не ја чувствувал како туѓа, и тоа преку свечените пречекувања на бугарската армија и администрација во режија на БЦАК. Притоа се укажува на врски на неколку македонски дејци како симпатизери на бугарштината,[15] иако Шарло го истакнува токму спротивното.[16][17]

Извори и белешки