Ќуприја

Ќуприја или Ќупри (грчки: Γεφυρούδι, Гефируди; до 1927 г. Κιουπρή, Ќупри[2]) — село во Валовишко, Егејска Македонија, денес во општината Долна Џумаја на Серскиот округ, Грција. Населението брои 717 жители (2011).

Ќуприја
Γεφυρούδι
Ќуприја is located in Грција
Ќуприја
Ќуприја
Местоположба во областа
Ќуприја во рамките на Долна Џумаја (општина)
Ќуприја
Местоположба на Ќуприја во Серскиот округ и областа Централна Македонија
Координати: 41°9′N 23°22′E / 41.150° СГШ; 23.367° ИГД / 41.150; 23.367
ЗемјаГрција
ОбластЦентрална Македонија
ОкругСерски
ОпштинаДолна Џумаја
Општ. единицаПросеник
Надм. вис.&1000000000000003000000030 м
Население (2011)[1]
 • Вкупно717
Час. појасEET (UTC+2)
 • Лето (ЛСВ)EEST (UTC+3)

Географија и местоположба

Селото е сместено во Серското Поле, на 20 км северозападнно од градот Сер и на 5 км северно од селото Просеник, крај железничката линија Кулата-Валовишта-Сер-Драма, на надморска височина од 30 м.[2]

Историја

Во Отоманското Царство

Во отоманскиот збирен даночен список на немуслиманското население од вилаетот Тимур Хисар од 1616-1617 година селото е наведено под името Ќуприе со 55 домаќинства.[3]

Во XIX век Ќуприја било мешано македонско-турско село во Демирхисарската (Валовишка) каза на Серскиот Санџак. Во „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“ се вели дека во 1873 г. во Куприј (Kuprii) имало 110 домаќинства и 350 жители Македонци.[4][5]

Во 1891 година Георги Стрезов за селото напишал:

Ќупри, на два часа јужно од Демир Хисар, во Серското Поле. Земјата е плодна и сува; произведува памук и сусам. Грчка црква и училиште. 50 турски и 30 христијански (македонски) куќи.[6]

Христијанското население на селото било под влијание на Цариградската патријаршија. Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 г., во селото Ќуприја имало 500 жители, од кои 320 Македонци, 120 Турци и 30 Роми.[4][7] По податоци на егзархискиот секретар Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 г. во Ќуприја имало 240 Македонци под врховенство на патријаршијата и во селото работело грчко училиште.[4][8]

Во Грција

Во Првата балканска војна Ќуприја е окупирана од Бугарија, но по Балканските војни во 1913 г. селото е припоено кон Грција согласно Букурешкиот договор, кога броело 482 жители. Селото тешко настрадало во Втората балканска војна, кога дел од македонските жители побегнале во Бугарија. Во 1920 г. броело 322 жители.[2]

Во 1924 г. по сила на Лозанскиот договор муслиманското население е иселено во Турција. На нивно место се населиле 38 бегалски семејства (вкупно 142 бегалци) од Источна Тракија, така што селото станало мешана населба. Во 1927 година, името на селото било променето во Гефируди (Γεφυρούδι), што значи „мост“.[2]

Во 1941 г. селото е окупирано од бугарски единици, кои во него завеле 472 жители.[4][2]

Стопанство

Селото е многу богато, бидејќи располага со мошне плодно земјиште кое се наводнува од реката Струма и Бутковското Езеро, а поради климатските услови земјата дава по две до три високоприносни реколти. Населението произведува големи количини на памук, жито, пченка и други земјоделски производи. Внимание му се посветува и на краварството.[2]

Население

Еве преглед на населението во сите пописни години, од 1940 г. до денес:

Година194019511961197119811991200120112021
Население679801989826794793729717
Извор за 1940-1991 г.: Т. Симовски, Населените места во Егејска Македонија

Самопурава и политика

Во 1946 година, селото станало самостојна општина, а атарот на општината опфаќал површина од 10 квадратни километри.[2] Општината Ќуприја била приклучена во општината Просеник во 1997 година, која била укината во 2011 година и станала дел од поголемата општина Долна Џумаја.

Селото припаѓа на општинската единица Просеник со седиште во истоименото село, која припаѓа на поголемата општина Долна Џумаја, во округот Сер. Воедно, селото е дел од општинскиот оддел Ќуприја, во кој е единствено село.

Наводи