Кладоропски манастир
Кладоропски манастир „Успение на Пресвета Богородица“ (грчки: Κοιμήσεως της Θεοτόκου) — манастир кај селото Кладороби, Леринско, Егејска Македонија. Влегува во состав на Леринско-преспанско-еордејската епархија на Цариградската патријаршија.[1]
Кладоропски манастир | |
---|---|
Успение на Пресвета Богородица | |
Κοιμήσεως της Θεοτόκου | |
Поглед на манастирската црква | |
40°49′29″N 21°23′0″E / 40.82472° СГШ; 21.38333° ИГД | |
Место | Кладороби, Леринско |
Земја | Егејска Македонија, Грција |
Вероисповед | Цариградска патријаршија |
Архитектура | |
Изградба | 1803 / 1955 |
Управа | |
Архијерејско намесништво | Леринско |
Епархија | Леринско-преспанско-еордејска |
Манастирот е основан на крајот од XVIII век со средства на мештаните и жители на Лерин.[1] Според митрополискиот секретар Васил Трифонов, годината на основање е 1803.[2]
По случаен пожар манастирот изгорел и бил обновен во 1880 г. со трудот на селаните од Кладороби и околните села.[3]
За време на грчката вооружена пропаганда во Македонија на почетокот на XX век манастирот бил запоседнат како седиште на андартските чети во нивната борба против комитите на ВМОРО. Тогаш се подигнати нови конаци со помош од леринските еснафи.[1] Сè до крајот на отоманското владеење останал во патријаршиски раце.[2] Манастирот бил имотен и имал стада овци и крави, како и 7 хектари земја.[3]
По Балканските војни манастирот се запустил.[1] За време на Првата светска војна служел како воена болница за единици на Антантата.[3]
Во 1955 г. Кладоропскиот манастир е обновен од митрополитот Василиј Лерински.[1]