Битолски партизански одред „Гоце Делчев“

(Пренасочено од НОПО „Гоце Делчев“)

Битолскиот Народноослободителен Партизански Одред „Гоце Делчев“ (формиран кај с. Прекопана на планината Вич, Костурско, 22 мај 1943 – Тиквешијата, средината на септември 1943).

Одредот бил формиран од борците на Битолско-преспанскиот НОПО „Даме Груев“ и новопристигнатите борци. При формирањето броел 56 борци, но набрзо достигнал 80 борци.[1]

Битки и акции

На леринско-костурската територија, одредот имал повеќе акции кај селата: Вишени, Черешница, Блаце, Жервени, Дреновени, Чрновишта и Поздивишта.[2] Заедно со Леринскиот НОПО „Вичо“ ги разоружал контрачетниците на леринско-костурското подрачје (23 мај – 1 јуни). Потоа се префрлил во Битолско (11 јуни), каде што извршил напад на италијанската караула меѓу селата ГерманБрајчино, кај с. Лавци водел борба против бугарската полиција (23 јуни), а кај селото Рајца, на пл. Баба и на Сливничка Планина (во Преспа) водел борба против италијанските карабинери (2–8 август).

По капитулацијата на Италија, кај селото Отешево разоружал група од 60 италијански војници, а кај селото Љубојно, заедно со Одредот „Даме Груев“, разоружале над 200 италијански војници. По наредба на Главниот штаб на НОВ и ПОМ (прва половина на септември 1943 година), одредот се поделил на два дела – едниот дел останал во Преспа, а главнината заминала на планината Кајмакчалан и Кожуф, вршејќи диверзии на железничката линија ЛеринВоденСолун и ја онеспособувал за сообраќај. По митинзите во селата во Чеган, Кронцелево (Воденско), Попадија (Леринско), Саракиново, Горно и Долно Родево (Мегленско) и Тиквешко, влегол во состав на баталјонот „Страшо Пинџур“. Делот што останал во Преспа влегол во составот на баталјонот „Стив Наумов“.[3][4]

Наводи