Парвиз Моин

Парвиз Моин (персиски: پرویز معین Parviz Mo'in, р. 23 октомври 1952 во Техеран) — професор по машинско инженерство на универзитетот „Стенфорд“ и проучувач на динамиката на флуиди. Тој е еден од најчесто цитираните истражувачи во неговата дејност.

Животопис

Моин, кој е по потекло од Иран, моментално живее во Калифорнија, САД. Тој дипломирал на отсекот за машинско инженерство на Универзитетот во Минесота во 1974 год., а потоа и стекнал две магистерски титули на програмите за математика и машинско инженерство, пред да докторира во областа на машинското инженерство на универзитетот „Стенфорд“ во 1978 година.[1] Во 1981 год. Моин станува натурализиран американски државјанин. Работи неколку години во истражувачкиот центар „Ејмс“ на НАСА пред да се приклучи на наставно-истражувачкиот кадар на универзитетот „Стенфорд“ во 1986 година.

Истражување

Моин е пионер во комјпутерската динамика на флуиди. Тој пред сè е познат за неговите директни бројчени симулации и симулации со големи витли за проучување на турбулентноста. Моин има објавено бројни трудови со модели за турбулентни текови, особено под влијание на сили на смолкнување, во близина на ѕидови, интеракција на шоковни бранови и турбулентност, аеродинамичка бука и паралелна обработка на податоци.

Професорот Моин, од 1987 год., е основач и единствен директор на Центарот за инстражување на турбулентност, како соработка меѓу „Стенфорд“ и „Ејмс.“[2]

Награди и признанија

Моин е добитник на бројни државни и меѓународни награди и признанија за неговата истражувачка и наставна дејност. Меѓу најзначајните може да се вбројат:

  • Медал на НАСА за исклучителни научни достигнувања (1985)
  • Награда на законот за вселената
  • Награда „Лоренс Спери“ од Американскиот институт за аеронаутика и астронаутика
  • Награда „Хумболдт“ од СР Германија
  • Член на Американското друштво на физичари
  • Член на Националната академија за инженерство (САД)[3]
  • Награда за динамика на флуиди на Американското друштво на физичари (1996)
  • Член на Американската академија на уметностите и науките (2010)[4]
  • Член на Академијата на науките на Соединетите Американски Држави (2011)

Наводи