Страде Бјанке

италијанска велосипедска трка

Страде Бјанке (италијански: Strade Bianche; службено: Страде Бјанке - Ероика Про) — годишна професионална велосипедска еднодневна трка која се одржува во Тоскана, средишна Италија, започнувајќи и завршувајќи во градот Сиена. Првото издание на трката било во 2007 година, секогаш во првата или втората сабота од март. Името „Страде Бјанке“ (италијански за „бели улици“) потекнува од историските бели патчиња со чакал кои се одлика на трката. Повеќе од 50 километри од трката се одржуваат на такви патишта.[1]

Страде Бјанке
За трката
Датумпочеток на март
РегионТоскана,  Италија
Месно имеStrade Bianche - Eroica Pro (италијански)
ДисциплинаДрумски велосипедизам
НатпреварувањеСветска турнеја на UCI
ВидЕднодневна трка
Директор на тркатаМауро Вењи
Историја
Прво одржување2007 (2007)
Одржувања16 (до 2022)
Прв победник Александар Колобнев (РУС)
Најмногу победи Фабијан Канчелара (ШВА) (3 победи)
Неодамнешен победник Тадеј Погачар (СЛО)

И покрај релативно кратката историја, Страде Бјанке брзо стекнала престиж.[2] Во 2017 година, трката била вклучена по првпат во Светската турнеја.[3][4] Таа е организиран од RCS Sport и се одржува една седмица пред Тирено-Адријатико како рана пролетна подготовка на калдрмисаните класици во април. Швајцарецот Фабијан Канчелара го држи рекордот по број на победи, со три победи.[5]

Од 2015 година во истиот ден како машката трка се одржува и Страде Бјанке Доне, женска верзија на трката. Настанот е дел од Светската турнеја и се одржува на половина растојание од машката трка и содржи околу 17 километри патишта од чакал поделени на пет сектори.[6]

Историја

Фабијан Канчелара победил во 2008 година во двобојот со Алесандро Балан.

Монте Паски Ероика

Ероика Страде Бјанке („Херојска трка на патиштата од чакал“) била создадена во 1997 година како гранфондо, рекреативна велосипедска трка единствено за стари велосипеди, на патишта од чакал околу Сиена,[7] настан кој сѐ уште се одржува секоја година еден ден по професионалната трка.[1]

Во 2007 година била одржана и професионална трка, првично наречена Монте Паски Ероика, освоена од Русинот Александар Колобнев. Трката била одржана на 9 октомври; започнала во Гаиоле ин Кјанти и завршила во Сиена. Организаторот RCS ги прашал локалните велосипедски легенди Фјоренцо Мањи и Паоло Бетини да го промовираат настанот.[8] Монте деи Паски, најстарата банка во светот со седиште во Сиена, била главен спонзор на трката првите четири години.

Во 2008 година била префрлена на почетокот на март во календарот, поблизу до пролетниот дел од сезоната на пролетните класици.[9] Швајцарецот Фабијан Канчелара го освоил второто издание. Во 2009 година, организаторите го промениле името на трката во „Страде Бјанке - Ероика Тоскана“, а во 2010 година само во „Страде Бјанке“. Трката, исто така, била продолжена за 9 километри и бил додаден уште еден дел со чакал, зголемувајќи го тој дел на 57 километри.[10]

Страде Бјанке - Ероика Про

Во 2014 година, почетокот на трката бил префрлен во ридскиот град Сан Џимињано.[11] Во 2015 година, името било официјално променето во „Страде Бјанке - Ероика Про“ по создавањето на женската верзија и добивањето категорија 1.HC од страна на Европската турнеја. Од 2016 година, Сиена е домаќин на почетокот и целта на Страде Бјанке.[1] Поради природата на трката и нејзиното место во календарот, на нејзе главно настапуваат возачи кои учествуваат на Тирено-Адријатико и на Милано-Санремо.

Иако млад настан, трката стекнала статус на инстантен класик, привлекувајќи големо медиумско внимание и наскоро станал настан за многу велосипедисти.[2] Помеѓу победниците на првите десет изданија се Фабијан Канчелара, Филип Жилбер и Михал Квјатковски. Во 2013 година, Морено Мозер станал првиот италијански победник. Специјалистот за класици Канчелара е единствениот трикратен победник на трката, со што заслужил еден сектор со чакал да биде наречен по него.[5]

Рута

Пјаца дел Кампо во Сиена, местото на целта на Страде Бјанке.

Тек

Трката започнува и завршува во градот на УНЕСКО, Сиена.[1] Рутата се состои од 176 километри на ридест терен низ јужниот дел на Тоскана, вклучувајќи девет сектори со чакал, во вкупна должина од 52,8 километри.[12][13] Целта е на сликовиот Пјаца дел Кампо во Сиена по стрмно и тесно искачување кое води до срцето на средновековниот град.[14] Трката често се одлучува во завршните метри.[5][15]

Патишта од чакал

Белите патишта од чакал, карактеристични за пејзажот на Тоскана, обезбедуваат посебност на трката. Тие обично се патишта до фармите, наречени „страде бјанке“ или „стерати“ на италијански, вртејќи низ ридовите и лозјата во областа Кјанти.[16] Најдолг и најнапорен сектор е Лучињано д’Асо (9,5 км), како и Ашано (11 км).[17] Некои од секторите се рамни, додека други сектори вклучуваат стрмни искачувања и кривулести спустови, што ги испробува вештините на велосипедистите за искачување и ракување со велосипедот. Положбата и знаењето за рутата често се покажуваат клучни.

Еден од „белите патишта“ во покраината Сиена, фотографирано за време на рекреативната трка „Ероика“.

Организаторите на трката биле поттикнати од двата светски познати класици, обединувајќи ги посебноста со стрмните искачувања на Трката околу Фландрија и пеколните сектори со калдрма на Париз-Рубе.[18] Често била нарекувана италијански одговор на најиконските еднодневни трки во Фландрија, како што била и претставена преку слоганот во 2015 година: „Најјужниот северен класик во Европа“ (La Classica del Nord più a sud d'Europa).[18]

Анџело Ѕомењан, еден од директорите на RCS, објаснил пред првото издание во 2007 година: „На велосипедизмот му треба нешто ново и на возачите им треба мотивација [...] Оваа трка е посебна и специјална“.[19] Слично, италијанскиот спринтер Даниеле Бенати бил подеднакво ентузијаст околу трката, изјавувајќи: „Беше сензација да се вратиш во времето. Не мислев дека патишта како овие, каде може да видиш само трактор, сѐ уште постојат [...] Ќе биде важна трка која ќе стане важен класик. Веќе можам да ја замислам атмосферата при пристигнувањето на Пјаца дел Палио“.[19]

Возачите кои имаат три победи на Страде Бјанке имаат сектор со чакал наречен по нив.[20] Фабијан Канчелара е првиот возач со свој сектор: секторот 8 во должина од 11,5 километри кај Монте Санте Марие.[5][21][22][23][24]

Победници

Фабијан Канчелара (фотографиран во 2012 г.) ја освоил трката во 2008, 2012 и 2016 година.
ГодинаЗемјаВозачЕкипа
2007  РусијаКолобнев, АлександарАлександар КолобневТим ЦСЦ
2008  ШвајцаријаКанчелара, ФабијанФабијан КанчелараТим ЦСЦ
2009  ШведскаЛефквист, ТомасТомас ЛефквистТим Колумбија-Хај Роад
2010  КазахстанИглински, МаксимМаксим ИглинскиАстана
2011  БелгијаЖилбер, ФилипФилип ЖилберОмега Парма-Лото
2012  ШвајцаријаКанчелара, ФабијанФабијан КанчелараРадиоШек-Нисан
2013  ИталијаМозер, МореноМорено МозерКанондејл
2014  ПолскаКвјатковски, МихалМихал КвјатковскиОмега Парма-Квик Степ
2015  ЧешкаШтибар, ЗдењекЗдењек ШтибарЕтикс-Квик Степ
2016  ШвајцаријаКанчелара, ФабијанФабијан КанчелараТрек-Сегафредо
2017  ПолскаКвјатковски, МихалМихал КвјатковскиТим Скај
2018  БелгијаБенот, ТишТиш БенотЛото-Судал
2019  ФранцијаАлафилип, ЖилијанЖилијан АлафилипДекојнинк-Квик Степ
2020  Белгијаван Ерт, ВаутВаут ван ЕртЏамбо-Висма
2021  Холандијаван дер Пул, МатјеМатје ван дер ПулАлпесин-Феникс
2022  СловенијаПогачар, ТадејТадеј ПогачарОАЕ Тим Емирати

Повеќекратни победници

ПобедиВозачИзданија
3  Фабијан Канчелара (ШВА)2008, 2012, 2016
2  Михал Квјатковски (ПОЛ)2014, 2017

Победи по држави

ПобедиДржава
3  Белгија
 Швајцарија
2  Полска
1  Италија
 Казахстан
 Русија
 Франција
 Холандија
 Чешка
 Шведска
 Словенија

Наводи

Надворешни врски