Ex Ponto (книга на Иво Андриќ)

Ex Ponto - збирка со песни во проза на Иво Андриќ. Првобитно, книгата била објавена во 1918 година во издание на „Књижевни југ“ од Загреб.[1]

Содржина

Книгата се состои од три дела и епилог. Во првиот (мариборски) дел се содржани сеќавања за деновите поминати во затворот, за студот и стравот кои се јавуваат ноќе, за болката на мајката на авторот, за неговиот дом, за двете пропаднати љубовни врски, а во овој дел се појавува и имагинарната личност од творештвото на Андриќ - Елена. Вториот дел содржи сеќавања, размислувања и лирски описи од периодот по излегувањето од затворот: размислувања за жените, за осаменоста, за злото во луѓето и за природата, случки од патувањето со воз, прославата на Велигден, смртта на Никола Балта итн. Третиот дел се состои од сеќавања и размислувања за осаменоста, за недостатоците на луѓето, за здодевниот провинциски живот, за непроспиените ноќи, за замислената идеална жена, за есента и пролетта, за иднината, за Бога, за смртта, итн. Сепак, наспроти тмурното расположение што провејува низ книгата, таа завршува оптимистички, истакнувајќи ја убавината на животот.[2]

Наводи