Ајватовци

село во Општина Илинден

Ајватовци — село во рамките на Општина Илинден, во околината на градот Скопје.

Ајватовци

Поглед на селото Ајватовци и Скопското Поле со индустриската зона Бунарџик од Ајватовски Рид

Ајватовци во рамките на Македонија
Ајватовци
Местоположба на Ајватовци во Македонија
Ајватовци на карта

Карта

Координати 42°3′49″N 21°36′37″E / 42.06361° СГШ; 21.61028° ИГД / 42.06361; 21.61028
Регион Скопски
Општина Илинден
ОбластСкопско Поле
Население247 жит.
(поп. 2021)[1]

Повик. бр.02
Шифра на КО25001
Надм. вис.320 м
Ајватовци на општинската карта

Атарот на Ајватовци во рамките на општината
Ајватовци на Ризницата

Географија и местоположба

Глетка од Ајватовци со Бунарџик и аеродромската писта на Скопскиот аеродром во позадината, од ридот од запад

Ајватовци се наоѓа во источниот дел на Скопската Котлина во рамките на Општина Илинден на само неколку километри од автопатот Скопје - Куманово од неговата лева страна.[2]

Селото е рамничарско и лежи на надморска височина од 320 метри.[2] Расположено е во подножјето на Ајватовски Рид, на допирот помеѓу возвишението (429 м) на север и котлинското дно на југ (233 м).[3]

Низ селото минува асфалтниот пат кој води кон селата Мршевци, Бујковци, Бучинци и Миладиновци, додека на самата средина на селото кон југ (десно) се одвојува патот за селото Бунарџик. Атарот на селото зафаќа површина од 9,1 км2, од кои 383 хектари зафаќа обработливото земјиште, 339 хектари пасиштата и 40 хектари шумите.[2] Низ Ајватовци минува патот кој од општинското средиште Илинден води кон селата Мршевци, Бучинци и Бујковци, како и кон Бунарџик. Северно од селото избива изворот Густ Габер.

Историја

Денешното село Ајватовци потекнува од крајот на XVIII век.[3] Како што е случај со повеќето околни села, тоа најверојатно било уништено и опустело по Карпошевото востание и Австриско-турската војна во 1689 година, а по неколку века пак се обновило. Основач на Ајватовци кон крајот на XVIII век бил некој Давин, од кого потекнува селскиот род Давиновци.[3] По нив се доселил родот Пешеви, а последен се доселил родот Тасеви. Во првата половина на XIX век Ајватовци станало чифлик на Мемет-бег од Скопје.[3]

Во XIX век, селото е дел од нахијата Чаирско Поле (Блатија) во Скопската каза во Отоманското Царство. Според опширните османлиски дефтери за населението на Скопската Каза од 1832/33 година, селото било забележано како Ајватли со христијанско население и имало 33 христијански домаќинства . На овој попис биле забележани 135 мажи христијани, со 23 новороденчиња. Се проценува дека селото во тој период имало 316 жители.[4]

Стефан Верковиќ во 1857 го бележи со 244 жители.[5]

Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во селото Ајватовци имало 190 жители, сите Македонци христијани[6].[7] По податоците на секретарот на Бугарската егзархија, Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“) во 1905 година во Ајватовци имало 176 жители.[8] До 1912 година сите селани работеле на чифликот, а по заминувањето на Турците добиле земја со аграрната реформа.

После Втората балканска војна, 1913 г. селото влегува во границите на Србија, каде е дел од Општина Бунарџик и има 197 жители.[9]

Според германска карта издадена во 1941 година, а заснована на пописот на Кралство Југославија во 1931 година, селото имало 300 Македонци.[10]

На потезите Клинчарица и Црквиште (каде што се наоѓал камен крст на Св. Петар, а денес е изградена истоимената црква) селаните често ископувале и изорувале ќерамиди и грнчарија од понапрешното население.

Стопанство

Глетка од Ајватовци

Според составот на атарот, селото Ајватовци има исклучиво полјоделска функција.[2] Населението на Ајватовци поради својата погодна положба највеќе се занимава со земјоделство, односно со полјоделство и сточарство. Од полјоделството најзастапено е одгледувањето на жита, посебно пченица, јачмен и овес, фуражни и индустриски култури како луцерка и граор. Во голема мера е застапено и градинарството односно одгледувањето на пиперки, домати, кромид, марули, моркови.

Од сточарството најзастапено одгледувањето на крупна стока односно краварството, за што е погоден и самиот терен. Покрај погодноста на теренот, за развојот на краварството и млекопроизводството кај населението на Ајватовци, највеќе влијае и непосредната близина на некогашната млекарница „Сведмилк“ како и неколку други млекарници непосредно до селото. Во помала мера, но сепак доста застапено е и одгледувањето на ситната стока како овците и козите. Живинарството и одгледувањето домашни птици е застапено во голема мера, поради самиот терен и близината на повеќе приватни живинарски фарми како и некогашната живинарска фарма „Белимбегово“.

Ридскиот терен околу Ајватовци е погоден и за лозарство, па така лозјата се во голема мера застапени во подножјето на ридот непосредно источно и западно од селото. Исто така јужно од селото има и повеќе плански насадени овоштарници со јаболка, слива, круши, цреши, кајсии, праски, бадеми и лешници.

Покрај со земјоделство дел од населението се занимава и со други стопански гранки, односно работа во фабриките на економската зона „Бунарџик“, Рафинеријата „ОКТА“ и големиот број на индустриски погони и хали во индустриската зона „Илинден“ во непосредна близина на Ајватовци. Од неодамна на самиот почеток на патот кој води кон Ајватовци се подгинати повеќе нови големи погони, продажни салони и стоваришта на компании млекарницата „Суташ“ поранешната „Сведмилк“, „DHL“, „Интергрос“ во кои исто така работат жители на Ајватовци. Некои од жителите имаат и сопствени бизниси, за што сведочат нивните убави, големи и богато уредени куќи.

Поради сувото земјиште Ајватовци (заедно со Бучинци) во минатото биле едни од најсиромашните села во целата област, при што жито за прехрана од своите ниви имале само за 6 месеци, а по свои кажувања страдале и за „еден пипер“.[3] За разлика од денешните услови, порано во минатото во Ајватовци поразвиено било сточарството и тоа одгледувањето кози при што секоја куќа имала по 25 глави, односно вкупно 1300 овци.[3] Од 1961 година со создавање на лозарското стопанство од Арачиново кое зафатило голем дел од пасиштата,[3] како и земјоделското стопанство и големите зафати за подобрување на квалитетот на почвата почнале и промените во земјоделското стопанисување на населението во Ајватовци. На ридовите северно од селото во минатото постоела шума која била исечена во времето кога Турците правеле барут во соседното село Белимбегово.[3]

Во поново време, почнувајќи од 2008 година со акцијата „Ден на дрвото“, овие ридови северно од селото активно се пошумуваат со зимзелени дрвја.

Население

Население во минатото
ГодинаНас.±%
1948416—    
1953422+1.4%
1961390−7.6%
1971292−25.1%
1981239−18.2%
ГодинаНас.±%
1991204−14.6%
1994225+10.3%
2002232+3.1%
2021247+6.5%

Според пописот од 2002 година во Ајватовци живееле 232 жители, од кои 231 Македонец и 1 Србин.[11]

Селото Ајватовци забележало мало опаѓање, а меѓу последните 2 пописи и пораст на бројот на жителите и во основа покажува тенденција на демографска стабилност во односно на бројот на населението. Тоа се должи на поволните животни услови кои се резултат на местоположбата и добрата патна поврзаност со Скопје, големиот број економски објекти во непосредната близина, плодната почва за земоделство итн. Во 1961 година во селото Ајватовци живееле 390 жители, а во 1994 година имало 225 жители.[2] Во селото има поголем број на деца и неколку многудетни семејства.

Според последниот попис од 2021 година, во селото живееле 247 жители, од кои 235 Македонци, 1 останат и 11 лица без податоци.[12]

Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:

Година19001905194819531961197119811991199420022021
Население190176416422390292239204225232247
Извор за 1900 г.: Македонија. Етнографија и статистика.[13]; за 1905 г.: La Macédoine et sa Population Chrétienne.[14]; за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.[15]; за 2021 г.: Државен завод за статистика на РМ.[16]

Родови

Населението на Ајватовци отсекогаш го сочинувале исклучиво Македонци, православни христијани.

Според истражувањата од 1961 година, родови во селото се

  • Доселеници: Давиновци (4 к.) најстари во селото. Доселени се од некое село во Прилепско. Го знаат следното родословие: Тодор (жив на 80 г. во 1961 година) Стојан-Илија-Младен-Давин, основачот на родот кој се доселил; Милеви (4 к.) доселени се од некое село во Прилепско; Божинови (5 к.), Николеви (3 к.) и Аврамови (2 к.) доселени се од селото Кокошиње кај Куманово. Божинови порано биле познати како Субашини. Го знаат следното родословие: Цветко (жив на 60 г. во 1961 година) Илија-Ѓуро-Божин, основачот на родот; Пешеви (3 к.), Јовчеви (6 к.), Ивкови (1 к.), Ѓоргеви (1 к.), Стевкови (4 к.), Нешеви (4 к.), Најдеви (2 к.), Аџијеви (2 к.), Стојчеви (1 к.), Димеви (8 к.) и Тасеви (2 к.) доселени се, но не знаат од каде.[3]

Самоуправа и политика

Селото влегува во рамките на Општина Илинден, една од малкуте општини кои не биле изменети со новата територијална поделба на Македонија во 2004 година. Во периодот од 1996-2004 година, селото било во рамките на некогашната Општина Илинден.

Во периодот од 1965 до 1996 година, селото се наоѓало во рамките на големата општина Кале. Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од некогашната Општина Петровец.

Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Бунарџик, во која покрај селото Ајватовци, се наоѓале и селата Белимбегово, Бујковци, Бунарџик, Бучинци, Дељадровци, Марино, Миладиновци, Мршевци и Текија. Во периодот 1950-1952 година повторно постоела Општина Бунарџик, во која влегувале селата Ајватовци, Бунарџик, Белимбегово, Марино и Миладиновци.

Личности

Личности родени во Ајватовци:

Културни и природни знаменитости

Цркви[17]
  • Црква „Св. Трифун“ — главна селска црква во долот помеѓу двата рида во горниот дел на селото.
  • Црква „Св. Петар и Павле“ — се наоѓа на ридот над самото село и се забележува како знаменитост од сите страни. Во дворот непосредно до црквата стои стар камен крст, за кој може да се претпостави дека можеби е подигнат во 1844/45 поради натписот на таа година во грбот на Ајватовци кој стои придружните згради во дворот на црквата.

Иселеништво

Иселеници од Ајватовци има во соседните села: во Белимбегово (Илинден) од родот Давиновци додека тамошниот род Шкодреви води потекло од Ајватовци; во Кадино од родот Ѓореви; во Бунарџик од Ајватовци потекнуваат тамошните родови Петковци, Ангелкови, Пешевци и Ивковци; во Дељадровци од родот Стојчеви; родот Дедо-Ваневци во Агино Село води ајватовско потекло, а во Скопје има иселеници од родот Давиновци.[3]

Галерија

Наводи

Надворешни врски

🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица