Интуиција

За интуицијата во филозофијата, види Интуиција (филозофија).

Интуиција е способноста за стекнување со знаење без донесување заклучоци и/или употреба на разумот.[1] Зборот „интуиција“ доаѓа од латинскиот збор intueri кој најчесто се преведува како „да погледне внатре“ или „да расудува“.[2] Интуицијата нè снабдува со верувања кои ние не можеме секогаш логички да ги оправдаме. Од оваа причина, таа е предмет на проучување на психологијата, како и предмет на интерес во сферата на натприродното. „Десниот мозок“ многу често се поврзува со интуитивните процеси какви што се естетските способности.[3][4][5] Некои научници тврдат дека интуицијата е поврзана со иновациите во научните откритија.[6] Интуицијата исто така е честа тема во Њу Ејџ литературата.[7]

Во психологијата

Според швајцарскиот психолог Карл Густав Јунг интуицијата е еден од четирите психолошки типови или функции на егото. Во овој ран модел на психата на личноста, интуицијата е спротивставена на осетите по една оска, а чувствата се спротивставени на мислењето по друга оска. Јунг тврди дека во дадена личност, една од овие четири функции е првична, најизразена и развиена во свеста. Спротивната функција обично е слабо развиена кај истото лице. Останатиот пар (од другата оска) е свесно активна, но во помал степен во однос на основната функција. Оваа шема е веројатно попозната денес како типологија на Мајерс-Бригс.

Во психологијата, интуицијата може да ја вклучува способноста на единката да ги знае точните решенија на проблемите и да ги одбира. На пример, моделот наречен Recognition primed decision (RPD) објаснува како луѓето можат да одберат релативно брзи решенија, без да биде потребно да се споредуваат варијанти. Гари Клејн востановува дека под притисок на времето, високите залози, како и промената на параметрите, експерти, основувајќи се на претходното искуство, препознаваат слични ситуации и интуитивно ги одбираат точните (правилни) решенија. Така, моделот RPD е мешавина од интуиција и анализа. Интуицијата е процес кој брзо предлага можен начин на дејствување. Анализата е умствена симулација, осознавачки и преднамерен преглед на начините за дејствување.[8]

Според познатиот невропсихолог и невробиолог Роџер Волкот Спери, интуицијата е активност на десниот дел од мозокот, додека фактичката и математичката анализа се активност на левиот дел.[9]

Сигурноста на интуицијата на дадена единка зависи од искуството и знаењата здобиени во дадена специфична област. На пример, некој, кој поседува поголемо искуство со деца, ќе има подобар инстинкт или интуиција за разрешување на одреден проблем со нив. Се разбира дека не може да се каже дека човекот со најголемо искуство секогаш ќе ја поседува најпрецизната интуиција (тој може да биде предубеден), но неговите шанси секако се поголеми.[10]

Се смета дека аналитичката психолошка теорија на Јунг за синхроноста на елементите е еднаква на интелектуалната интуиција.[11]

Наводи

🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица