Уфици

дворец со ликовен музеј во Фиренца, Италија

Уфици (италијански: Galleria degli Uffizi) — знаменит ликовен музеј во Фиренца, еден од најголемите и најстарите во светот. Содржи голем број бесценети ликовни дела од ренесансата и други периоди.

Уфици
Galleria degli Uffizi
Тесното двориште меѓу двете крила со поглед на реката Арно
Карта
Основан1581
МестоПјацале дељи Уфици,
50122 Фиренца, Италија
Типликовен музеј, историско место
Посетеност2,02 мил. (2016)[1]
ДиректорЕлке Шмит
Мреж. местоuffizi.it
Одајата на Ниоба.
Долга сала чии ѕидови првично биле покриени со таписерии.

Музеот е отпочнат кога Ана Марија Луиза Медичи, како последен член на династијата, ги подарила сите семејни збирки на градот Фиренца. Се вбројува меѓу првите музеи на светот, отворен за јавноста во 1765 г., а отворен за посетители со дозвола уште од XVI век. Уфици е формално прогласен за музеј во 1865 г.[2]

Денес Уфици е една од најзначајните знаменитости во Фиренца и меѓу најпосетените ликовни музеи во светот.[3]

Историја

Посетители пред Донското тондо на Микеланџело.

Изградбата на комплексот ја започнал Џорџо Вазари во 1560 г. по порачка на војводата Козимо I од династијата Медичи со цел да ги вдоми службите на фиренската управа (uffizi, „служби“). Работата ја продолжиле Алфонзо Париџи и Бернардо Буонталенти, и ја завршиле во 1581 г. Најгорниот кат бил галерија за Медичите и нивните посетители во која се изложувала семејната збирка на римски скулптури.[4]

Внатрешното двориште („кортиле“) е долго и тесно. Едниот крај излегува на рекатата Арно преку портал во дорски стил кој го обликува просторот без да го заградува. Ваквиот потфат важи за првиот пример за улично уредување во Европа[5]. Како сликар и архитект, Вазари применил перспектива по должината на двориштето, украсувајќи ги фасадите со корнизи на покривните стреи, меѓукатните простори и трите непрекинати скалила по целата должина. Долната фасада е наизменично наредена со столбови и потпорници со вдлабнатини (ниши) во кои во XIX век се поставени скулптури на познатите уметници.

Статуи на Козимо Медичи и Андреја ди Чоне во фасадните ниши.

По смртта на Козимо I, работите на комплексот продолжиле под надзор на неговиот наследник, големиот војвода Франческо I. Овој го задолжил архитектот Буонталенти во конструкцијата на одајата наречена „Трибуна“ со цел во неа да бидат изложени ремек-дела и скапоцености. Одајата имала значајно влијание врз културната наобразба на високата класа од Северозападна и Средна Европа која ја посетувала како дел од Големата обиколка. Шестаголната просторија е завршена во 1584 г.[6]

Со тек на време е извршена пренамена на делови од комплексот, претворајќи ги во дополнителни галерии за сликите и скулптурите на Медичите. Самиот Вазари, во неговото дело Животите на уметниците (обј. 1550 и 1568 г.) Уфици било зборно место за уметници како Леонардо да Винчи и Микеланџело, кои го посетувале дворецот „за убавина, за работа и за разонода“[7]

Долго време комплексот имал 45 до 50 простории посветени на слики од XIII до XVIII век.[2]

Денешно време

Уметничкиот фонд на Уфици пораснал до тој степен што некои делови од збирките се префрлени во други музеи во градот, како што се познатите статуи во дворецот Барџело. Во 2006 г. изложбениот простор е удвоен (од 6.000 на 13.000 м2), со што јавноста добила прилика да посетува многу уметнички дела кои дотогаш стоеле во склад.

Во периодот од 1989 до 2017 г. се извршени постепени потфати за реновирање на музејот, осовременувајќи ги просториите дел по дел[8], преместувајќи ги поставките на привремени изложбени места.[9] Со проширувањето, кон крајот на 2016 г. музејот добил 101 просторија со преземање на простории од градскиот архив.[9]

Во 2016 г. музејот добил преку два милиона посетители, со што станал најпосетен музеј во земјата.[1]

Несреќи

На 27 мај 1993 г. Сицилијанската мафија детонирала автомобилска бомба на улицата Вија деи Џорџофили, оштетувајќи делови од дворецот и усмртувајќи пет лица. Избувот уништил пет уметнички дела и оштетил уште 30. Некои од сликите биле целосно заштитени со непробојно стакло.[10] Најголема штета е направена во неокласичната „Одаја на Ниоба“ во која се изложуваат класични вајарски дела. Просторијата и делата денес се обновени, но фреските останале неповратно оштетени.

Кон почетокот на август 2007 г. Фиренца ја погодиле мошне обемни врнежи кои предизвикале протекување на вода низ покривот, делумно поплавувајќи ја горната галерија. Многу поголема била поплавата во 1966 г. во која значајно настрадале највеќето уметнички дела во Фиренца, вклучувајќи ги оние во Уфици.[11]

Значајни дела

  • Чимабуе: Света Троица Величествена
  • Дучо ди Буонинсења: Богородица Ручелајска
  • Џото: Богородица Сесветителска, Бадиски полиптих
  • Симоне Мартини: Благовештение со св. Маргарита и св. Ансан
  • Амброџо Лоренцети: Сретение Господово
  • Џентиле да Фабријано, Поклонение на мудреците
  • Паоло Учело: Битката кај Сан Романо
  • Рогир ван дер Вајден, Оплакување Христово
  • Филипо Липи: Богородица со Исус, Крунисување Богородично
  • Пјеро дела Франческа: Диптих со војводата Федерико да Монтефелтро и војвотката Батиста Сфорца од Урбино
  • Андреја дел Верокио: Крштение Господово
  • Хуго ван де Хус: Портинарски триптих
  • Сандро Ботичели: Пролет, Раѓањето на Венера, Поклонение на мудреците од 1475 г. и други
  • Микеланџело: Светото Семејство (Донско тондо)
  • Леонардо да Винчи: Благовештение, Поклонение на мудреците
  • Пјеро ди Козимо: Персеј ја ослободува Андромеда
  • Албрехт Дирер: Поклонение на мудреците
  • Рафаело Санти: Богородица со биљбиљот, Портрет на Лав X
  • Тицијан: Флора, Урбинска Венера
  • Пармиџанино: Долговрата Богородица
  • Караваџо: Бах, Жртвувањето Исаково, Медуза
  • Артемизија Џентилески: Јудита и Холоферн
  • Рембрант: Автопортрет како младич, Автопортрет како старец, Портрет на старец

Збирката опфаќа и антички вајарски дела како Острач и Борачи.

Избрани дела

Поврзано

  • Палацо Пити

Наводи

Надворешни врски

43°46′06″N 11°15′20″E / 43.7684° СГШ; 11.2556° ИГД / 43.7684; 11.2556

🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица