Гавран

вид птица
Гавран
Научна класификација
Царство:Животни
Колено:Хордови
Класа:Птици
Ред:Врапчевидни
Семејство:Врани
Род:Врана
Вид:Гавран
Научен назив
Corvus corax
Linnaeus, 1758
Подвидови

8–11, вид. во Подвидови

Распространетост

Гавран (науч. Corvus corax) — голема црна птица од семејството на враните (Corvidae) во редот на врапчевидните (Passeriformes). Се среќава низ целата северна полутопка и е најшироко распространет од сите врани. Постојат најмалку 8 подвида со мали разлики во изгледот, иако последните истражувања покажуваат и генетски разлики. Тој е најверојатно најтешката птица од редот на врапчевидните, со тежина од 1,2 килограми. Може да живее над 21 година во дивина.[2] Младите птици летаат во јата, но откако ќе се спарат, двојката ја чува својата територија.

Гавранот со илјадници години има добар соживот со човекот, а во некои области е толку многуброен што се смета за штетник. Неговата успешност е делумо заради тоа што е сештојад, со исклучително широк спектар на исхрана, од мрши, инсекти, семиња, бобинки, овошје, мали животни, и секакви отпадоци фрлени од човекот.

Кај гавранот се забележани значајни начини на решавање проблеми, што води кон уверувањето дека тој поседува висока интелигенција. Низ вековите, тој бил предмет на митологијата, фолклорот, уметноста и литературата. Во многу домородни култури, вклучувајќи ги и оние на Скандинавија, древна Ирска и Велс, Бутан, на домородните народи на северозападниот дел од Северна Америка, домородните народи на Сибир и североисточна Азија, гавранот е почитуван како духовна фигура или бог.[3]

Таксономија и систематизација

Гавранот е еден од многуте видови опишани од Карл Лине во неговата книга од 18 век Systema Naturae, и сè уште го носи изворното име Corvus corax.[4]

Подвидови

Најблиски роднини на обичниот гавран се кафеавовратиот гавран (C. ruficollis), шарениот гавран (C. albus) од Африка, и чичуанскиот гавран (C. cryptoleucus) од југоистокот на Северна Америка.[5] Некои научници издвојуваат 11 подвида,[6] а други само осум:[7]

  • C. c. corax (номинираниот подвид) кој е распространет од Европа, источно до Бајкалско Езеро, јужно до Кавказ и северен Иран. Има релативно краток, заоблен клун;
  • C. c. varius живее во Исланд и Фарски Острови. Тој е помалку сјаен од C. c. principalis или номинираниот corax, среден е по големина и основата на пердувите на вратот се белкасти (но, не се забележуваат од далеку);
C. c. varius во лет
C. c. principalisво лет
  • C. c. subcorax го има од Грција, на исток до северозападна Индија, централна Азија и западна Кина. Поголем е од номинираниот подвид, но со пократки пердуви на вратот;
  • C. c. tingitanus ја опфаќа северна Африка и Канарски Острови. Ова е најмал подвид, со кратки пердуви на вратот и маслинест сјај на пердувите. Клунот му е краток, но цврст;[6]
  • C. c. tibetanus живее на Хималаите. Најголем и најсјаен подвид, со најдолги пердуви на вратот;
  • C. c. kamtschaticus распространет е во севроисточна Азија, мешајќи се со номинираниот подвид кај Бајкалското Езеро;
  • C. c. principalis живее во северна Северна Америка и Гренланд. Има најголемо тело и клун;
  • C. c. sinuatus, живее во Средна Америка и јужниот дел на САД, помал е, со помал и поостар клун.[6]

Опис

На зајдисонце, со сјајно пурпурно перје

Возрасниот гавран е долг од 56 до 78 сантиметри, со распон на крилјата од 100 до 150 см,[8][9][10] со тежина од 0,69 до 2 килограми,[11][12] што значи, е еден од најтешките врапчевидни птици. Генерално, птиците од постудените региони, како Хималаи и Гренланд, се поголеми, со малку поголеми клунови, додека од потоплите, се помали.[13] Клунот на гавранот е голем и малку свиен надолу, со должина од 5,7 до 8,5 см. Има долгнавеста, цврста опашка долга од 20 до 26,3 см., претежно црна, и темнокафеави очи. Пердувите на вратот му се малку подолги и напрчени со малку посветла кафеавосива боја. Нозете и стапалата му се со соодветна големина, стапалото (тарзусот) е долго 6-7,2 см.[14][15] Перјето на младенчињата е слично, но малку посветло и имаат синосиви очи.[16]

Освен по големината, гавранот се разликува од сродните врани и по поголемиот и поцврст црн клун, бушавите пердуви на вратот и над клунот и поострата опашка. Видот има карактеристичен, длабок, резонантен повик прррук-прррук-прррук, кој на искусните слушатели им е единствен меѓу враните. Гавранот произведува повеќе звуци, како, високо чукање ток-ток-ток, суво крааа, ниско штракање и некои речиси музикални тонови.[17] Во лет, пердувите му произведуваат крцкав звук што потсетува на шушкање свила.

Гавранот може да биде долговечен, особено ако е заштитен, тој живее и по 40 години.[11] Во дивина живеат пократко, од 10 до 15 години, или најдолго што е регистрирано 23 години и 3 месеци.[18]

Распространетост и живеалиште

Типично живеалиште на гавранот
Две младенчиња во Исланд

Гавранот се приспособува кон различни климатски услови и овој подвид има најголема распространетост од сите други,[19][20] и е најголем од врапчевидните.[21] Распространет е низ Холарктикот, од Арктикот и умерените подрачја на Северна Америка и Евроазија, до пустините на северна Африка и островите на Тихи Океан. На Тибет, се забележани на надморска височина над 5000 метри, односно до 6350 метри на Монт Еверест.[20][22]

Освен птиците што живеат во најсеверните делови,[23] другите се резидентни (не се преселници) преку целата година. Младите птици може да се расселат, но локално.[24]

Вообичаено, гавранот претпочита места со шума, со големи пошироки пространства во близина, или крајбрежја за гнездење и хранење. На места со густа човечка популација, како на пример, Калифорнија во САД, тие ги искористуваат предностите на обилното снабдување со храна и затоа таму нивниот број е многу зголемен.

Поведение

Гавраните обично патуваат во „брачни“ двојки, а младите може да формираат мали јата. Односите помеѓу гавраните се обично кавгаџиски, но покажуваат извесна приврзаност кон семејството.[25]

Исхрана

Исхрана

Гавраните се сештојади, а исхраната се разликува според местото, сезоната или среќата.[26]

На некои места гавраните се „чистачи“, хранејќи се претежно со мршамрши, но бидејќи нивниот клун не е приспособен за тоа, чекаат некој друг да го отвори пленот.[27] Растителната храна што ја јадат, вклучува житни зрна, бобинки и плодови, а животинската, мали безрбетници и водоземци, влекачи, мали цицачи и птици.[28] Гавранот, може, исто така, да конзумира несварен животински измет, како и отпадоци од човечка храна. Вишокот, особено онаа храна што содржи масти, го кријат и чуваат.[24] Тие може да ја украдат храната од други видови,[29] или, понекогаш да следат волци во зима, и да чекаат на нивниот плен.[30] Тие се редовни грабливки на птичји гнезда, на грабнување на јајцата, како и на поголемите птици, ако им се пружи можност.

Јато се храни во депонија

Гавраните почесто гнездат во близина на човечко ѓубре или крај патишта каде страдаат животни во сообраќајот. Младенчињата на ваквите места се поуспешни.[31]

Грабливци

Поради големината и одбранбените способности, гавранот има само неколку природни грабливци. Јајцата им ги крадат бувот и куната, како и другите гаврани. Тие се енергични во одбраната на младенчињата и ги напаѓаат потенцијалните грабливци од страна со летање кон нив и клукајќи ги со своите големи клунови. Луѓето може да бидат повремено нападнати ако се близу до гнездото на гавранот.Поретко, сепак, големите цицачи грабливци, како што се: рисот, којотот, волкот и пумата и, исто така, може да го нападнат гавранот, но тоа се случува ако другите извори за храна им се ограничени.[32]

Размножување

Младенчиња во гнездо
Гавран (Corvus corax)

Младите птици започнуваат со додворување многу рано, но може да не се врзат две-три години. Воздушните акробации, демонстрирање на интелигенцијата, способноста да се обезбеди храна, се клучните елементи на додворувањето. Кога еднаш ќе се спарат, остануваат заедно цел живот и најчесто на истата територија.[25] Случаи на немоногамија се забележани само кога мажјак посетува гнездо на женка чиј партнер го нема.

Паровите прво ја обезбедуваат територијата за гнездење и исхрана, а потоа започнуваат со репродукција. Големината на територијата зависи од изворите на храна.[11] Гнездото претставува длабок сад направен од големи стапчиња и гранчиња, врзани во внатрешниот слој со корења, кал и кора, а послани со помек материјал, на пример, со крзно од елен. Гнездото го сместуваат на големо дрво или на карпа, а поретко во стари куќи.[33]

Женката несе меѓу 3 и 7 светли синозелени, со кафени дамки, јајца. Ги квачи само женката 18 до 21 ден. Мажјакот може да стои или лежи до малечките, заштитувајќи ги, но не ги квачи.[34] Младенчињата се здобиваат со перје по 35 до 42 дена, а за тоа време ги хранат обата родитела. По оперјувањето остануваат со родителите уште 6 месеца.[35]

Огласување

Огласување

Како и другите врани, гавраните се во состојба да ги имитираат звуците од своето опкружување, вклучувајќи го и човековиот говор. Тие имаат широк спектар на огласување, што е објект на интерес на многу орнитологисти. Петнаесет до триесет категории на огласување се снимени за овој вид, од кои повеќето се користат за социјална интеракција. Тука се вклучуваат: алармни, за потера и летечки повици. Невокалните звуци произведени од страна на гавранот се свирежите со крилјата и штракање со клунот. Плескањето или кликањето е почесто кај женките. Ако еден од партнерите се изгуби, придружникот ги произведува неговите звуци за да го охрабри да се врати.[36]

Интелигенција

Мозокот на гавранот е најголем од сите видови птици. Тие решаваат проблеми, и други когнитивни процеси, како имитирање и сфаќање.[37]

Јазичарот Дерек Бикертон, врз основа на работата на Бернд Хајнрих, неодамна тврдеше дека гавраните се едно, од само четирите познати животни (другите се пчела, мравка, и човекот), кои покажуваат спосбност за комуницирање за објекти или настани кои се оддалечени во просторот или времето на комуникацијата. Младите, неспарени гаврани спијат заедно во текот на ноќта, но обично се хранат сами во текот на денот. Меѓутоа, кога некој ќе открие голем труп (мрша), чуван од страна на еден пар возрасни гаврани, тој ќе се врати во ноќевалиштето и ќе комуницира со другите за своето откритие. Следниот ден, јатото млади гаврани ќе отиде кај мршата и ќе ги избркаат возрасните. Бикертон тврди дека способната за ваква комуникација е можеби најважниот настан во еволуцијата на човековиот јазик, и дека гавраните се единствени ’рбетници кои ја делат таа способност со луѓето.[38]

Направен е еден експеримент за да се оцени способноста за сфаќањето и решавањето на проблемите од страна на гавраните. На врвка е закачено парче месо кое виси од гнездото. За да стигне до храната гавранот треба полека да ја влече врвката и во еден момент да застане на неа и да ја закачи на јамка. Така постепено треба да ја скратува врвката и да дојде до месото. Четири од пет гаврани на крајот успеале да го решат проблемот. Порано се мислело дека решавањето на проблемите од страна на гавраните е инстинктивно, но сега станува јасно дека гавраните се интелигентни.[39]

Гавраните се набљудувани како манипулираат со други за да завршат некоја работа за нив, како на пример, повикувањето на волците или којотите за да им го раскинат месото на мршата.[37] Тие, исто така, гледаат каде другите гаврани си ја кријат храната ѝ ја запомнуваат местоположбата за да можат да им ја украдат. Ова е толку вообичаено, што гавраните ќе летаат подалеку, само за да најдат посигурно место,[40] или ќе се преправаат дека закопуваат храна за да ги прелажат другите гаврани.[41] Гавраните се познати по крадењето и фаќањето сјајни предмети како камчиња, парчиња метал или голф топчиња. Едната теорија е дека го собираат ова „богатство“ за да ги импресионираат останатите гаврани.[42] Други, пак, сметаат дека младенчињата се премногу љубопитни за сите нови нешта, и дека се привлечени од сјајните округли предмети зашто се слични на птичјите јајца. Возрасните птици го губат својот интерес за невообичаените работи, и со текот на годините стануваат неофобични.[43]

Играње

Последниве години, биолозите признаваат дека птиците имаат афинитети кон играњето. Младнечињата гаврани се најразиграни од сите видови птици. Набљудувани се како се лизгаат по снежни брегови, само заради забава. Се случува да си играат и со други видови, како на пример „фати ме ако можеш“ со волци, видри и кучиња.[44] Познати се по спектакуларни летови со лупови, пируети и летање со друга птица фатени со канџите.[45][46]

Тие, исто така, се едни од малкуте диви животни кои си прават сопствени играчки. Се случува да си скршат гранче за да си играат со друга птица.[47]

Гавраните во уметноста и популарната култура

Низ својата широка распространетост, и низ човековата историја, гавранот бил моќен симбол и популарен лик во митологијата и фолклорот. Во многу западни култури, гавранот подолго време се смета за кобна птица и предвесник на смртта, делумно поради негативната симболика на нивните црни пердуви и хранењето со мрши.[48] Во Шведска, гавраните се познати како духови на убиените луѓе, а во Германија како души на проколнатите.Во јудеохристијанската традиција, гавранот е првото животно што го испраќа Ное надвор од ковчегот за да провери дали се појавило копно по потопот.[49]

Гавранот како тема во народното творештво

  • „Приказна за јастребите и гавраните“ – приказна на африканското племе Свахили.[50]

Гавранот како тема во македонскиот фолклор

Во македонскиот фолклор, името на гавранот му го дал Адам, како и на повеќето птици: „Заграчил гавранот гра, гра, гра, му клаил името гавран.“[51] Гавранот се смета за птица која навестува нешто лошо и се смета за кобна птица. Ако наутро се слушне дека грака гавран, значи дека коби нешто и дека ќе се случи несреќа: „Гаврано кога грачит во зимно време приквечер жалојно, не било на арно. Или зима ќе искобит, или некој чоек ќе умрит, или ќе пцоисуат волои и други имање.“ Во Малешевијата се верува дека ако се спушти гавран врз некоја куќа, некој ќе умре. Но, сепак, гавранот е претставен и како интелигентен и досетлив, малку циничен, суштество кое ја сака својата слобода и не сака да му се мешаат во начинот на живот. Во приказната „Гавранот и домазетот“[52] гавранот му докажува на штотуку оженетото момче дека животот му е поцрн, без своја куќа, отколку неговиот.

Во книжевноста

И во современата книжевност, гавранот е честа инспирација на поетите и писателите, како: Шекспир, Едгар Алан По, или Чарлс Дикенс[53]. Постојат бројни примери на гавранот како тема во уметноста и во популарната култура:

Во музиката

  • „Грозен гавран“ — македонска староградска песна.[64]
  • „Гавран“ — песна на српската рок-група Бјесови од 1994 година.[65]
  • „Сребрен гавран“ (англиски: Silver Raven) — песна на американскиот музичар Џин Кларк (Gene Clarke) од 1974 година.[66]
  • „Гавранот“ (англиски: The Raven) — песна од истоимениот албум на британската рок-група Стренглерс (The Stranglers) од 1979 година.[67]

Наводи

Користена литература

  • Goodwin D. (1983). Crows of the World. Queensland University Press, St Lucia, Qld. ISBN 0-7022-1015-3.
  • John M. Marzluff; Tony Angell (2005). In the Company of Crows and Ravens. New Haven: Yale Univ. Press. ISBN 0-300-10076-0.
  • Savage, Candace (1995). Bird Brains: The Intelligence of Crows, Ravens, Magpies and Jays. Toronto: Douglas & McIntyre. ISBN 1-55054-189-7.
  • Heinrich, B. (1999). Mind of the Raven: Investigations and Adventures with Wolf-Birds. New York: Cliff Street Books. ISBN 978-0-06-093063-9

Надворешни врски

🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица