Пазар на капитал

Пазарот на капитал (англиски: capital market) претставува збир на односите помеѓу понудата и побарувачката на долгорочни хартии од вредност. Преку пазарот на капитал доаѓа до размена на паричните средства од оние кои ги имаат на оние на кои им се потребни, при што, корисниците на средствата им плаќаат одреден надомест на позајмувачите во вид на камата (што ја добиваат сопствениците на обврзниците), дивиденда (што ја добиваат сопствениците на акциите) или слични исплати, како што е капиталната добивка, која одговара на разликата меѓу продажната и куповната цена на хартиите од вредност.[1]

На страна на понудата и на страната на побарувачката на долгорочни парични средства се јавуваат следниве субјекти: населението, стопанството, државата и банките. Сепак, населението се јавува во улога на нето-доверител, што значи дека повеќе пласира сопствени средства отколку што користи, додека стопанството редовно е најголем нето-корисник на средствата, што значи дека повеќе користи средства од пазарот на капитал, разбирливо, за инвестирање, отколку што таму ја пласира сопствената акумулација.[2]

Како резултат на операциите на пазарот на капитал доаѓа до создавање на соодветни хартии од вредност, акции и обврзници. Издавањето на хартиите од вредност, како и нивната продажба, претставува примарен пазар. Подоцна со веќе издадените хартии од вредност се тргува на секундарниот пазар, т.е. се врши нивно продавање и купување помеѓу учесниците на пазарот. За да можат да се одвиваат сите овие транскации, пазарот на капитал се регулира со соодветна законска регулатива и на него се формираат институции кои ги овозможуваат и олеснуваат операциите на сите останати учесници.[3]

Видови пазари на капитал

Берзански и шалтерски пазар на капитал

  • БерзиБерзата претставува место или институција во рамките на која се одвива организирано тргување со хартии од вредност. Тргувањето на берзата се врши со посредство на овластените учесници на овој пазар – брокерите, кои тргуваат за сметка на своите клиенти. На берзата има и други овластени учесници како што се дилерите, кои тргуваат за своја сметка, потоа специјалисти, маркет-мејкери, и други, во зависност од самата берза, нејзиниот тип, начин и организација на работа. Во овој поглед не постојат единствени правила, туку секоја берза има свои специфичности. Тргувањето на берзата се одвива во рамките на определен период од денот. Токму концентрацијата на тргување на сите учесници на едно место и во исто време, овозможува создавање на објективна претстава за понудата и побарувачката на хартиите од вредност, а со тоа и правилно формирање на нивните цени. Тргувањето на берзите се одвива преку издавање на налози од страна на клиентите до брокерите, кои содржат податоци за видот на хартијата од вредност што клиентот сака да ја купи, односно да ја продаде, како и цената по која клиентот би сакал да ја реализира трансакцијата.[4] Во зависност од предметот на купопродажба се одредува и карактерот на берзата. Ако на берзата се купуваат и продаваат вредносни хартии, се работи за делотворна берза, ако се купуваат и продаваат стоки, се работи за продуктна берза, ако се во прашање девизи, се работи за девизна берза, итн. За работење на берзата не е доволно да има ( да постојат) вредносни хартии, туку е потребно да има мобилен и ликвиден пазар на кој се среќаваат сè поголем број понудувачи и побарувачи на вредносни хартии. Значи, треба да има стабилна понуда и побарувачка на вредносни хартии.[5] Заклучувањето на работите се одвива во главните простории на берзата. Тоа се вика т.н. службен пазар. Постои и неслужбен, но регулиран пазар, кој од службениот се разликува по тоа што во него се вклучени берзанските посредници, не се утврдува курсот, туку само цената. Од друга страна, покрај службениот и регулираниот пазар, постои и нерегулиран, слободен пазар, кој ја опфаќа сета трговија на вредносни хартии која не се одвива во службените простории на берзата, туку во споредни, или крај берзата. За овој пазар не важат берзанските правила и прописи.[5]
  • Пазари преку шалтери — Пазарот преку шалтер (англиски: over-the-counter market)[6] претставува алтернативен облик на пазар на хартии од вредност. Името го добил од неговиот дамнешен облик, кога клиентите доаѓале директно на шалтерите на банките и таму купувале или продавале хартии од вредност. Ваквиот облик одамна е исчезнат, но името останало и тоа денес се однесува за тргувањето во самите брокерски куќи, во кои денес се одвива огромен дел од прометот со хартии од вредност, посебно во западните земји. Имено, еден дел од куповните и продажните налози што ги добиваат брокерските куќи, можат според своите одлики (вид, количина, цена) да се реализираат во самата куќа, без да се излегува на берзата со нив. Така се избегнува плаќањето провизија на берзата и се поедноставува работата на брокерите.[7] Друг вид на вонберзанско тргување денес е НАСДАК (National Association of Securities Dealers Automated Quotations System). Истиот, е пазар кој постои помеѓу овластените дилери во САД и кој претставува мрежа на меѓусебно електронско тргување. Тргувањето со хартии од вредност преку овој пазар се одвива така што инвеститорите контактираат директно со дилерите, кои, пак, тргуваат помеѓу себе без да ги напуштаат своите канцеларии, преку следење на понудата и побарувачката на хартиите од вредност на своите компјутерски екрани. Денес, преку NASDAQ, се одвива огромен дел од прометот со хартии од вредност во САД, често надминувајќи го и оној на Њујоршката берза.[7] Неорганизираниот пазар на капитал обично се одвива крај берзите и за него не важат берзанските правила и прописи. На него, по правило, учествуваат помали претпријатија кои не ги исполнуваат условите за тргување на берзите.[8]

Посредници на пазарот на капитал

Најважни посредници на пазарот на капитал се:

  • Специјалисти кои вршат купопродажба на вредносни хартии (дилери)

Дилерот служи како посредник помеѓу купувачите и продавачите, кој всушност ги купува финансиските инструменти на продавачот, во надеж дека ќе може да ги продаде во иднина по поволна цена. Дилерите заземаат, кажана со финансискиот жаргон, “ позиција на ризик ”, бидејќи купувајќи ги финансиските интрументи, тие се подложни на ризикот од загуба, ако вредноста на тие инструменти опадне.[9]

  • Специјалисти на берзите (брокери)

Брокерот претставува поединец или финансиска институција која дава информации, што се однесуваат за возможното купување или продавање на финансиските инструменти. Било купувачот или продавачот на финансиски инструменти може да го контактира брокерот, чија работа е едноставно да ги спои купувачите и продавачите.[10]

  • Инвестициски банки

Инвестициските банки (англиски: Investment Banks) се компании што учествуваат на пазарот на капитал и по својата суштина воопшто не претставуваат банки во класична смисла на зборот. Тие се занимаваат со брокерски работи, давање инвестициски совети, управување со портфолијата на клиентите, финансиски анализи, вршат советодавна улога при емисија на хартии од вредност, се јавуваат како преземачи на емисијата на хартии од вредност и сл.[11]

  • Комерцијални банки

Комерцијалните банки играат многу важна улога во економскиот живот на секоја земја. Тие се јавуваат како главни глумци на пазарот на пари и капитал и во обезбедувањето на понудата и во обезбедувањето на побарувачката на паричните средства.[12]

Улогата на банките на пазарот на капитал

Во работењето со хартии од вредност, банките можат да извршуваат различни активности: да бидат активни на примарниот и секундарниот пазар, да делуваат како дилери и брокери, како и да нудат разни дополнителни услуги поврзани со работењето со хартии од вредност. Притоа, сите овие активности банките ги извршуваат преку посебни организациски делови или преку посебни друштва коишто се во споственост на банките.

На примарниот пазар, банките самостојно или преку своите подружници (англиски: subsidiaries), се главните играчи при издавањето на државни хартии од вредност (државни записи и обврзници). Тука, тие се јавуваат во улога на основни дилери (англиски: primary dealers) коишто учествуваат на аукциите на државни хартии од вредност, а потоа, ним им ги продаваат на други инвеститори. Во продолжение, банките можат да се занимаваат и со инвестициско банкарство (англиски: investment banking), односно со потпишување (англиски: underwriting) нови изданија на хартии од вредност. Извршувајќи ја оваа функција, банките им помагаат на приватните издавачи успешно и брзо да ги продадат хартиите од вредност на пазарот.

Исто така, банките се активни и на секундарниот пазар на хартии од вредност, каде што делуваат како брокери или дилери. Кога извршуваат брокерски активности, банките посредуваат помеѓу продавачите и купувачите на хартии од вредност и за извршената услуга наплаќаат одреден надомест-брокерска провизија. Работејќи како дилери, банките работат за своја сметка (англиски: proprietary trading) т.е. купуваат и продаваат хартии од вредност, заработувајќи на разликата помеѓу куповните и продажните цени. Притоа, во одредени случаи, банките ја извршуваат улогата на поддржувачи на пазарот (англиски: market makers). На пример, кога централните банки ги спроведуваат операциите на отворен пазар, тие работат само со одреден број банки коишто ја извршуваат улогата на поддржувачи на пазарот. Работејќи како поддржувачи на пазарот, банките се должни во секое време да држат одредена залиха на хартии од вредност, коишто ги нудат за продажба на заинтересираните купувачи, по објавената продажна цена (англиски: ask price, offer price). Во исто време, тие се обврзани да ги купат хартиите од вредност што ќе им ги понудат заинтересираните продавачи, се разбира, според објавената куповна цена. Банките остваруваат заработка од овие активности така, што хартиите од вредност ги продаваат по повисока цена од онаа по која ги купуваат. Притоа, разликата помеѓу продажната и куповната цена на хартиите од вредност се вика распон (англиски: spread).

Во продолжение, банките можат да остварат профит и врз основа на спекулирање на идното движење на каматните стапки, т.е. на цените на хартиите од вредност. Во тој случај, во зависност од нивните очекувања за движењето на каматните стапки, банките можат да заземат долга или куса позиција во одредени хартии од вредност. На пример, доколку банката очекува дека каматните стапки во следниот период ќе опаѓаат (а тоа значи дека цените на обврзниците ќе растат), таа ќе купува обврзници (долга позиција), коишто подоцна ќе ги продаде по повисока цена и на тој начин ќе оствари профит. Најпосле, банките можат да заработат и врз основа на давање разни услуги на своите клиенти во врска со работењето со хартиите од вредност (инвестициско советување, раководење со финансиски имоти итн.)[13]

Видови хартии од вредност на пазарот на капитал

Во основа, постојат два вида долгорочни вредносни хартии: обврзници и акции. Главната разлика меѓу нив е што обврзницата е кредитна хартија, а акцијата е сопственичка вредносна хартија. Вредноста на светскиот пазар на обврзници изнесува окилу 100 трилиони долари. Вредноста на пазарот на акции во светски рамки изнесува околу 45 трилиони долари. Иако е помал од пазарот на обврзници, нивото на тргување на пазарот на акции е многу поголемо.[14]

Акции

Акцијата претставува хартија од вредност со која се стекнува сопственичко право врз идеален дел од компанијата, пропорционално на големината на учеството на таа акција во вкупниот акционерски капитал. Претпријатието што се создава врз основа на емисија на акции се нарекува акционерско друштво. Карактеристично за капиталот обезбеден преку продажба на акциите е тоа што тој е траен, т.е без обврска за враќање. Сопствениците на акциите имаат неколку основни права:

  • право на глас во акционерското собрание
  • право на дивиденда, како дел од добивката на друштвото
  • право на дел од стечајната маса, во случај на ликвидација на друштвото. Во поглед на ова право, сопствениците на акциите се субординирани во однос на сите други довереители, така што тие ќе добијат дел од стечајната маса, само откако сите други доверители ќе бидат обесштетени.[15]

Видови акции

Во прв ред, разликуваме обични и приоритетни акции.

  • Обични акции: Обичната акција е првата хартија од вредност која една корпорација ја издава и во случај на банкротство, последната што може да биде наплатена. Таа претставува сопственичка акција во фирмата; таа претставува побарување со најнизок приоритет спрема приходите и средствата од сите емитирани хартии од вредност. Сопствениците на обични акции ја имаат моќта да гласаат за управниот одбор и да гласаат за главните прашања кои можат да бидат презентирани пред акционерите. Колку повеќе акции има еден инвеститор, толку повеќе гласови тој или таа контролира. Инвеститорот во обични акции добива потврда за сопственост. Потврдата го означува бројот на акциите и нивната номинална вредност.[16]
  • Приоритетни акции: Приоритетните акции имаат определени привилегии во однос на обичните акции. Овие привилегии, односно приоритети, се однесуваат на приоритетот во исплатата на дивиденда за нивните сопственици, како и приоритетот во однос на обичните акции при наплата на дел од стечајната маса во случај на ликвидација на друштвото. Овие привилегии најчесто (но, не задолжително) се компензирани со губењето на управувачкото право. Една од одликите кои тие најчесто ги имаат, е фиксниот дивиденден принос, т.е. дефинираната големина на дивидендата што им следува на сопствениците на овие акции. Обично, таа се утврдува како процент од нивната номинална вредност и така утврдената дивиденда е максималниот износ што тие можат да го добијат. Исплатата на дивидендата зависи од остварената нето-добивка на компанијата, но и од одлуката на управниот одбор. Така, доколку компанијата не оствари нето-добивка, нема да се врши ниту исплата на приоритетните дивиденди.[17]

Обврзници

Обврзницата претставува долгорочна должничка хартија од вредност, со чија продажба емитентот доаѓа до дополнителен капитал, а истовремено се обврзува дека позајмениот капитал ќе го врати, согласно со предвидените услови во договорот за емисија на обврзници, заедно со каматата според договорената каматна стапка. Капиталот прибран преку емисија на обврзници ги има речиси истите одлики како и оној што е обезбеден преку банкарски кредит. Доколку поединечна банка се јави во улога на доверител кога станува збор за кредити во висок износ, би дошло до нејзино преголемо изложување на ризик кон конкретен кредитобарател, а со тоа и до утврдување на многу висока камата. Наместо тоа, емисијата на обврзници овозможува прибирање поголема маса капитал преку обраќање до широката инвеститорска публика, така што секој поединечен инвеститор се јавува во улога на доверител во мал обем и се врши дисперзија на ризикот. Тоа, од една страна, го прави можно позајмувањето на некогаш огромни суми пари, а од друга страна, може да значи и позајмување по пониска каматна стапка од онаа што би се формирала во релацијата со поединечна банка.[18]

Видови обврзници

Покрај компаниите, обврзници емитуваат и банките, државните органи, општините и сл. Како резултат на оваа широка распространетост, досега се развиени голем број видови и подвидови од овие хартии од вредност, секој од нив со свои одлики што ги прават погодни за примена во одделни ситуации.[19]

Основни видови обрзници се:

  • Купонска обврзница: Ова е класичниот вид обврзница, кај која во текот на целиот период на достасување се врши исплата на купонската камата во предвидените временски интервали (годишно или полугодишно), а исплатата на главницата (номиналната вредност) се врши на крајот на периодот на достасувањето.
  • Бескупонска обврзница: Бескупонската обврзница уште се нарекува и дисконтна обврзница. За неа е карактеристично тоа што не содржи купони и не се врши периодична исплата на каматата, туку единствено главницата на обврзницата се исплатува на крајот на периодот на достасувањето. Поради тоа, оваа обврзница се продава по пониска вредност од номиналната (по дисконтирана вредност), а разликата до номиналната вредност ја претставува имплицитната камата.
  • Амортизирачки обврзници: Кај овие обврзници, во текот на периодот на нивно достасување, се врши отплата и на главницата и исплата на каматата, по принципот на амортизација на долгорочните кредити. Од аспект на издавачот, корисно кај овие обврзници е тоа што обврската за исплата на главницата не достасува одеднаш, туку таа се протега во текот на подолг временски период.
  • Обврзници со флуктуирачка каматна стапка: Издавањето обврзници со фиксна каматна стапка, кога тоа се врши во периоди кога каматните стапки се високи, го доведува издавачот во опасност да се задолжи и да плаќа висока камата во текот на подолг временски период. Во меѓувреме, каматните стапки на пазарот можат да се намалат, но емитентот е “врзан” за исплата на висока камата. За да ја избегне таквата ситуација, емитентот може да издаде обврзници со флуктуирачка (променлива) каматна стапка.
  • Отповикливи обврзници: Отповикливите обврзници се таков тип на обврзници кај кои емитентот има право да ги повлече, отповика, т.е откупи по однапред определена цена. Ова право емитентот го користи доколку пазарните каматни стапки значително се намалат, по што, тој може да емитува нова емисија по пониска камата.
  • Индексирани обврзници: Индексирањето претставува врзување на некоја номинална големина за стапката на инфлација. Тоа се применува во услови на повисока инфлација, со цел да се заштитат субјектите од нејзиното разорно дејство. Кај индексираните обврзници, номиналната вредност, а не каматната стапка, се врзува за стапката на инфлација.
  • Конвертибилни обврзници: Конвертибилните обврзници имаат својство да можат да бидат заменети за обични акции на емитентот во одреден сооднос. Обично, компаниите издаваат конвертибилни обврзници со цел да ги направа поатрактивни, поради правото на претворање.

Наводи

Надворешни врски

🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица