Струмички карневал

Струмичкиот карневал е годишен карневал што се одржува во Струмица и е еден од најзначајните обичаи и традиции од таков вид во Македонија, којшто отишол можеби најдалеку во својата трансформација од сите традиционални игри под маски, како по времето на одржување, така и по својата цел и функција. Струмичкиот карневал се одржува традиционално секоја година во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост, а и самото име „карневал“, (лат.c a r n e – месо и v a l i – збогум, односно „збогум месо“), нѝ асоцира на почеток на пост, а во овој случај тоа е Велигденскиот пост.

Изведба на карневалска група на карневалот

Традиција

Почетокот на постот, односно првите три дена се наречени тримерски денови и тие секогаш започнуваат од недела вечерта на Прочка и траат до среда, а во нивни рамки односно во вторник вечерта е традиционалната карневалска вечер, кога маскирани групи шетаат низ градот и одат по куќите каде што има верени, армасани девојки и каде што остануваат до раните утрински часови. Меѓутоа, што се однесува до поврзаноста на карневалот со тримерски денови, треба да се направи разликување, односно треба да се напомене дека нивната поврзаност е само временска т.е. тие временски се совпаѓаат, но не и суштински, бидејќи по својата суштина тримерите се еден христијански обичај, додека карневалот претставува остаток од еден култ од паганско време.

Историја

За карневалот во Струмица се смета дека е многу долга традиција. Тој бил споменат од страна на познатиот отомански патописецот Евлија Челебија уште во 1670 година. Тој, минувајќи низ Уструмџа, запишал: ...Дојдов во еден град, расположен во полите на еден висок баир и видов како таа ноќ маскирани луѓе претрчуваа од куќа во куќа, низ смеа писок и песна... што јасно укажува на можноста дека се работи за тримерските карневалски свечености во Струмица..

Особености

Како еден показателен и мошне веројатен податок и симбол за древноста и старината на овој карневал е и фактот дека многу белези на маските, носиите и предметите кои останале во употреба (облеки од кожа и рогови од разни животни, бик, прч, овен итн.), како и алузијата на многуте сакатници со патерици кои се појавуваат на самиот карневал (истерување на злите духови, желбата за здравје, плодност итн.) и кои се карактеристични само за неговата изворна паганска форма. Карневалот подоцна доживува извесна трансформација во традиционална форма, односно маска, којашто сѐ уште ја паметат најстарите Струмичани, бидејќи карневалот од кои и да е причини, за кои сѐ уште само се претпоставува, се поклопува со тримерите, односно празникот на верените. Тоа се гледа од најчестите мотиви коишто провејуват кај неа и кои најчесто се повторуваат. Тие мотиви се невестата со младоженецот, кои ги симболизираат младенците односно верените; Циган и Циганка со бебе, со значење како циганите имаат многу деца, така и новите младенци да имаат бројно потомство, т.е. многудетност; поп кој ги благословува младите за среќа, благосостојба и слога во бракот; Ѓаволот, најчесто со рогови, со опашка од вол или некое друго животно и со вила во рацете, кого сите го бркаат, а чија симболика е бркање на сите лоши сили или влијанија кои би можеле да се појават и да им наштетат на младоженците. Многу чест мотив што се јавува се и мажи претворени во жени со изразени женски атрибути и обратно, со што се покажува најчесто кои физички особини сака мажот да ги поседува жената и обратно.

Друга одлика на традиционалната форма на карневалот чијашто цел и намена се поклопува со претходната е наследството на бројните еротски елементи, песните исполнети со еротски мотиви, содржини и зборови, препознавањето на момчето по големиот фалус, направен од шише или друг предмет и чијашто цел е дидактичка, односно упатување и припремање на невестата за идниот брачен и сексуален живот.

Тука се и музичките реквизити, односно музичките инструменти, гитара, армоника, дајре, кои секоја маскирана група што оди по куќите на армасаните девојки ги носи, на кои се свири и кои се неопходни за стварање на една општа веселба и расположение.

Карневалот денес

Во поново време, карневалот добил посовремена, модерна димензија, со некои влијанија од слични карневали во светот, а истовремено добил и награден карактер. Меѓутоа, традиционалниот карактер на карневалот и одењето по куќите на верените девојки како обичај сепак останал. Преку шаренилото од бои, фигури и маски со различни мотиви и теми, учесниците на карневалот настојуваат да ја покажат вечната борба меѓу доброто и злото, реализмот и сарказмот, иронијата, сатирата и традицијата, полтронството и кариеризмот, власта и безвластието и сето тоа проследено со голема живост и динамика, карактеристична на струмичани. Маските се прават по избор на самите учесници. Секој учесник си избира своја тема и идеја за маскирање, додека групните маски се заедничка идеја на целата група. Од видовите на маски, најзастапени се антропоморфните а се среќаваат и зооморфни и зооантропоморфни маски. Бројот на учесниците на карневалот, како и бројот на посетителите, од година во година се зголемувал, а покрај локалните учесници, редовно учествуваат и гости од странство.

Струмички карневал 2015

За најдобра маска во категоријата „групна маска од 20 до 49 лица“ била прогласена маската „Божествена комедија“ на карневалската група „Ѕвезден град“ од Струмица. Во категоријата „групна маска од 50 и повеќе лица“, за наградата ј аподелиле неколку струмички училишта: СОУ „Јане Сандански“ (за маската „Ловци на соништа“), СОУ „Никола Карев“ (за маската „Каревјанци“) и СОУ „Димитар Влахов“ (за маската „Рингишпил“). Во категоријата „групна маска од 10 до 19 лица“, првата награда ја поделиле маските „Зелени дијаманти“ и „Кралски шкорпиони“. Поради високиот квалитет на групните маски, жири-комисијата доделила и стимулативни награди за неколку маски. Исто така, Одборот на Европската федерација на карневалски градови доделил два пехара: едниот на групата „Ѕвезден град“, како признание за најдобра маска, а другиот на групата „Кико-стил“ за извонредни творби и негување оригинален стил во сите досегашни настапи на Струмичкиот карневал. Најдобра маска во категоријата „мала група на изворна тема“ имал Цветко Багашевски, за маската „Рогато племе“, а во категоријата „мала група на слободна тема“, за најдобра била прогласена маската „Девојките од Индија“. Наградите за најдобри поединечни маски ги добиле Петар Пројков (за маската „Храброто глувче“) и Тони Стаменов (за маската „Кошарот Рамче“).[1]

Организација

Во 1995 година Струмица со својот карневал се вклучила во големата фамилија на карневалските градови во светот, односно била примена во FECC - Здружение на европски карневалски градови, а во 1998 година Струмица била и домаќин на Конгресот на оваа светска асоцијација.

Во 2018 година, следејќи се по обичајот во други карневалски градови во светот, било воведено „предавање на клучот на општината“ од страна на градоначалникот на Струмица на организациониот одбор на карневалот, симболично укажувајќи на тоа дека градот сега е „под управа на карневалџиите“. Исто така, заедно со знамињата, осумте дена додека трае карневалот, се вее и знамето на Струмичкиот карневал.[2]

Наводи

Надворешни врски

🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица