Кримски Планини
Кримски Планини (руски: Крымские Горы; украински: Кримські Гори; кримскотатарски: Qırım dağları) — планински венец кој се протега напоредно на југоисточното крајбрежје на Крим, на оддалеченост од 8-13 км од Црното Море. На западната страна нагло се спуштаат во морето, а на исток постепено преоѓаат во степски предели.
Составни масиви
Составени се од три гребени. Највисок е Главниот, кој се дели на неклку масиви наречени „јајли“:[1]
- Бајдарска Јајла
- Ајпетриска Јајла
- Јалтска Јајла
- Никитска Јајла
- Гурзуфска Јајла
- Бабуганска Јајла
- Чатирдашка Јајла
- Долгоруковска Јајла
- Демирџи Јајла
- Караби Јајла
Врвови
Највисокиот врв во Крим е Роман Кош (Роман-Кош, Roman Qoş) на Бабуганската Јајла, со висина од 1.545 м. Други поважни врвови се:
- Демир Капија (руски: Демир-Капу, украински: Демір-Капу, кримскотатарски: Demir Qapı) 1.540 м на Бабуганската Јајла
- Зејтин Кош (руски: Зейтин-Кош, украински: Зейтин-Кош, кримскотатарски: Zeytün Qoş) 1.537 м на Бабуганската Јајла
- Кемал Егерек (руски: Кемаль-Эгерек, украински: Кемаль-Егерек, кримскотатарски: Kemal Egerek) 1.529 м на Бабуганската Јајла
- Еклизи Бурун (руски: Эклизи-Бурун, украински: Еклізі-Бурун, кримскотатарски: Eklizi Burun) 1.527 м на Чатирдашката Јајла
- Лапата (руски: Лапата, украински: Лапата, кримскотатарски: Lapata) 1.406 м на Јалтската Јајла
- Северен Демирџи (руски: Северный Демирджи, украински: Північний Демірджі, кримскотатарски: Şimaliy Demirci) 1.356 м на Демирџи Јајла
- Ај Петри (руски: Ай-Петри, украински: Ай-Петрі, кримскотатарски: Ay Petri) 1.234 м на Ајпетриската Јајла.
Превои
Најважни планински превои на Крим се следниве:
- Ангарски Превој кај Перевалне, на патот од Алушта за Симферопол
- Бајдарска Врата кај Форос, кој ја поврзува Бајдарската Долина со морскиот брег
- Ласписки Превој кај ’ртот Аја, на патот од Јалта за Севастопол.
Реки
Значајни реки на Кримските Планини се Алма, Чернаја и Салгир на северните падини и Учан Су на јужните која го образува истоимениот популарен водопад.
Археологија
Во пештерскиот систем Буран Каја на Кримските Планини се пронајдени остатоци од најстариот анатомски современ човек во Европа. Фосилите се стари 32.000 години, а придружните предмети се сметаат за поврзани со Граветската култура. На останките се забележуваат засеци од посмртен обред, во кој е сечено месо од мртовецот.[2][3]
Поврзано
- Географија на Крим