Јован Котески

Јован Котески (14 јануари 193212 јули 2001) — македонски поет кој припаѓа на третата генерација македонски автори.

Јован Котески
македонски поет
Роден/а14 јануари 1932
Присовјани, Струшко
Починат/а12 јули 2001
Скопје
Занимањепоет
НационалностМакедонец
Период1958 - 2000
Сопруг/аКатерина (Шолдова) Котеска
ДецаВасил Котески
Јасна Котеска

Животопис

Рано детство

Роден е на 14 јануари 1932 година во селото Присовјани, Струшко, како четврто од петте деца на Петкана и Васил Котески. Татко му бил печалбар-шеќерџија во Братислава, Словачка, а Котески го сретнал татко си дури во 1939, кога имал седум години во родното село (а вторпат кога имал 26 години во Скопје). Во периодот на Информбирото, писмата на татко му затаиле, а неговото семејство подоцна дознало дека татко му паднал во немилост на словачките власти, откако словачките агенти во неговиот стан во Братислава пронашле слика од Тито. Тешко е да се реконструира колку долго татко му бил во затвор, но една година пред смртта, во разговорот со Санде Стојчевски, Котески ја сумира печалбата на татко му во следната реченица „Десет години очајнички измачувања и две хируршки интервенции, ете - тоа беше неговата печалба“.[1]

Образование

Во 1946 го напушта родното село Присовјани и се запишува во Охридската гимназија. Иако вброен во материјално најбедните деца, адолесцентските години во интернатот во Охрид ги помни како години на задоволството од учењето и од откривањето на еповите на Хомер, „Метаморфозите“ на Овидиј, „Божествената комедија“ на Данте, драмите на Шекспир, „Фауст“ од Гете, романите на Толстој и Достоевски. По завршувањето на Охридската гимназија, во 1954 се доселува во Скопје, каде запишува студии по книжевност на тогашниот Филозофскиот факултет, а подоцна ги напушта, не завршувајќи ги. Работи како новинар во Радио Скопје.

Поезија

Стихозбирката „Сенки“ објавена во 1972 г.(кликнете на сликата за да ја отворите и читате во целост)

Во 1958, на 26-годишна возраст вторпат го среќава татко му во Скопје. Подоцна, таа средба ја опишува како тегобно искуство на син кој не го препознава татко си: „При враќање, се јавил кај една моја тетка, а таа го довела во мојот ќумез, кајшто престојував под кирија како студент. Приквечер, кога се вратив од факултетот, во собата гледам - гостин. И еве една прегратка на еден опустен, тегобен живот.“[2]

Истата година ги објавува своите први две збирки песни: „Земја и страст“ (1958) и „Насмевка пред зорите“ (1958). Во луцидниот текст „Поет на митемата за самоникнатиот човек“, наспрема претходните толкувања на раната поезија на Котески како амбиентална и патриотска, Венко Андоновски за првпат нуди читање на поезијата на Котески од „Насмевка пред зорите“ како поезија на митемата за самоникнатиот, автохтон човек, кој ја живее двојната трагика: неприфаќањето дека е настанат од два родитела, скриената мисла дека е „никнат“ од земјата наспрема трагичното чекорење низ светот („како Едип со дупнатите стапала, но и како селаните на Котески, кои често се сопињаат на камења“[3] како што пишува Андоновски). Татко му умира во 1961, а во 1963 ја објавува збирката песни „Злодоба“.

Го одбира Скопје за место на постојано живеење, се вработува како новинар во националното радио, каде подготвува прилози од областа на литературата и работи како соработник на различни весници и списанија. За сето време е опседнат со магијата на зборот, па во текот на животот прави скици, цртежи и гравури за зборовите од Речникот на македонскиот литературен јазик, со цел да ја дофати смислата на зборот. Овој фонд „идеи за песни, составен од неколку илјади ’тестирани’ зборови, пред смртта го подарува во Универзитетската библиотека „Климент Охридски“ во Скопје.

Тоа се години кога, како дел од генерацијата на Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Богомил Ѓузел, Влада Урошевиќ, Петар Т. Бошковски, Зоран М. Јовановиќ и други, експериментира со модерните текови на современата македонска лирика, а поезијата од Зборникот на Браќата Миладиновци, ја смета за врвен изблик на народниот гениј и ја препрочитува до крајот на животот. Паралелно ги чита, и во годините што следат, постојано им се навраќа на Кавалканти, Сафо, Хомер, Паунд, Хајне, Евтушенко, Блок, Елиот, Унгарети.

Меѓу 1964 и 1965 го служи воениот рок во Белград, а во 1965 ја објавува збирката песни „Тежина“. Следната, 1966, се жени со Катерина Котеска, родена Шолдова, со која останува во брак до крајот на својот живот. Истата година се раѓа синот Васил и ја објавува збирката песни „Пеплосија“. Таа година ја помни преку настапот на грчкиот поет Никифорос Вретакос, на романскиот поет Никита Станеску и на рускиот поет Евгениј Ефтушенко во катедралната црква „Света Софија“ на Струшките вечери на поезијата. За таа ноќ подоцна пишува „Сум присуствувал на многу поетски манифестации, кај нас и во светот, сум бил и дел од учесниците, но оваа вечер ми остана во трајно сеќавање... Она што е голема поезија, како впрочем и големата музика, допира до слушателот преку звукот, преку невидливите знаци на убавото.“ Во 1970 се раѓа ќерката Јасна, а во 1972 ја објавува збирката песни „Сенки“.

Во 1975 ја објавува збирката песни „Зелени порти“, а истата година од печат излегува избор од неговата поезија на српскохрватски јазик. Во 1977 умира мајка му, а во 1978 ја објавува збирката песни „Хераклеја“. Во годините меѓу 1966 и 1984 патува во Франција, Италија, Русија, Полска и Романија, а во 1990-тите и во Унгарија. Најголем впечаток му остава познанството со романскиот поет Никита Станеску, како и средбите со Пабло Неруда, Иво Андриќ и Јанис Рицос. Ги чита Фројд, Јунг и Адлер. Живеејќи во некогашната Југословенска федерација, во која „поетските кланови не беа наивна работа, а ’дресираните’ поети насекаде беа присутни, вреднувани, наградувани“, се одлучува целосно да и’ се посвети на поезијата. Единствената општествена функција што ја презема во текот на својот живот е претседателствувањето со меѓународниот фестивал за поезија, Струшки вечери на поезијата, во 1981 и 1982.

Во 1981 ја објавува збирката песни „Поморија“, а истата година излегува од печат избор од неговата поезија на романски јазик „Љубов и смрт“. Во 1982 ја објавува збирката песни „Бденија и сновиденија“. Во 1983 ги објавува збирките песни „Полилеј“ и „Зрзе“, а во 1984 збирката песни „Плодови“. Во 1984 од печат излегува избор од неговата поезија на српски јазик „Страв и душа“.

Апсење, робија

Во 1985 ја објавува збирката песни „Тапија“. На 2 септември истата година, во ситуација што подоцна ја опишува како Кафкинска, е уапсен во својот дом во Скопје и осуден на петгодишна робија. Обвинувањето го товари за илегално работење на уривањето на Југословенската Федерација и за создавањето независна македонска држава. За време на судењето, еден од обвинителите, за Котески бара казна затвор од 20 години. Припаѓа на последната група политички затвореници-интелектуалци во поранешната Југословенска федерација. Додека во затвор, сите збирки поезија на Котески се повлечени од книжарниците и од библиотеките.

По 1990 и по прогласувањето на независната македонска држава, темата на робијата станува привлечна за новинарите, но до крајот на животот Котески ја избегнува темата на робијата и никогаш не се вклучува во политичкиот живот. За време на двегодишната робија, ги пишува збирките песни „Морници“ и „Ралица“, кои се сведоштва за душевните и телесните страдања во скопскиот затвор Идризово.

Во затворот ги чита Хомер и Евтушенко, изработува шаховски фигури и го приготвува локалниот затворски весник. За робијата подоцна вели: „Тие две години на моето робување во Идризово, научив многу нешта, што инаку би ми биле недостапни. Научив да ги почитувам мислењата на другите, научив до кои граници може да се „растегне“ човековата болка, научив дека душевната болка е многу подлабока од физичката, научив дека треба да се зачува присебноста, да се биде трпелив, да се одгледува надеж.... Она што најмногу ме боли е дека што носорози обвинители и панташи судии, затскриени зад ѕидиштата на просторот каде што не’ пуштаа да земеме воздух, како крапови извадени на суво, преку полицајците, ме тераа да рецитирам стихови...“[4]

Наспроти очигледното молчење заради затворањето на Котески кај неговите колеги-поети од Македонија, за неговата судбина во 1985 најмногу се интересира американскиот поет Ален Гинзберг[5], тогашен претседател на Комисијата за заштита на правата на писателите и новинарите во Светскиот ПЕН центар. Гинзберг, како добитник на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата, во Македонија неуспешно се обидува да организира протест на македонските поети за негово ослободување од затворот.

Јован Котески е ослободен со залагање на хрватскиот писател и филозоф, Предраг Матвеевиќ, кој во својство на тогашен потпретседател на меѓународната асоцијација на ПЕН центарот со седиште во Њујорк организира петиција со потписи на познати светски писатели до тогашното Претседателство на СФРЈ.

По затворот. Поезија.

По две години робија, Котески е пуштен на слобода во јули 1987. Во 1989 добива место на помошник-библиотекар во локалната библиотека „Другарче“ во делот од Скопје каде што живее, и на тоа работно место останува сѐ до пензионирањето. Последната деценија од животот ја поминува во релативна изолација во својот дом во Скопје.

Во 1990 ги објавува збирките песни „Живожарица“ и „Сончева белегија“. Истата година патува во Загреб и се среќава со Предраг Матвеевиќ. Во 1991 ја објавува збирката песни „Морници“, која е настаната во текот на робијата. Истата година ја објавува збирката песни за деца „Гувче со двоглед“. Во 1992 ја објавува збирката песни „Ралица“. Таа година од печат излегува избор од неговата поезија на македонски, англиски, француски и руски јазик со наслов „Поезија“. Во 1994 ги објавува збирките песни “Лелејка“ (за која ја добива наградата „Ацо Шопов“) и „Самотија“ (за која ја добива наградата „Нарциса“). Во 1995 изгледува од печат избор од неговата поезија со наслов „Празник“. Истата година за поемата „Трагач“ добива прва награда на анонимниот конкурс за поема на издавачката куќа Детска радост од Скопје, која излегува од печат во 1996. Во 1996 ја објавува збирката песни „Решетки“ со мотиви од затворот. Во 1997 ја објавува збирката песни „Приќе“, а во 1998 збирката песни „Одрон“. Во 1999 ја објавува збирката песни „Разор“, а истата година оболува од рак.

Досие. Смрт.

Во 2000 година, во текот на боледувањето, Котески добива пристап до селективни делови од своето полициско досие, водено под кодното име „Интимист“ (исто така, Досие број 5622) и на повеќе стотици страници се засведочува дека најмалку 42 години (од неговиот 69-годишен живот) бил предмет на полициско иследување, кое започнало уште во Охридската гимназија. Официјалната година на отворање на неговото полициско досие во УДБ е 1961, но Котески за првпат бил притворен веќе во 1948, на 16-годишна возраст (една од веројатните причини е поради затворот на татко му во Словачка), вторпат бил притворен во 1952, итн.[6]

Некои од најупорните кодоши во неговото полициско досие, низ децениите, биле неговите колеги, македонските писатели и поети. Во интервјуто „Патувајќи од никаде- никаде“, Котески, на шега, но и болно, го нарекува своето полициско досие „биографија на пријателите“.[7], Таа година ја објавува последната збирка песни „Кртечина“. Истата година излегува тротомен избор[8] од неговата поезија на македонски јазик во издание на Три од Скопје, а во редакција на Санде Стојчевски.

Умира на 12 јули 2001 во Скопје, во кругот на најблиското семејство. Посмртно му е доделена наградата „Климент Охридски“.

Дела

Ги објавил збирките песни:

  • „Земја и страст“ (1958),
  • „Насмевка пред зорите“ (1958),
  • „Злодоба“ (1963),
  • „Тежина“ (1965),
  • Пеплосија“ (1966),
  • „Сенки“ (1972),
  • „Зелени порти“ (1975),
  • „Хераклеја“ (1978),
  • „Поморија“ (1981),
  • „Бденија и сновиденија“ (1982),
  • „Полилеј“ (1983),
  • „Плодови“ (1985),
  • „Тапија“ (1985),
  • „Живожарица“ (1990),
  • „Сончева белегија“ (1990),
  • „Морници“ (1991),
  • „Глувчето со двоглед“ (поезија за деца, 1991),
  • „Ралица“ (1992),
  • „Злодоба“ (1992),
  • „Лелејка“ (1994),
  • „Самотија“ (1994),
  • „Празник“ (библиофилско издание во ракопис, 1995),
  • „Трагач“ (поема, 1995),
  • „Решетки“ (1996),
  • „Приќе“ (1997),
  • „Одрон“ (1998),
  • „Разор“ (1999),
  • „Кртечина“ (2000).[9]

Награди

Котески е добитник на наградите: „Кочо Рацин“, „Нарциса“, „Ацо Шопов“, „Григор Прличев“ (за поема), „Браќа Миладиновци“. „Награда на ДПМ“, Награда за најдобра песна на „Струшките вечери на поезијата“.

Значење и влијание

На Јован Котески му е посветена песната „Малесија“ на македонскиот поет Наум Целакоски.[10]

Извори

Надворешни врски


🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица