Клемент Атли

Клемент Ричард Атли, Прв Ерл Атли, (3 јануари 1883 г – 8 октомври 1967) бил истакнат британски политичар, лидер на Лабуристичката партија помеѓу 1935 и 1955 година и премиер на Обединетото Кралство помеѓу 1945 и 1951 година. За време на неговиот мандат ги поставил основите за воспоставување на социјална држава во неговата земја, овозможувајќи, меѓу другото, бесплатни здравствени услуги за сите граѓани во Обединетото Кралство.

Клемент Атли
Портрет од Јусуф Карш , околу  1945 година
Премиер на Обединетото Кралство
На должноста
26 јули 1945 – 26 окѕомври 1951
МонархЏорџ VI
ЗаменикХерберт Морисон
ПретходникВинстон Черчил
НаследникВинстон Черчил
Опозиционен лидер
На должноста
26 октомври 1951 – 25 ноември 1955
Монарх
Премиер
  • Винстон Черчил
  • Ентони Еден
ПретходникВинстон Черчил
НаследникХерберт Морисон
На должноста
25 октомври 1935 – 11 мај 1940
Монарх
Премиер
  • Стенли Болдвин
  • Невил Чембрлен
ПретходникЏорџ Лансбери
НаследникХејстингс Лис-Смит
Лидер на Лабуристичката партија
На должноста
25 октомври 1935 – 7 декември 1955
Заменик
  • Артур Гринвуд
  • Херберт Морисон
ПретходникЏорџ Лансбери
НаследникХју Гејтскел
Лични податоци
Роден(а)Клемент Ричард Атли
3 јануари 1883(1883-01-03)
Путни, Англија
Починал(а)8 октомври 1967(1967-10-08) (возр. 84)
Лондон, Англија
ПочивалиштеВестминстерска опатија
ПартијаЛабуристичка партија
СопружникВиолет Милар (в. 1922; d 1964)
Деца4
УстановаУниверзитетски колеџ (Оксфорд)
Занимање
  • политичар
  • адвокат
  • наставник
  • социјален работник
  • војник
Воена служба
РодБританска армија
Траење1914–1919
ЧинМајор
Единица
  • Полк Јужен Ланкашир
  • Тенковски корпус
Битки/војни
Одликувања
  • 1914-1915 ѕвезда
  • Британски воен медал
  • Медал за победа

Детство и образование

Атли е роден на 3 јануари 1883 година во Путни, Сари (сега дел од Лондон), во семејство од висока средна класа, како седмо од осумте деца на неговите родители. Неговиот татко Хенри Атли бил адвокат, а мајка му Елен Брејвери Вотсон, била ќерка на Томас Сајмонс Вотсон, секретар за Уметничкиот сојуз од Лондон.[1] Во 1901 година, Атли се запишал на Универзитетскиот колеџ во Оксфорд, и во 1904 дипломирал на современа историја.[2] Атли потоа стажирал како адвокат. Одредено време работел во адвокатската канцеларија на татко му, но не уживал во работата и немал некоја посебна амбиција да успее во адвокатската професија. [3] Тој исто така играл фудбал за нелигашкиот клуб Флит.[4]

Татко му починал во 1908 година, оставајќи имот проценет на 75.394 фунти (еквивалентно на 8,047,880 фунти во 2016 [5]).[6]

Рана кариера

Во 1906 година, почнал да волонтира во Хајлибери Хаус, добротворен клуб за момчиња од работничката класа, а од 1907 до 1909 година бил менаџер на клубот. Работејќи со децата, Атли ги променил своите ставови од конзервативни во социјалистички и во 1908 година се приклучил на Независната работничка партија.[3] Во 1909 година бил накратко секретар на Беатрис Веб. Во 1911 година, бил ангажиран од Владата на Обединетото Кралство и патувал низ земјата за да го објасни Националниот закон за осигурување развиен на иницијатива на канцеларот на финансии Дејвид Лојд Џорџ. Една година подоцна, започнал да предава општествени науки и јавна администрација на Лондонската школа за економија.[3]

Воена служба за време на Првата светска војна

По избувнувањето на Првата светска војна во август 1914 година, Атли поднел барање да се приклучи на британската армија. На 30 септември 1914 година бил назначен за привремен поручник во 6-от баталјон, полк во Јужен Ланкашир. На 9 февруари 1915 година бил унапреден во капетан , а на 14 март бил назначен за аѓутант на баталјонот. Со полкот учествувал во Галиполската операција во Турција.

Атли (на средина) во 1916 година, на 33 години, додека служел во Месопотамија.

Галиполската операција била осмислена од првиот лорд на Адмиралитетот, Винстон Черчил. Иако неуспешна, Атли сметал дека тоа е храбра стратегија која можела да успее ако била подобро спроведена на теренот. Тој му се восхитувал на Черчил како воен стратег, поради што деловните односи со него во подоцнежните години ќе бидат продуктивни.[3]

Учествувал и во Месопотамската операција во денешен Ирак, каде што во април 1916 година ранет во ногата. Прво бил испратен во Индија, а потоа назад во Обединетото Кралство за да се опорави. На 1 март 1917 бил унапреден во мајор,[7] поради што во поголемиот дел од меѓувоениот период бил познат како „мајор Атли“. Последните месеци од војната ги поминал на Западниот фронт.[8][9]

Рана политичка кариера

Локална политика

По војната предавал на Лондонската школа за економија, а исто така се вратил и на локалната политика. Во 1919 година бил избран за градоначалник на лондонскиот округ Степни, во тоа време еден од најсиромашните во градот. Како градоначалник, презел акција против станоиздавачите во сиромашните квартови кои наплаќале високи кирии, но одбивале да трошат пари за одржување на имотот кој го издавале за да биде во состојба да може да се живее во него. Им наложил на сопствениците на куќи да го поправат нивниот имот. Исто така, назначил и санитарни инспектори и домашна здравствена посета, со што стапката на смртност кај новороденчињата се намалила. Презел акција за наоѓање работа на невработените поранешни војници.[3]

Член на парламентот

На изборите во 1922 година, Атли бил избран за пратеник во Долниот дом за изборната единица Лајмхаус во Степни. Во тоа време бил жесток поддржувач на Ремзи Мекдоналд и му помогнал да биде избран за лидер на Лабуристичката партија на партиските избори во 1922 година. Тој бил приватен парламентарен секретар на Мекдоналдс. За првпат влегол во влада во 1924 година како потсекретар за војна (државен секретар) во краткотрајната прва лабуристичка влада предводена од Мекдоналд.[3]

Атли се спротивставил на најголемиот генерален штрајк во историјата на земјата во 1926 година со образложение дека не се согласува со употребата на штрајкот како средство за политичка борба. Меѓутоа, по избувнувањето на штрајкот, не се обидел да го поткопа. За време на штрајкот, тој бил претседател на Комисијата за електрична енергија во Степни. Атли преговарал за договор со Синдикатот на електрична енергија, за да продолжат да ги снабдуваат болниците со електрична енергија, но да ја прекинат испораката кон фабриките.[3]

Во 1927 година, бил назначен за член на повеќепартиската Симонова комисија, кралска комисија која требало да ја испита можноста за доделување самоуправа на Индија. Поради времето што требаше да го посвети на комисијата, и поради тоа што Мекдоналд го прекршил ветувањето што му го дал на Атли, не му било понудено министерско место во Втората лабуристичка влада по општите избори во 1929 година. [3] Службата на Атли во Комисијата го опреми со темелна изложеност на Индија и многу нејзини политички лидери. До 1933 година тој тврдеше дека британското владеење е туѓо за Индија и дека не може да ги направи социјалните и економските реформи неопходни за напредок на Индија. Тој стана британскиот лидер кој најмногу симпатии на индиската независност (како доминација), подготвувајќи го за неговата улога во одлучувањето за независност во 1947 година.[10]

Во мај 1930 година, Лабуристичкиот пратеник Освалд Мозли ја напуштил партијата откако таа ги отфрлила неговите предлози за решавање на проблемот со невработеноста, а Атли ја презел неговата функцијата канцелар на Војводството Ланкастер. Во март 1931 година, станал генерален директор на поштата, функција што ја вршел пет месеци, по што паднала владата на лабуристите, откако не успеала да се справи со финансиската криза предизвикана од Големата депресија. [3] Тогаш Мекдоналд и неколку негови сојузници формирале Национална влада со конзервативците и либералите, а лабуристите биле исклучени. Мекдоналд на Атли му понудил работа во Националната влада, но тој ја одбил понудата и одлучил да остане лојален на главната Лабуристичка партија.[3]

Опозиција во 1930-тите

Заменик лидер на Лабуристичката партија

На изборите во 1931 година Лабуристичката партија доживеала тежок пораз, и загубиле преку 200 пратенички места, и сега имале 52 пратеници во Парламентот. Сепак, Атли бил повторно избран за пратеник од Лајмхаус. Покрај Атли, уште двајца лабуристички пратеници имале претходно искуство во влада, Џорџ Лансбери и Стафорд Крипс. Затоа, Лансбери беше избран за лидер без противкандидат, а Атли бил негов заменик. [3] По повредата на Лансбери кон крајот на 1933 година, Атли девет месеци ја вршел на должноста лидер на партијата, но личните финансиски потешкотии поврзани со болеста на неговата сопруга скоро го натерале да се повлече од политиката. Стафорд Крипс се согласил на Атли да му исплати дополнителна плата за лекувањето на неговата сопруга и го убедил да остане. [3]

Лидер на Лабуристичката партија

Атли бил лидер на Лабуристичката партија од 1935 до 1955 година.Џорџ Лансбери, посветен пацифист, поднел оставка како лидер на Лабуристичката партија на Партиската конференција на 8 октомври 1935 година, откако делегатите изгласале санкции против Италија за нејзината агресија врз Абисинија. Искористувајќи го нередот во Лабуристичката партија, на 19 октомври премиерот Стенли Болдвин објавил дека општите избори ќе се одржат на 14 ноември. Затоа што немало време за лидерски избори, партијата се согласила Атли да биде привремен лидер, а партиските избори ќе се одржат по општите избори. [3] Атли ги предводел Лабуристите на изборите во 1935 година, и партијата делумно се опоравиле од поразот во 1931 година, освојувајќи 38 отсто од гласовите, највисок процент што лабуристите го освоиле до тој момент и добиле над сто мандати. [11] На 3 декември 1935 година, Атли бил и официјално потврден за нов лидер по внатрепартиските избори на кои му се спротивставиле Херберт Морисон и Артур Гринвуд.[3]

Првично, Атли ја потценил опасноста од експанзионистичките чувства на нацистичка Германија и се спротивставил на повторното вооружување на Британија. Меѓутоа, зголемената закана од Третиот Рајх и неефективноста на Лигата на народите биле причина за во 1937 година Лабуристичката партија да ги напушти пацифистичките ставови и поддржале повторно вооружување. Во 1938 година, Атли се спротивставил на Минхенскиот договор, во кој Чембрлен преговарал со Хитлер за да ѝ ги даде на Германија деловите од Чехословачка во кои се зборува германски и се спротивставил на политиката на премиерот Невил Чембрлен за смирување на агресорот. [3] Во 1937 година, Атли, изразувајќи солидарност со шпанските републиканци, ја посети Шпанија разорена од граѓанска војна и го посетил британскиот баталјон кои биле во состав на Меѓународните бригади.

Атли останал лидер на опозицијата по избувнањето на Втората светска војна во септември 1939 година. По катастрофалниот Норвешки поход било побарано гласање за недоверба на владата на Невил Чембрлен.[12] По оставката на Чембрлен, на 10 мај 1940 година лабуристите и конзервативците формирале коалициска влада на чело Винстон Черчил на 10 мај 1940 година,[13] а Етли се приклучил на Кабинетот на 12 мај.[14]

Заменик премиер

Атли во посета на фабрика за муниција во 1941 година

Само Атли и Черчил останале во воениот кабинет од формирањето на Владата на национално единство во мај 1940 година до изборите во мај 1945 година. Во 1942 Атли станал првиот британски заменик-премиер, а на 28 септември 1943 година станал и секретар за Доминионите [13][15] и Лорд претседател на Советот.

Премиер

Атли со кралот Џорџ VI по победата на лабуристите на изборите во 1945 година

Избори во 1945 година

По поразот на нацистичка Германија и крајот на војната во Европа во мај 1945 година, Атли и Черчил се залагале коалициската влада да опстои до конечната победа над Јапонија. Сепак, Херберт Морисон јасно ставил до знаење дека Лабуристичката партија нема да биде подготвена да го прифати ова, а Черчил бил принуден да поднесе оставка како премиер и да распише итни избори.[13]

Војната поттикнала длабоки општествени промени во Британија и и народот бил за социјални реформи.

Слоганот на Лабуристите за време на кампањата бил „Да се соочиме со иднината“, и се позиционирала како партија која е најдобра опција за обнова на Британија по војната,[16] и водела силна и позитивна кампања, додека кампањата на конзервативците целосно била насочена околу Черчил.

Резултатите од изборите биле објавени на 26 јули, и Лабуристите добиле 47,7 посто од гласовите наспроти 36 посто на конзервативците.[17] Тие освоиле 393 места во Долниот дом и тоа било за првпат во историјата Лабуристичката партија да освои мнозинство во Парламентот.[18] Истиот ден, Атли го наследил Черчил како премиер на Велика Британија, а на 28 јули го заменил на Потсдамската Конференција.

Атли на церемонијата на отворање на Олимписките игри во Лондон, 1948 година

Внатрешна политика

Здравство

Министерот за здравство во владата на Атли, Анеурин Беван, го создал Националниот здравствен сервис (NHS) во 1948 година. Ова бил јавно финансиран здравствен систем кој нудел бесплатни услуги. Поради долгорочната потисната побарувачка за здравствени услуги Националниот сервис во текот на својата прва година од работењето опслужил околу 8 и пол милиони пациенти со стоматолошки услуги и издал повеќе од 5 милиони пара очила.[19]

Благосостојба

Владата започнала да ги спроведува воените планови на либералот Вилијам Бевериџ за создавање на „од лулка до гроб“ социјална држава. Воспоставила целосно нов систем на социјално осигурување. Меѓу најважните закони бил Законот за национално осигурување од 1946 година, во кој луѓето на работа требало да плаќаат рамна стапка на национално осигурување. За возврат, тие (и нивните сопругите) имале право на многу користи, како пензии, надоместок за боледување, надоместок за невработеност и надоместок за погреб. Со повеќе други закони бил регулиран детскиот додаток и поддршката за луѓе кои немаат приходи.[20] Во 1949 година, бенефициите за невработеност, болест и мајчинство биле ослободени од данок.[21]

Домување

Со Законот за нови градови од 1946 се предвидувало основање на развојни корпорации за изградба на нови градови, а со Законот за планирање на градовите и земјиштето од 1947 година им се наложило на окружните совети да подготват планови за развој.[22] Владата на Атли, исто така, го олеснила процесот на купување земјиште.[23] Со Законот за домување (Шкотска) од 1949 година Министерството за финансии на локалните власти им обезбедило грантови од 75 проценти за исплатените трошоци за модернизација.[24]

Жени и деца

Биле преземени многу реформи за подобрување на условите за жените и децата. Во 1946 година, биле воведени семејни додатоци за сите за да се обезбеди финансиска поддршка на домаќинствата за одгледување деца.[25][26] Овие користи биле законски донесени претходната година со Законот за семејни додатоци од 1945 од Черчил, и била првата мерка што владата на Атли ја усвоила во парламентот.[27] Законот за мажени жени бил донесен во 1949 година „за да се изедначат, да се направат нефункционални секакви ограничувања за располагање со имотот од страна на една жена“.[28]

Планирање и развој

Развојните права биле национализирани,а владата се обидувала профитот за развој да се слее во државната каса. Биле формирани органи за планирање кои ќе го контролираат користењето на земјиштето и издавале прирачници со упатства кои ја истакнувале важноста од заштитата на земјоделското земјиште. Во рамките на неговото Министерство за планирање бил формиран ланец од регионални канцеларии кои ќе ги водат политиките за регионален развој.[29]

Работнички права

Биле спроведени различни мерки за подобрување на условите на работното место. Правото на боледување било значително продолжено и било воведено платено боледување за административните, професионалните и техничките работници на локалната власт во 1946 година и за различни категории физички работници во 1948 година.[30] Работничките надници исто така биле значително подобрени.[31] Со Резолуцијата за правични плати од 1946 година се барало секоја договорна страна која работи на јавен проект да ги усогласи платите и другите услови за работа со тие поставени во соодветниот колективен договор.[32][33][34]

Национализација

Владата на Атли се посветила на национализацијата на основните индустрии и јавните претпријатија. Во 1946 биле национализирани Банката на Англија и цивилната авијација. Во 1947 биле национализирани ископувањето на јаглен, железницата, патниот транспорт, телекомуникациите беа национализирани, а струјата и гасот во 1948 година. Челичната индустрија била национализирана во 1951 година. Во 1951 година, околу 20 отсто од британската економија се наоѓала во државна сопственост.[20]

Земјоделство

Владата на Атли ставила силен акцент на подобрување на квалитетот на животот во руралните области, од што корист имале и земјоделците и другите потрошувачи. Била воведена сигурност на закупот на земјоделско земјиште, а потрошувачите биле заштитени со субвенциите за храна. Помеѓу 1945 и 1951 година, преку подобрување во услугите за гас, електрична енергија и вода, како и во разонодата и јавните услуги бил подобрен квалитетот на руралниот живот. Со Законот за транспорт од 1947 година се подобриле услугите во руралниот автобуски сообраќај, а со Законот за земјоделство од 1947 година се овозможиле повисоки субвенции за земјоделците.[35] Во 1947 и 1948 година, исто така, биле донесени законски уредби со кои се формираше постојан Одбор за плати во земјоделството кој ги одредува минимални плати за земјоделските работници.[36][37]

Образование

Владата на Атли целосно ги имплементирала одредбите од Законот за образование од 1944 година, со кои за прв пат на учениците им се гарантира правото на бесплатно средно образование. Биле укинати надоместоците во државните гимназии, а биле изградени нови, модерни средни училишта.[38] Бил зголемен износот на државните стипендии за универзитетите,[39] и владата усвоила политика за дополнителни награди кон универзитетските стипендии до она ниво кое е доволно за покривање на таксите и одржувањето.[40]

На илјадници поранешни војници им било помогнато да завршат колеџ, нешто кое не можеле да си го дозволат пред војната. [41] За прв пат на сите ученици им се давало бесплатно млеко.[42] Владата ги зголемила своите инвестиции во техничко образование, а се зголемил и бројот на градинките.[43] Наставниците добиле повисоки плати, а биле издвоени средства за подобрување на постоечките училишта.[23] Владата на Атли, сепак, не успеала да воведе сеопфатно образование. Оваа реформа подоцна била спроведена од владата на Харолд Вилсон. За време Атли, владата ги зголемила трошоците за образование за преку 50 отсто, од 6,5 милијарди фунти на 10 милијарди фунти. [44]

Економија

Пазар во Лондон, 1947 година

Најзначајниот проблем со кој се соочувал Атли и неговите министри била економијата, затоа што поради војната Британија била на работ од банкрот. Наглиот прекин на американската програма Ленд-лиз во август 1945 година за малку ќе предизвикало криза. Во декември 1945 бил обезбеден заем од САД. Со условите на заемот се предвидувало фунтата да стане целосно конвертибилна со американскиот долар. Откако во јули 1947 година било воведено ова предизвикало валутна криза и конвертибилноста морало да биде суспендирана по само пет недели.[20] Обединетото Кралство ја применило американската програма Маршалов план во 1948 година, а економската ситуација значително се подобрила. Поради кризата во платниот биланс во 1949 канцеларот за финансии, Стафорд Крипс, бил принуден да ја девалвира фунтата.[20]

И покрај овие проблеми, едно од главните достигнувања на владата на Атли било одржувањето на речиси целосна вработеност. Владата, и по војната, во најголем дел ја задржала контролата врз економијата, како и контролата врз распределбата на материјалите и работната сила, а невработеноста ретко се искачувала над 3 посто од вкупната работна сила.[20] Почест проблем бил недостигот на работна сила. Стапката на инфлација била задржана на ниско ниво за време на неговиот мандат.[45] Производството и продуктивноста пораснаа како резултат на новата опрема, а просечната работна недела била скратена.[46]

Надворешна политика

Атли со Хари Труман и Јосиф Сталин на конференцијата во Потсдам, 1945 година
Атли се ракува со американскиот државен секретар Џејмс Ф. Бирнс по неговото пристигнување на Националниот аеродром во Вашингтон, 1945 година

Европа и Студената војна

Во надворешните работи, владата на Атли се соочила со четири главни проблеми: повоена Европа, почетокот на Студената војна, формирањето на Обединетите нации и деколонизацијата. Атли присуствувал и на подоцнежните фази од конференцијата во Потсдам, каде што преговарал со Хари Труман и Јосиф Сталин.

Откако Сталин презел политичката контрола над поголемиот дел од Источна Европа и почнал да ги поткопува другите влади на Балканот, владата на Атли придонела во создавањето на одбранбениот сојуз на НАТО за заштита на Западна Европа од секакво советско проширување. Во јануари 1947 година, поради страв од советските и американските јадрени намери имало таен состанок на Кабинетот, каде што била донесена одлука да се продолжи со развојот на независното британско јадрено одвраќање, прашање што подоцна предизвикало раскол во Лабуристичката партија. Првата успешна јадрена проба на Британија, сепак, била во 1952 година, една година откако Атли ја напуштил функцијата.[20]

Деколонизација

Деколонизацијата никогаш не била главно предизборно прашање, но Атли се посветил на ова и бил главен лидер во почетокот на процесот на деколонизација на Британската Империја.[47][48]

Кина и Хонгконг

Во август 1948 година, по победите на кинеските комунисти, Атли започнал да се подготвува за комунистичко преземање на Кина. Во декември, владата заклучила дека иако британскиот имот во Кина најверојатно ќе биде национализиран, британските трговци ќе имаат долгорочна корист од стабилна, индустријализирана и комунистичка Кина. Од особена важност било задржувањето на Хонгконг, и во текот на 1949 Британија го засилила гарнизонот во Хонгконг. Британија станала првата западна земја што формално ја признала Народна Република Кина во јануари 1950 година.[49] Во 1954 година, делегација на Лабуристичката партија, меѓу кои бил и Атли, ја посетила Кина на покана на тогашниот министер за надворешни работи Џоу Енлаи. Атли станал првиот висок политичар од Западот кој се сретнал со Мао Це Тунг.[50]

Индија и Пакистан

Атли го оркестрирал доделувањето независност на Индија и Пакистан во 1947 година. Атли во 1928-1934 година бил член на Индиската статутска комисија (позната и како Симонова комисија). Тој во Лабуристичката партија станал експерт за Индија и веќе во 1934 година се залагал на Индија да ѝ се даде ист статус на независен доминион каков што неодамна добиле Канада, Австралија, Нов Зеланд и Јужна Африка.[51] Тој се соочил со силен отпор од тврдокорните конзервативни империјалисти, предводени од Черчил, кои се спротивставиле и на независноста и на воспоставувањето на систем на ограничена локална контрола од самите Индијци.[52] Атли и раководството на лабуристите сочувствувале кон Конгресното движење предводено од Махатма Ганди и Џавахарлал Нехру,[53] и пакистанското движење предводено од Мухамед Али Џина. За време на Втората светска војна, Атли бил задолжен за индиските работи. Кога Конгресот повикал на пасивен отпор во движењето „Оставете ја Индија “ од 1942-1945 година, Атли наредил апсење и интернирање на десетици илјади лидери на Конгресот и го задушил бунтот.[54]

Откако станал премиер во 1945 година, Атли првично планирал на Индија да ѝ даде статус на Доминион во 1948 година,[55] но владата на лабуристите да им дала целосна независност на Индија и Пакистан во 1947 година. По независноста имало преселби на милиони муслимани и Хиндуси (и многу Сики). Следело и екстремно насилство по поделбата на провинциите Пенџаб и Бенгал. Историчарот Јасмин Кан проценува дека биле убиени меѓу половина милион и милион мажи, жени и деца.[56][57] Самиот Ганди бил убиен од хинду активист во јануари 1948 година [58]

Атли во 1948 година ја дозволил и мирната транзиција кон независност на Бурма (Мјанмар) и Цејлон (Шри Ланка).[59]

Палестина
Прослава на Денот на Европа во Ерусалим под британска контрола (1945)

Еден од најитните проблеми со кои се соочил Атли се однесувал на иднината на британскиот мандат во Палестина, кој стана премногу проблематичен и скап за справување. Британската политика во Палестина од страна на ционистичкото движење и администрацијата на Труман била сфатена како проарапска и антиеврејска, а Британија набрзо била неспособна да го одржува јавниот ред соочена со еврејскиот бунт и граѓанската војна. Како одговор на тоа, Атли наредил евакуација на целиот британски воен персонал и го предал прашањето на Обединетите нации, одлука која била поддржана од јавноста во Британија.[60]

Африкански колонии

Политиките на владата во однос на другите колонии, особено оние во Африка, се фокусирале на нивно задржување како стратешки средства во Студената војна и истовремено да ги модернизираат нивните економии. Во Кенија била изградена голема воена база, а африканските колонии биле под директна контрола од Лондон. Биле воведени развојни шеми за да помогнат во решавањето на повоената британска криза со платниот биланс и за да се подигне африканскиот животен стандард. Овој „нов колонијализам“ функционирал бавно и имал неуспеси како што е шемата за кикиритки Тангањика.[61]

Враќање во опозицијата

По поразот на изборите во 1951 година, Атли продолжил да ја води партијата како лидер на опозицијата. Неговите последни четири години како лидер, сепак, се сметаат за еден од послабите периоди на Лабуристичката партија.[20] Атли, на 72-годишна возраст, на општите избори во 1955 година му се спротивставил на Ентони Иден. На изборите лабуристите изгубиле 18 пратенички места, а конзервативците го зголемиле своето мнозинство. Тој се пензионирал како лидер на Лабуристичката партија на 7 декември 1955 година, по дваесет години на чело на партијата, а на 14 декември Хју Гејтскел бил избран за негова замена.[62][63]

Повлекување

Тој подоцна се повлекол од Долниот дом и на 16 декември 1955 година ја добил наследната титула Ерл Атли и Виконт Прествуд.[17] Со ова на 25 јануари 1956 го зазел своето место во Домот на лордовите. Во мај 1961 година, отпатувал во Вашингтон за да се сретне со претседателот Кенеди.[64]

Смрт

Атли умрел мирно во сон од пневмонија на 8 октомври 1967 година на 84-годишна возраст во болницата Вестминстер. На неговиот погреб во ноември присуствувале две илјади луѓе, меѓу кои и тогашниот премиер Харолд Вилсон и Принцот Едвард кој ја претставувал кралицата . Тој бил кремиран и неговата пепел била закопана во Вестминстерската опатија.[65][66]

Наследство

Портрет од Џорџ Харкурт, 1946 година

Новинарот и радиодифузер Ентони Хауард го нарече „најголемиот премиер на 20 век“.[67]

Наводи

Извори

Библиографија

Други публикации на Атли

Дополнително читање

Надворешни врски

🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица