Новогодишна елка

Новогодишна елка (или Божиќна елка) е украсено дрво, обично зимзелено четинар, како смрека, бор или ела, или вештачко дрво со сличен изглед, поврзано со прославата на Нова година и Божиќ.[1]

Новогодишната елка на плоштадот во Скопје, 2023 година
Christmas tree decorated with lights, stars and glass balls. Wrapped presents are under tree
Новогодишна елка украсена со светилки, ѕвезди и стаклени топки

Обичајот започнал во Централна Европа и балтичките земји, особено во Естонија, Германија и Ливонија (денес Латвија), каде протестантските христијани поставувале украсени дрвја во своите домови.[2][3] Дрвото традиционално било украсено со „рози направени од обоена хартија, јаболка, наполитанки, и кондиторски прозводи.[2] Моравските христијани почнале да ги осветлуваат елките со свеќи,[4] кои денес се заменети со нвогодишни сијалички по доаѓањето на електрификацијата.[5] Денес, постои широк спектар на традиционални и модерни украси, како што се венци, украсни ленти, бонбони и друго. На врвот на дрвото се става ангел или ѕезда за да го претставува ангелот Гаврил или Витлеемската ѕвезда, од раѓањето на Христос.[6][7] Јадливите производи како колач од ѓумбир, чоколадо и други слатки и бонбони, се исто така популарни како новогодишни украси, врзани или закачени на гранките на дрвото со панделки. Божиќната елка историски се смета за обичај на лутеранските цркви, а дури во 1982 година Католичката црква ја поставила ватиканската новогодишна елка.[8]

Во западната христијанска традиција, новогодишните елки се поставуваат во различни временски периоди, на пример, на првиот ден од декември или дури на Бадник.[9]

Историја

Мартин Лутер е прикажан со семејството и пријателите пред новогодишна елка на Бадник

Потекло на денешниот изглед на новогодишната елка

Игдрасил, во нордиската космологија, е огромно и централно свето дрво.

Денешните новогодишни елки потекнуваат од Средна Европа и балтичките земји, особено Естонија, Германија и Ливонија (денес Латвија) од периодот на ренесансата и раната модерна Европа.[2][3] Неговото потекло од 16 век понекогаш се поврзува со протестантскиот христијански реформатор Мартин Лутер, за кој се вели дека прв поставил запалени свеќи на зимзелено дрво.[10][11] Новогодишната елка првпат била забележана дека ја користат германските лутерани во 16 век, во записи кои укажуваат дека елката била поставена во катедралата во Стразбур во 1539 година, под водство на протестантскиот реформатор Мартин Буцер.[12][13] Моравските христијани исто така ставале запалени свеќи на елка.[4][14] Најраната позната сигурна датирана слика на новогодишна елка е на скулптура во приватен дом во Туркхајм, Алзас (тогаш дел од Светото Римско Царство на германската нација, денес Франција), со датум од 1576 година.[15]

Можни претходници

Слика од Виго Јохансен (1891)

Современите новогодишни елки се поврзани со „рајското дрво“ на средновековните мистериозни претстави што биле прикажувани на 24 декември, именденот на Адам и Ева во различни земји. Во таквите претстави, дрво украсено со јаболка (што претставува плод од дрвото на спознанието на доброто и злото, а со тоа и на првобитниот грев) и тркалезни бели наполитанки (за да ја претставуваат Евхаристијата и откупувањето) се користеле како амбиент за претставата.[5] Како божиќни јасли, рајското дрво подоцна било поставувано во домовите. Јаболката биле заменети со тркалезни предмети, на пример со сјајни црвени топчиња.[16][17][18]

Кон крајот на средниот век, се појавува раниот претходник на новогодишната елка, од 15 век во манастирот Цистерцијан Алкобака во Португалија. „Забелешка за тоа како да ја ставите божиќната гранка: На Бадник ќе барате голема гранка од зелен ловор, и многу црвени портокали, кои ќе ги ставиш на гранките од ловорот, и во секој портокал ќе ставиш свеќа и ќе ја закачиш гранката со јаже на столбот, кој ќе биде покрај свеќата на високиот жртвеник“.[19]

Други извори ја поврзуваат симболиката на првите документирани новогодишни елки во Германија околу 1600 година и дрвјата од претхристијанските традиции, иако ова тврдење е оспорено.[20] Според Енциклопедија Британика, „употреба на зимзелени дрвја и венци за симболизирање на вечниот живот, бил обичај на старите Египќани, Кинези и Евреи. Обожувањето на дрвјата било вообичаено меѓу паганските Европјани, што останало дури и по нивното преобраќање во христијанство. Во Скандинавија имало обичаи да се украсат куќата и шталата со зимзелени гранки на нова година за да се исплаши ѓаволот, како и да се постави дрво за птиците за време на Божиќ“.[21]

Ран пример на јавна новогодишна елка за децата на невработени родители во Прага (Чешка), 1931 година

Вообичаено се верува дека старите Римјани ги украсувале своите куќи со зимзелени дрвја за да ја прослават Сатурналија,[22] иако за тоа нема историски записи.[23] Во песна од Катул, тој раскажува за боговите кои го украсуваат домот на Пелеј со дрвја, вклучувајќи ловор и чемпрес. Подоцна Либаниј, Тертулијан и Златоуст зборуваат за употребата на зимзелени дрвја за украсување на христијанските куќи.[24]

Викинзите и Саксонците ги обожувале дрвјата.[22] Приказната за Свети Бонифациј и сечењето на Донаровиот даб ги илустрира паганските практики во 8 век меѓу Германците. Подоцнежната народна верзија на приказната додава детали дека зимзелено дрво пораснало на местото на исечениот даб, раскажувајќи дека неговата триаголна форма го потсетува човештвото на Светото Тројство.[25][б 1]

Јавни новогодишни елки

Од почетокот на 20 век, станало вообичаено во многу градови и стоковни куќи да се поставуваат јавни новогодишни елки на отворено, како што е Големата елка на Мејси во Атланта (од 1948 година), Божиќната елка во Центарот Рокфелер во Њујорк, и големата елка на плоштадот Викторија во Аделаида.

Националната новогодишна елка на Соединетите Американски Држави се поставува секоја година од 1923 година на јужниот тревник на Белата куќа, со што станала голем празничен настан во Белата куќа. Претседателот Џими Картер ја вклучил само ѕвездата од врвот на дрвото во 1979 година во чест на Американците кои биле држени како заложници во Иран.[26] Истото било случај и во 1980 година, освен што дрвото било целосно осветлено 417 секунди, по една секунда за секој ден кога заложниците биле во заробеништво.[26]

Во поголемиот дел од 1970-тите и 1980-тите години, најголемата украсена новогодишна елка во светот се поставувала секоја година на имотот на таблоидот Нејшнал Енквајар во Лантана, Флорида. Оваа традиција прераснала во еден од најспектакуларните и најславните настани во историјата на јужна Флорида, но била прекината по смртта на основачот на весникот во доцните 1980-ти години.[27]

Галерија

Обичаи и традиции

Додавање украси на дрвото

Поставување и симнување

И китењето и раскитувањето на новогодишната елка се поврзани со конкретни датуми.[28] Во многу области, станало вообичаено да се постави елката во недела неколку седмици пред Божиќ (околу 1 декември).[29][30] Меѓутоа, традиционално, новогодишните елки биле украсувани пред вечерта на Бадник (24 декември, според новиот црковен календар).[31] Вообичаено е христијаните да ја раскитат елката на Водици (Дванаесетта ноќ).[32] Според традицијата, оние кои нема да се сетат да ги отстранат божиќните украси пред Водици, мора да ги остават недопрени до Сретение Господово, а непридржувањето кон овој обичај се смета за несреќа.[33][34]

Украси

Божиќните украси се украси обично направени од стакло, метал, дрво или керамика, кои се користат за украсување на новогодишната елка и просторот. Првите украсени дрвја биле украсени со јаболка, бели бонбони и колачи во форми на ѕвезди, срца и цвеќиња. Стаклените украси првпат биле направени во Лауша, Германија, а исто така и венци од стаклени мониста и лимени фигури кои можеле да се закачат на дрвјата. Популарноста на овие украси го поттикнало производството на стаклени фигури направени од високо квалификувани занаетчии со глинени калапи.

Во доцните 1800-ти години, домашните бели новогодишни елки биле направени со обвиткување на ленти од памучна ткаенина околу безлисни гранки создавајќи изглед на дрво натоварено со снег.

Симболика и толкувања

Дрвја на продажба на божиќниот пазар во Виена, слика од Карл Венцел Зајичек (1908)

Кога ја украсуваат новогодишната елка, многу поединци ставаат ѕвезда на врвот на дрвото што ја симболизира Витлеемската ѕвезда.[6][35] Станало популарно луѓето да користат и ангел на врвот на елката за да ги симболизираат ангелите споменати при Христовото Рождество.[7] Дополнително, во контекст на христијанската прослава на Божиќ, зимзелената елка го симболизира вечниот живот, а свеќите или светлата на дрвото го претставуваат Христос како светлина на светот.[5][36]

Секоја година во Америка се произведуваат од 33 до 36 милиони новогодишни елки, а во Европа од 50 до 60 милиони. Во 1998 година, имало околу 15.000 одгледувачи во Америка, а се проценува дека истата година Американците потрошиле 1,5 милијарди долари на новогодишни елки.[37] Во Европа, 75 милиони дрвја во вредност од 2,4 милијарди евра се трошат годишно.[38]

Поврзано

Белешки

Наводи

Надворешни врски

🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица