Си Џинпинг

Генерален секретар на Комунистичката партија на Кина
(Пренасочено од Си Ѓинпинг)

Си Џинпинг (кинески: 习近平, пинјин: Xí Jìnpíng; р. 15 јуни 1953) — Генерален секретар на Комунистичката партија на Кина (КПК), Претседател на НР Кина и Претседател на Централниот воен комитет. Како генерален секретар, тој е член и на Постојаниот комитет на Политбирото на КПК, де факто врховен управен орган во земјата.

Си Џинпинг
习近平
Си Џинпинг во 2023 г.
Генерален секретар на ЦК на КПК
На должноста
Стапил
15 ноември 2012
ЗаменикЛи Кеќанг (II во ПКП)
ПретходникХу Џинтао
Претседател на НР Кина
На должноста
Стапил
14 март 2013
ПремиерЛи Кеќанг
ПотпретседателЛи Јуенчао
ПретходникХу Џинтао
Лични податоци
Роден(а)15 јуни 1953(1953-06-15)(70 г.)
Пекинг
ПартијаКомунистичка партија
СопружникПенг Лијуен
ДецаМингце
ЖивеалиштеЏунгнанхај
УстановаУниверзитет „Цингхуа“

Си е син на комунистичкиот првоборец Си Џунгсин и политички се издигнал во приморските покраини на земјата. Помеѓу 1999 и 2002 г. бил управник на покраината Фуѓен, а помеѓу 2002 и 2007 г. бил управник и партиски началник н на соседната покраина Џеџинг. По отпуштањето на Чен Лиангји, Си бил префрлен во Шангај, на функцијата партиски секретар, а подоцна истата година (2007) влегол во централната управа, каде го подготвувале за наследник на претседателот Ху Џинтао.

Како водач на петтото поколение на државното водство,[1] ја возобновил масовната борба против корупцијата, продолжил со пазарните реформи и создал отвореност и отчетност во урпавувањето. Сите овие мерки се окарактеризирани со неологизмот „кинески сон“.[2]

Живот и кариера

Детство и младост

Си Џинпинг е роден на 15 јуни 1953 г. во реонот Сиченг, Пекинг, со семејно потекло од околијата Фупинг (денес во Вејнан), Шенси. Поради тоа што израснал во Пекинг, Си е првиот водач на партијата што говори чист мандарински без локален акцент.[3] Татко му, Си Џунгсин е еден од основачите на комунистичкото герилско движење во Шенси и бил на функцијата заменик-премиер. Во тоа време, татко му бил Началник на Одделението за пропаганда на КПК, а потоа потпретседател на Националното народно собрание. Кога Си имал 10 години, татко му бил симнат во чистка и испратен да работи во фабрика во Луојанг, Хенан.[4] Во 1968 г, во текот на Културната револуција, татко му бил осуден и затворен. Останувајќи без поткрепа од татко му, Си како средношколец бил испратен на работа во Јенчуан, Шенси. Подоцна станал секретар на партискиот огранок во производната задруга сè до 1975 г.

Од 1975 до 1979 г, Си студирал на хемиско инженерство на престижниот универзитет „Цингхуа“ во Пекинг. Во 2002 г, на истиот универзитет станал доктор по правни науки, задржувајќи се на марксизмот и идеолошката наобразба.[5] Од 1979 до 1982 г, бил секретар на Генг Бјао, а потоа бил на функцијата заменик-премиер и Генерален секретар на Централниот воен комитет. Служејќи на Воениот комитет, Си се стекнал со добри познавања од областа на воените работи. Во 1985 г. бил член на делегацијата во Маскатин, Ајова (САД) која имала за цел да го изучува американското земјоделство.[6]

Напредок во кариерата

Си во 1971 г. се зачленил во Сојузот на комунистичката младина на Кина, а три години подоцна стапил во Комунистичката партија.[7] Во 1982 г. бил испратен во Џендинг, Хебеј на функцијата Заменик-секретар околискиот огранок на партијата, а следната година бил назначен за нејзин секретар.[8] Во текот на политичката кариера, служел во четири покраини: Шенси (1969–1975), Хебеј (1982–1985), Фуџен (1985–2002) и Џеџанг (2002–2007).

Служел на разни функции во подрачниот комитет на КПК во Фуџоу, а во 1990 г. станал претседател на месното партиско училиште. Во 1999 г. бил унапреден во Заменик-управник на покраината Фуѓен, а следната година дошол на функцијата управник. За време на ова службување правел напори за да привлече инвеститори од Тајван и да ја унапреди слободната пазарна економија.

Во 2002 г. стапил на високи функции во Џеџанг. Набргу станал покраински партиски началник, а потоа управик на покраината. Потоа стапил во ЦК на КПК и со тоа влегол во државниот врв. Додека бил во Џеџанг, Си обезбедил поволни стопански услови за голема стапка на развој од 14% годишно, притоа немилосрдно борејќи се против корупцијата.

Во март 2007 г. станал партиски началник на Шангај по симнувањето на дотогашниот началник поради вмешаност во скандал со пензискиот фонд.

Приклучување кон Постојаниот комитет и потпретседателство

Си Џинпинг на средба со македонскиот премиер Никола Груевски во 2013 г.
Си Џинпинг и рускиот претседател Димитриј Медведев во 2010 г.
Си Џинпинг на средба со американскиот секретар за одбрана, Леон Панета во септември 2012 г.

По назначувањето за партиски секретар на Шангај, Си во 2007 г. бил изгласан за член на Постојаниот комитет. Таму се котирал над Ли Кеќанг, што значи дека имал најголеми изгледи да стане следниот претседател на државата. Покрај ова, Си членувал во врвот на Секретаријат на ЦК и поради неговите достигнувања, XI Национално народно собрание во 2008 г. го изгласал за Потпретседател на Кина.[9]

Откако стапил на функцијата, Си имал најразлични задолженија и портфолија. Бил надлежен за опширните подготовки на Летните олимписки игри 2008 во Пекинг и играл улога на најзначаен фактор во односите на централната управа со Хонгконг и Макао. Станал и претседател на Централното партиско училиште, установа за образовно-идеолошка подготовка на кадри на партијата. По Сечуанскиот земјотрес во 2008 г, Си ги посетил погодените подрачја во Шенси и Гансу. Во јуни 2008 г. ги остварил првите посети во странство како потпретседател, и тоа во Северна Кореја, Монголија, Саудиска Арабија, Катар и Јемен.[10] По завршувањето на олимпијадата, бил назначен на чело на комитетот задолжен за организирање на одбележувањето на шеесетгодишнината од основањето на НР Кина. Го предводел итн. „Проект 6521“ за обезбедување на политичка стабилност во немирите во 2009 г.[11]

Си ужива значаен углед кај странските државници, кои ја ценат неговата отвореност и прагматичен пристап. Меѓу другите позитивни оценки, највпечатлива е онаа на поранешниот премиер на Сингапур, Ли Куан Ју, кој изјавил дека Си е „промислен човек што минал низ многу маки и неволји во животот.“[12] Ли исто така се искажал дека: „Како човек, јас би го ставил во класата на Нелсон Мандела. Човек со многу голема емотивна стабилност што не дозволува личните несреќи и страдања да му го загрозат расудувањето. Со други зборови, импресивна личност“.[13]

Турнеи како потпретседател

Во февруари 2009 г, како потпретседател, Си Џинпинг направил турнеја низ Латинска Америка, посетувајќи го Мексико,[14][15] Јамајка,[16][17] Колумбија,[18][19] Венецуела[20][21] и Бразил[22][23] за да ги унапреди врските и соработката на Кина во регионот, со особен осврт на глобалната финансиска криза. На враќање ја посетил и Малта.[24][25]

Партиски челник и врховен командант

На 15 ноември 2012, XVIII ЦК на КПК го изгласал Си за Генерален секретар на Комунистичката партија и Претседател на Централниот воен комитет, со што тој се издигнал на врвот на партијата.[26][27][28][29] Списокот на најмоќни луѓе во светот на „Форбс“ во 2012 г. го оценил Си како деветти најмоќен човек на светот.[30]

Во следниот период, како челник на партијата, Си ја посетил покраината Гуангдунг за да му оддаде почит на поранешниот премиер Денг Сјаопинг, при што одржал говори, повикувајќи на силни економски реформи и зајакнување на војската, што го нарекол „кинескиот сон“.[31]

Претседателствување

На 14 март 2013 г. Си бил назначен за Претседател на Кина, со речиси апсолутно мнозинство на гласачите на XII Национално народно собрание,[32] доаѓајќи на местото на Ху Џинтао, кој заминал во пензија со истекот на неговите два мандата.[33] Во истата прилика, за потпретседател на државата е избран либералниот реформист Ли Јуенчао, кој со ова станал првиот потпретседател што не членува во Постојаниот комитет од времето на Жонг Јижен (1998) наваму.[34]

Веднаш по стапувањето на функцијата, Си го потврдил пријателството на земјата со Пакистан[35] и заминал во посети на Русија, Танзанија, ЈАР и Република Конго.[36]

Кон средината на годината, Си остварил и средби со македонскиот премиер Никола Груевски и шефот на МНР, Никола Попоски во состав на кинеската иницијатива за инвестиции и соработка со земјите од Средна и Источна Европа.[37]

Поврзано

Наводи

Надворешни врски



🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица