Полско-литванска Државна Заедница

Полско-литванска Државна Заедница или Жечпосполита (официјално: „Земја на Двата Народа“, „Жечпосполита на Двата Народа“; полски: Rzeczpospolita Obojga Narodów; литвански: Žečpospolita Abiejų tautų respublika; латински: Serenissima Res Publica Poloniae) — федерација меѓу Кралството Полска и Големото Кнежевство Литванија, кое постоело во периодот од 1569 до 1795 година. Земјата во текот на своето постоење била една од најголемите во Европа.[б][в][1][2]

Кралство Полска и Големо Кнежевство Литванија
Државна заедница
Грб
 
Грб
1569 – 1795
 

 

Знамето на Сигизмунд IIIГрб
Гесло
латински: Si Deus Nobiscum quis contra nos
(Ако Бог е со нас, тогаш кој е против нас)
Pro Fide, Lege et Rege
(латински: За верата, правото и кралството, 18 век)
Местоположба на Кралство Полска и Големо Кнежевство Литванија
Полско-Литванската ДЗ во 1619
Главен градПолско-Литванска ДЗ: Краков, Варшава (1600); Големо Кнежевство Литванија: Вилнус [а]
Јазици
Вероисповед
УредувањеНаследна монархија (1569 — 1573),
Изборна монархија (1573 — 1791),
Наследна монархија (1791 — 1795)
КралевиСписок
Големи војводиСписок
ЗаконодавствоСејм
Историја
 - Лублински Сојуз1 јули 1569
 - Прва поделба5 август 1772
 - Третомајски устав3 мај 1791
 - Втора поделба23 јануари 1793
 - Трета поделба24 октомври 1795
Површина
 - 1582815000 км²
 - 1618990000 км²
Население
 - 15826500000 
     Густина8 жит/км²
 - 161810500000 
     Густина10.6 жит/км²

Сојузот имал некои специфични одлики. Така, политичкиот систем (познат и како „Златна слобода“) се одликувал со строга контрола врз власта на монархот. Оваа контрола била спроведувана од страна на законодавното тело „сејм“, коешто било под контрола на аристократијата („шлахта“). Ваквиот политички систем претставувал предвесник на современите концепции на демократијата,[3]уставната монархија[4][5][6] и федерацијата.[7] Двете земји, кои го сочинувале сојузот биле формално еднакви, но сепак Полска била доминантен партнер во сојузот.[г]

Полско-литванската Државна Заедница се одликувала со висок степен на етнички диверзитет и невообичаена верска трпеливост,[д][8] којашто сепак, со тек на време се менувала.[9]

По неколку декади на моќ, за време на Златниот век на заедницата,[ѓ][10][11] државата се соочила со период на политичко,[6][12] воено и економско[13] опаѓање. Слабостите кои брзо се појавувале довеле до нејзините поделби, меѓу соседите: Австрија, Прусија и Русија, на крајот од XVIII век. Кратко пред пропаѓањето, биле направени обиди за големи реформи и притоа бил донесен уставот од 3 мај 1791, кој бил вториот најстар национален устав во современата историја.[е][14][15][16]

Историја

Етимологија на името

Името „Жечпосполита“ (пол. Rzeczpospolita) е словенизирана верзија на латинското Res Publica, (lat. res, полски: rzecz и lat. publica, полски: pospolita).

Себастијан Собиески со полската круна на венчавката на Зигмунд III, насликан од непознат сликар околу 1605

Основање и реформи

Сојузот бил основан со основањето на Лубинскиот Сојуз. Овој настан се смета за еден од најголемите успеси на Зигмунд II Август, последниот монарх од династијата на Јагелонците. По неговата смрт, следувал период од три години на т.н. меѓуцарствие. Овој период завршил со воведување на нови реформи и промени на уставот на сојузот. Со овие промени на аристократијата ѝ била доделена поголема власт.

Во времето на избор на нов крал, шлахтата повеќе се залагала за странски кандидат, којшто нема да има право да создаде уште една таква моќна династија каква што била онаа на Јагелонците. Но, ваквите стремежи, често доведувале до создавање, односно избирање на неефективни монарси, кои биле постојано во конфликт со аристократијата. Освен тоа, со исклучок на Стефан Батори (1576 — 1586), монарсите кои потекнувале од друга земја најчесто се стремеле, интересите на сојузот да ги потчинат кон интересите на земјата од каде што тие потекнувале. Тоа најмногу се почувствувало во времето на првите два крала од шведската династија Васа, чија политика ја довела земјата до конфликт со Шведска и го означува почетокот на распаѓањето на сојузот.

Златен век

Сојузот во 1635 година

Со спроведените реформи, сојузот започнал да зајакнува во сите сфери. Организацијата на државата била налик на демократија, што било во спротивност со апсолутистичките монархии кои постоеле во тоа време во Европа. Парламентот („сејм“) и неговите институции биле управувани од страна на аристократијата и не биле наклонети кон постојано војување, за разлика од соседните земји во тоа време. Потврда за ова е и неучеството на сојузот во Триесетгодишната војна. Сепак, најголеми воени успеси, Полско-литванската Државна Заедница постигнала против Шведска, Русија и Османлиското Царство. Сојузот за краток период владеела дури и со руската престолнина, Москва.

Богатството на земјата започнале да се зголемува, со зголемувањето на профитабилноста од земјоделскиот извоз. Големиот природен прираст во западна Европа ја зголемило побарувачката за храна, па Полско-литванската Државна Заедница станала водечка земја во Европа, по производството на жито. Профитот, кој го заработувале трговците бил наменет, пред сè за развој на руралната економија, иако во тој период во западна Европа во подем биле урбанизацијата и капитализмот.

Намалување на моќта

Годините по востанието на Зебжидовски (1606 — 1607) го одбележале периодот на значително зголемување на магнатите и демократизацијата во шлахтата постепено била претворана во олигархија на магнатите.

Моќта на сојузот започнала да се намалува по двојниот неуспех во 1648 година, односно по големите востание на Козаците и Кримските Татари, на чело со Богдан Хмелницки. Вториот неуспех е војната против Шведска во 1655 година. Шведска, како сојузници ги имала Трансилванија и Бранденбург. На крајот на 17 век, во времето на Јан III, сојузот му нанел неколку порази на Османлиското Царство. Битката кај Виена во 1683 година довела до пресврт во 250-годишната војна помеѓу христијанска Европа и муслиманската Османлиско Царство. Во текот на следните шеснаесет години, Османлиите постепено биле протерувани од средна кон јужна Европа.

Во XVIII век, сојузот се соочил со внатрешни проблеми, кои биле причинети и поради лошите односи со соседните земји. Овие настани во целост го дестабилизирале политичкиот систем на земјата, доведувајќи го на работ од анархија.

Подоцнежни реформи

Изгласувањето на новиот устав во Сејмот, 3 мај 1791

Полско-литванската Државна Заедница направила повеќе обиди да го реформира својот политички систем. На 3 мај 1791 година, во Сејмот бил изгласан уставот од 3 мај 1791, кој бил вториот најстар национален устав во современата историја.[е][14][15][16] Уставот го претворил политичкиот систем на сојузот во унитарна држава со наследна монархија. Освен тоа, со донесувањето на уставот биле укинати, но и задржани некои елементи од стариот систем. Така, со новиот устав било укинато слободното вето; се предвидувало поделба на власта на законодавна, извршна и судска; се создал народен суверенитет, кој ги проширил политичките права; се зголемиле правата на селското население; се сочувала религиозната толеранција.

Овие реформи сепак биле воведени многу доцна, ако се има предвид фактот што по само неколку месеци, сојузот била нападнат од страна на сите свои соседи, кои биле задоволни со напуштањето на сојузот, но грубо реагирале на обидите за реформи на кралот Станислав Август Понјатовски и другите обиди за реформи, кои би ја зајакнале државата.[17] Русија стравувала од реформите предвидени со новиот устав на сојузот и од можноста истата да стане европска империја. Катерина Велика го сметала уставот за фатален за нејзиното влијание[18] и го прогласила за јакобински.[19] Григори Потемкин направил нацрт на Тарговицката конфедерација, што посочувало на тоа дека уставот е „зараза на демократски идеи“.[20] Во меѓувреме, Прусија и Австрија, кои исто така биле исплашени од создавање на моќна Полска, го искористиле уставот како изговор за понатамошни територијални проширувања.[19] Прускиот министер Евалд фон Херцберг, уставот го нарекол „удар за пруската монархија“,[21], плашејќи се од нова доминација на Полска над Прусија.[18][22] Сепак, третомајскиот устав никогаш не бил целосно спроведен, а сојузот постоел уште само 4 години од неговото донесување.

Поделба на сојузот

Прва поделба

Полско-литванската Државна Заедница по првата поделба (1772)

На 6 февруари 1772 во Санкт Петербург била склучена согласност меѓу Прусија и Русија, а на 19 февруари истата година во Виена, била потпишана конвенција за поделба. На 25 јули во Санкт Петербург била склучена нова конвенција, според која и Австрија зела учество во поделбата. На почетокот на август, руските, пруските и австриските војски навлегле во Полска и ги поделиле заземените области, во склад со конвенцијата. На 5 август, бил издаден окупацискиот манифест, со кој се барало вчудовидената земја, истрошена со напорите на Барската конфедерација да пружи соодветен отпор.[23] Сепак, се војувале неколку битки и опсади, бидејќи полските трупи одбиле да го положат оружјето.

Конвенцијата за поделба била ратификувана на 22 септември 1772.[24][24][25] Кралот на Прусија, Фридрих II Велики бил воодушевен од победата. Неговата држава ги добила териториите не Ермланд (Вармија), кралска Прусија (полски: Prusy Królewskie) (подоцна, територијата го добила називот Западна Прусија) до реката Нотеќ (германски: Netze), територии од Поморското Војводство без градот Гдањск (Данциг), Поморското Војводство, делови од Кујавија (без градот Торуњ) и делови од Големополска.[23] На Русија и припаднале делови од Инфлант и Ливонија и делови од источна Белорусија, до реките Двина, Друт и Днепар, клучувајќи ги војводствата Витебск, Полацк и Мстиславл.[23] Австрија ги зазела Зтор и Освенцим и делови од Малополска, вклучувајќи ги јужните делови од Краковското Војводство, делови од Сандомјешкото Војводство, цела Галиција, но не и градот Краков.[23]

Со оваа поделба, Полско-литванската Државна Заедница загубила 30 % од својата територија и население од околу 4 милиони жители (1/3 од вкупниот број на население).[23]

Втора поделба

Втората поделба (1793)

Во 1790 година бил потпишан полско-прускиот договор. Условите во договорот биле такви, што новата поделба на Полско-литванската Државна Заедница била неизбежна. Со донесувањето на новиот устав на сојузот, четиригодишниот Сејм ја презел законодавната власт и одлучил војската да се зголеми до 100.000 луѓе.

Со донесувањето на третомајскиот устав, Русија била исплашена од можноста, Полско-литванската Државна Заедница да ја прошири својата територијата до границите во кои била до 1772. Проруската „хетманска“ партија ја создала Тарговицката конфедерација, која со поддршка од Австрија ѝ се спротивставила на полската „патриотска“ партија. Во воените дејствија, литванската војска била уништена, а полската била принудена да се повлече до реката Буг. Во јануари 1793, пруската војска навлегла во Големополска, и тоа не како сојузник, туку како потврдувач на новата поделба.[26][27] На 23 јануари 1793 година, Русија и Прусија потпишале конвенција за втората поделба на сојузот, која била потврдена на Гродненскиот сејм (последен сејм на сојузот).

Од оваа поделба на сојузот, на Русија и припаднал значителен дел од западна Белорусија и делови од Украина, а на Прусија градовите Гдањск и Торуњ, скоро цела Полска, делови од Мазовија и Краковското Војводство.

Трета поделба

Третата и конечна поделба на Полско-литванската Државна Заедница (1795)

Неуспехот на востанието против силите кои учествувале во поделбите на сојузот, предводено од Тадеуш Кошќушко, а кое имало за цел ослободување на освоените територии, претставувало повод за завршната поделба и ликвидација на Полско-литванската Државна Заедница.

На 24 октомври 1795 година, бил потпишана нова конвенција, според која трите земји вклучени во претходните поделби ги поделиле и останатите територии на државата. Како резултат на оваа поделба, Руската Империја добила територии источно од реките Буг и Њемен, кои зафаќале површина од околу 120.000 км2 и на кои живеело население од околу 1.200.000 жители. На Прусија ѝ припаднал најголем дел од Мазовецкото Војводство, вклучувајќи го и градот Варшава, како и делови од Трокското, Подлашкото и Равското Војводство. Овие територии зафаќале површина од околу 55.000 км2, на која живееле околу 1.000.000 жители, од кои најголемиот дел биле Полјаци. Австрија зазела територии од Краковското, Сандомирското, Лублинското, делови од Мазовецкото, Подлашкото, Холмското и Брест-Литовското Војводство, со површина од околу 47.000 км2 и 1.200.000 жители.

Резултати од поделбите

На 15 јануари 1797 година била потпишана последната конвенција, со која се потврдила поделбата на Полско-литванската Државна Заедница и со која било укинато полското граѓанство и во целост биле ликвидирани остатоците од државата. Кон оваа конвенција бил приложен акт од 1795 со абдикацијата на кралот Станислав Август Понјатовски.

Географија

Карта на Европа од 16 век од Герард Меркатор
Топографска карта на Полско-литванската Државна Заедница од 1764

Границите на сојузот во текот на своето постоење се менувале преку различни војни и договори. По мировниот договор од 1582 година, сојузот зафаќал површина од 815 000 км², на којашто живееле околу 6.500.000 жители. Во 1618 година, површината на територијата изнесувала 990 000 км², со околу 10.500.000 жители.

Во текот на своето постоење, во сојузот било планирано да се создаде и Рутенско Кнежевство. Ова, особено за време на востанието на Козаците во Украина во 1648 година, на чело со Богдан Хмелницки. Идејата била, новото кнежевство да биде со ист административен статус како и Кралството Полска и Големото Кнежевство Литванија, а државата да се нарекува Полско-Литванско-Рутенски Сојуз. Сепак, тоа никогаш не се остварило. Во текот на 16 век, полскиот картограф Мартин Кромер издал атлас, кој се викал Polonia sive de situ, populis, moribus, magistratibus et Republica regni Polonici libri duo и истиот се сметал за најдобар опис на земјата и нејзината територија.

Кормеровото дело, како и картите на некои негови современици, како Герард Меркатор, го прикажуваат сојузот претежно како рамнинска земја. Југоисточните делови на земјата, односно Источните Креси биле степкски предели. Јужната граница ја формирале Карпатите, а северната граница Балтичкото Море. Како и другите европски држави во тоа време, сојузот имал голема површина со шуми, особено во источниот дел од земјата. Денес, од овие шумски површини, само шумата Бјаловиеза спаѓа во групата на неповредени прашуми во Европа.

Административна поделба

Границите на Полско-литванската Државна Заедница по Деулинското примирје во 1618
  Кралство Полска
  Кнежевство Прусија
  Кнежевство Курландија
  Кнежевство Ливонија
  Шведска и данска Естонија

И покрај тоа што поимот Полска понекогаш се употребува за именување на целата земја, сепак таа била дел од целината на сојузот кој се состоела од два основни дела:

Полска имала речиси двапати поголем број на население од Литванија, а и приходите биле околу пет пати поголеми. Административно, земјата била поделена на војводства кои биле управувани од војводи. Војводствата биле поделени на помали административни единици. Градовите биле раководени од кастелани.

Териториите кои ѝ припаѓале на Полско-литванската Државна Заедница, денес се дел од неколку држави во средна и источна Европа: Полска, Украина, Молдавија (Приднестровие), Белорусија, Русија, Литванија, Летонија и Естонија. Романија. Неколку мали градови, кои денес се наоѓаат во Словачка, во тоа време биле дел од Кралството Унгарија, а по договорот од Лубовла станале дел од Полско-литванската Државна Заедница.

Значајни територии, кои биле дел од сојузот, без оглед на нивниот административен статус биле:

  • Малополска (полски: Małopolska) — Јужна Полска, со центар во градот Краков;
  • Големополска (полски: Wielkopolska) — централно-западен дел од земјата;
  • Мазовија (полски: Mazowsze) — Централна Полска со центар Варшава
  • Ливонија (полски: Inflanty) — вазалство во северниот дел од земјата од 1561, кое било освоено од Шведска во 1620-те и во 1660 година;
  • Курландија (полски: Kurlandia) — северно вазалство на земјата;
  • Прусија (полски: Prusy) — делови кои припаѓале на сојузот;
  • Кралска Прусија (полски: Prusy Krolewskie) — од 1569 година;
  • Кнежевство Прусија — до 1660 година;
  • Источни Креси — југоисточен дел од земјата;
  • Рутенија — источниот дел на сојузот, на границата со Русија
  • Саможитија (полски: Semigalia) — Западна Литванија;
  • Шлеска (полски: Śląsk) — само дел од провинцијата;
  • Померанија (полски: Pomorze) — поим за земјите околу Балтичкото Море;
  • Галиција (полски: Galicja) — териториите околу Лавов (денес во Западма Украина).

Управување

Полско-литванската Државна Заедница била формирана со обединување на Кралството Полска и Големото Кнежевство Литванија во 1569 година. Сојузот претставувал продолжение на Полско-Литванскиот Сојуз, кој постоел од 1386 година. Во следните два века, земјата успешно се справувала со постојаните напади од страна на Тевтонците, Монголите, Русите и Османлиите. Новиот сојуз бил еден од најголемите во Европа во XVI. и XVII век, по површината и по бројот на наслелението.[б][в][2][28] Земјата се одликувала со строги контроли врз моќта на монархот. Овие контроли биле донесени од страна на законодавната власт („Сејм“) и истите биле контролирани од страна на благородништвото („шлахта“). Овој специфичен систем бил предвесник на современите концепти на демократијата,[3] уставната монархија [4][5][6] и федерацијата.[7]

Двете членки на сојузот, формално биле еднакви, но сепак Полска била доминантна во управувањето.[г] Сојузот, во текот на своето постоење, се одликувала со големо и разновидно етничко малцинство кое живеело во земјата, како и со голема верска трпеливост[д][8], иако степенот на толеранција, секогаш не бил на исто ниво.[9]

Економијата на земјата се засновувала на селското стопанство. Првиот век од нејзиното постоење е познат како Златен век на Полско-литванската Државна Заедница, а вториот век се поврзува со воени порази и економска нестабилност. По неколку декади на незаменлива моќ,[ѓ][29][30] сојузот влегол во период на долготраен политички,[6][12] воен и економски [31] пад. Во 1795 година, сојузот бил уништен од страна на соседните апсолутистички сили: Австрија, Прусија и Русија. Непосредно пред нејзиното распаѓање, сојузот во текот на 1795 година усвоил големи реформи кои подоцна биле искористени при создавањето и кодифицирањето на уставот на современите денешни држави[е][15][16][32].

Војска

Хусарски оклопи од првата половина на XVII век

Војската на Полско-литванската Државна Заедница била раководена од страна на четири хетмани. Таа вклучувала:

  • Редовна војска (полски: Wojsko kwarciane), која се одржувала преку даноците на населението.
  • Полуредовна војска (полски: Wojsko komputowe), која била повикувана во време на војна. Подоцна, оваа гарда била приклучена кон редовната војска.
  • Војска на аристократијата (полски:Pospolite ruszenie), односно шлахта.
  • Селска армија (полски:Piechota łanowa).
  • Регистрирани Козаци — војска, која била составена од Козаци. Оваа војска, обично војувала како пешадија, а до 1699 и како коњаница.
  • Кралска гарда — оваа војска се состоела од мал дел на војници кои го заштитувала монархот и неговото семејство
  • Наемници — оваа армија била повикувана за помагање на редовната војска.
  • Деловна војска.

Морнарицата на сојузот била мала и нејзината улога во историјата на сојузот е релативно безначајна. Сепак, Полско-Литванската морнарица остварила победа над шведската морнарица во Битката кај Олива во 1627 година. На Црното Море, Козаците биле познати по нивните ненадејни пљачки во Отоманското Царство, со помош на нивните бродови „чаики“. Тие, дури палеле и некои населби од отоманскиот главен град Цариград.

Државно уредување

„Златна слобода“

Политичката доктрина на Полско-литванската Државна Заедница била:

Нашата држава е република на чие чело стои монарх.

Оваа реченица, прв ја употребил канцеларот Јан Замојски, притоа додавајќи:

Rex regnat et non gubernat. (Кралот царува, но не управува.)

Сојузот имал парламент („сејм“), сенат и крал којшто бил избиран. Кралот бил задолжен да ги почитува барањата и интересите на граѓаните, во однос на правата кои биле воведени од страна на кралот Хенрик.

„Лублински Сојуз“ од Јан Матејко, 1869 година. Денес, сликата се наоѓа во националниот музеј во Варшава, Полска

Власта на монархот била ограничена, и тоа на сметка на многубројната аристократија. При избирањето на секој нов крал, тој морал најпрвин да се обврзе на почитување на точките донесени од страна на кралот Хенрик, кои претставувале основа на политичкиот систем. Со тек на време, тие биле заменети со Pacta conventa, кои претставувале специјални отстапки направени од страна на новоизбраниот крал. Од тој момент, кралот станал по природа партнер со аристократската класа и постојано бил под надзор на група сенатори.

Основите на Полско-литванската Државна Заедница, кои ја претставувале т.н. златна слобода (полски: Zlota Wolność, поим, кој бил за првпат употребен во 1573 година) вклучувале:

  • Слободен избор на кралот од страна на аристократијата.
  • Парламент или Сејм, којшто бил свикуван од страна на кралот на секои две години.
  • Pacta conventa, договор којшто го потпишувал секој нов избран крал и којшто ги содржел правата на кралот.
  • Востание (полски: rokosz), односно право на шлахтата на законски бунт против кралот, доколку е забележително дека се нарушени основните слободи на народот.
  • Слободно вето (полски: liberum veto) - право на определен претставник на Сејмот да се спротивстави на некое решение на мнозинството. Донесувањето на слободното вето ги поништувало сите закони, кои биле донесени во текот на една сесија од работата на Сејмот.
  • Конфедерација (полски: konfederacja) - право на создавање на организација за наложување на општа политичка цел.

Провинциите на сојузот имале голема автономија[17]. Секое војводство имало свој сопствен парламент, „сејмик“ (полски: sejmik), кој поседувал значителна политичка власт вклучително и избор на „посел“ (полски: poseł), односно пратеник во Сејмот. Големото Кнежевство Литванија имало своја сопствена војска и институции.[33].

Републиката во зенитот на својата моќ. Златна слобода. Кралски избори во 1573 од Јан Матејко

„Златните слободи“ создале држава која била необична за тоа време, ако се има предвид империјализмот којшто владеел во соседните земји.[7]. Сличен систем во Европа владеел само во Венецијанската Република[34]. И двете земји биле познати како најрамнодушни републики.[35] Причината, најмногу се огледа во моќта на шлахтата над сите останати општествени и политички сили во сојузот, вклучувајќи го и самиот крал. Со тек на време, шлахтата добила толку големи привилегии (Nihil novi од 1505), што не дозволувала на ниту еден монарх да ја отстрани од власта на сојузот. Во време кога повеќето европски земји се стремеле кон централизација, апсолутна монархија и верски или династички војни, Полско-литванската Државна Заедница експериментирала со децентрализација[7], конфедерација и федерацијата, демократија, верска толеранција, па дури и пацифизам.

Системот на сојузот, во денешно време е тешко да се категоризира. Затоа, таа се определува како мешавина од:

  • федерација — поради широката автономија на регионите;
  • олигархија[7] — бидејќи само шлахтата или само околу 10 % од вкупното население имало политичко право;
  • демократија — бидејќи целата шлахта поседувала исти права, а Сејмот можел да употреби вето за некои важни решенија на кралот. Десетте отсто (шлахтата) од вкупното население, кои ги поседувале овие права[36], сепак биле поголем дел од останатите европски земји.[37] Така на пример, во Франција во 1789, само 1 % од населението имало право на глас, а во 1867 во Обединетото Кралство истото право го имале околу 3 % од населението.[38][39]
  • изборна монархија — бидејќи на чело на земјата стоел монарх којшто бил избиран од страна на шлахтата;
  • уставна монархија — бидејќи монархот бил задолжен кон pacta conventa и други закони.

Политички играчи

Основните играчи во политиката на сојузот биле:

  • монарсите, кои се бореле главно за проширување на својата власт и создавање на апсолутна монархија;
  • магнатите, кои биле најбогатата класа заедно со аристократијата и кои се стремеле индиректно да добијат право и привилегии во управувањето со државата;
  • шлахтата, која главно се стремела да ги засили позициите на Сејмот и земјата да биде управувана од страна на рамноправна аристократска класа.

Магнатите и шлахтата биле во постојано неединство, при што се создавале различни фракции, кои го поддржувале или монархот или некој од магнатите[40].

Политички систем

Политичкиот систем на сојузот честопати бил под големо влијание на надворешни сили и фактори, кои често знаеле да поткупат некои странски претставници за да го искористат правото на вето во Сејмот при воведување на некои нови реформи во сојузот[41][42]. Овие настани довеле до создавање на „политичка парализа“ и анархија во сојузот, што траело повеќе од еден век, односно од средината на XVII век до крајот на XVIII век, сè додека соседните земји не ги стабилизирале своите внатрешно-политички власти и сè додека истите не ја зголемиле својата воена моќ.

Економија

Наплата на жито
Одбивање на наплатата

Основно занимање на населението било феудалното земјоделство. Имотот на просечен аристократ, вклучувал голема фарма, која била обработувана од страна на закрепостените селани.[43] Ропството во Полска било укинато во XV век, а во Литванија, истото било формално укинато во 1588 година[44]. Производството било наменето како за домашниот така и за странскиот пазар. Веќе кон крајот на XVII век, положбата на селаните драстично се влошила, бидејќи шлахтата се обидела да ја компензира намалената цена на житото за сметка на земјоделското население.

И покрај тоа што Полско-литванската Државна Заедница била најголемиот производител на жито во Европа[45], сепак најгоелмиот дел од тоа производство било наменето за самата земја. Потрошувачката на жито во Полска и Прусија во периодот од 1560 до 1570 година се проценува дека било околу 113.000 тони, а просечното производство во сојузот во текот на XVI век било околу 120.000 тони. Од оваа количина, околу 6 % била наменета за извоз. Потрошувачката во градовите изнесувала околу 19 %, а останатиот дел се потрошувал во селата. Најверојатно, околу 2 % од извозот бил наменет за населението на Западна Европа.

Во секој случај, житото било најважниот извозен производ, којшто се произведувал во државата. Сопственикот на земјата обично склучувал договор со трговци од Гдањск за доставување на житото до пристаништето на Балтичкото Море[46]. За да не запловат по морските води, превозните бродови пловеле по големите реки, како Висла, Пилица, Западен Буг, Сан, Нида, Виепж и Њеман. Реките имале значително развиена инфраструктура со речни пристаништа. Поголемиот дел од речниот превоз се вршел во правец југ-север.

Ковани монети од почетокот на XVII век

Од Гдањск, бродовите кои главно биле од Холандија и Фландрија го пренесувале житото кон Антверпен и Амстердам. Локалните бродови вршеле само 2 % од вкупниот превоз. Освен жито, се извезувале и дрвени материјали, дрвени производи, катран и пепел. Во периодите, во кои во земјата преовладувала суша, се извезувале кожа, памук, лен и други ткаенини, кои главно се превезувале во Светото Римско Царство, вклучувајќи ги и градовите Лајпциг и Нирнберг. Биле извезувани и големи стада на крави (околу 50.000 глави) кон јужните делови.

Од друга страна пак, земјата увезувала различни луксузни стоки, како облека, риба, пиво, вино и овошје.[47] Овие производи сочинувале 90 % од вкупниот извоз на земјата по копнен и по поморски пат.[47]Мал број на бродови ги превезувале стоките јужно од Гдањск, до другите делови на земјата. Во периодот меѓу XVI. и XVII век, трговскиот биланс на сојузот станал негативен.

Во времето на големите географски откритија, биле создадени и отворени голем број на трговски патишта, при што економијата на сојузот започнала да го губи своето значење на светскиот пазар, главно поради намалениот извоз. Но, и покрај тоа, сојузот и во наредните периоди останала важен патоказ меѓу Истокот и Западот, бидејќи превозот на многу стоки морал да поминува преку нејзината територија. Така на пример, персиските килими кои биле превезувани низ земјата, биле познати и како „полски килими.(француски: Polonaise).[48]

Парични единици на Полско-литванската Државна Заедница биле злотата и грошот. Сепак, во Гдањск се ковале посебни монети.

Култура

Скица на повеќекатна ракета од делото Artis Magnæ Artilleriæ pars prima на Казимир Семенович

Во времето на своето постоење, Полско-литванската Државна Заедница претставувала еден од најважните европски центри на полето на културата, општествениот развој и политичкиот систем. Сојузот бил познат по својот т.н. квазидемократски политички систем и истиот бил позитивно оценет од страна на различни филозофи, како на пример Еразмо Ротердамски. За време на контрареформацијата, сојузот ја задржал верската трпеливост. Таа довела до создавање на нова христијанска секта на полските крстители, кои биле претходници на британските и американските унијати.[49].

Со својот политички систем, во земјата живееле многу филозофи, меѓу кои најпознати се Анджеј Моджевски, Вавжинец Гошлицки и Пјотр Скарга. Подоцна, делата на Станислав Сташич и Хуго Колонтај помогнале во создавањето на идејата за донесување на третомајскиот устав, кој содржел револуционерни политички принципи.

Јагелонскиот универзитет во Краков е еден од најстарите универзитети во Европа. Вилнушкиот универзитет и Јагелонскиот универзитет биле главните научни центри во земјата. Комисијата за национално образование (полски: Komisja Edukacji Narodowej) била формирана во 1773 година, како прва таква институција во светот. Денес, оваа институција по државите во светот е позната како министерство за образование[50].

Научниот напредок бил забележителен во сите области, а одредени поединци, биле повикани и работеле во другите земји. Така инженерот Кристоф Арцишевски бил на служба во Холандија, а бил и адмирал на холандската морнарица во војната против Шпанија за контрола на територијата на Бразил.[51] Во 1628 година, чешкиот учител, научник, просветител и писател Јан Амос Коменски добил азил во сојузот, бидејќи во Чешка владеела контрареформацијата и голем број на протестанти биле прогонувани.[49][52]

Уметност

Литература

Портрет на Игнациј Красицки од Пер Крафт, 1767

Најпознати писaтели, кои твореле во време на постоењето на сојузот биле Јан Кочановски, Ваклав Потоцки, Игнациј Красицки и Јулијан Урсин.

Голем број од благородничкото население („шлахта“) се занимавало со пишување на мемоари и дневници. Меѓу најпознатите се Мемоарите на полската историја од Албрехт Станислав Радзивил и мемоарите на Јан Кризостом Пасек. Јакуб Собиески (1590 — 1646) (татко на Јан III Собиески) е познат по своите споменари. За време на Битката кај Хотин (1621), тој напишал дневник, насловен Commentariorum chotinensis belli libri tres („Дневник на хотинската војна“), кој бил објавен во 1646 година во Гдањск. Дневникот послужил како основа за поемата Развојот на хотинската војна од Вацлав Потоцки. Јакуб Собиески е и автор на инструкции напишани за патувањето на неговите синови во Краков (1640) и Франција (1645), кои содржат принципи за најдобро слободно образование.

Сликарство

Ковчежен портрет на Барбара Домицела Лубомирска, 1676

Карактеристични за сарматскиот период биле ковчежните портрети, кои се употребувале при погребите, но и другите церемонии.[53] По правило, ваквите портрети биле сликани на платно на метал, кое било во облик на многуаголник (најчесто шестаголник или осумаголник) и по изработката се додавало на предниот дел од ковчегот.[54]

Друга одлика е честата употреба на црн мермер. Олтарите, портите, балустрадите, столбовите, спомениците, надгробните камења и цели соби биле украсувани со црн мермер.

Музика

Барокни оргули во градот Лежајск, направена од Станислав Стуѕински и Јан Гловински

Музиката во земјата во целина се засновала на религиозна основа. Голем број на благородници основале хорови во училиштата и црквите, каде што настапувале нивните музички ансамбли. Некои од нив, како на пример Станислав Лубомирски, граделе оперски куќи. Други пак, како Јанус Тишкиевич и Кништоф Радзивил биле познати како големи мецени во областа на уметноста.[55]. Во земјата биле активни и странски композитори. Кралот Сигизмунд III, во земјата довел италијански композитори и диригенти, меѓу кои и Лука Маренциом, Анибал Стабили, Асприло Пацели, Марко Скафи и Диомед Катон, за да работат со кралскиот оркестар.

Архитектура

Честопати, под водство на магнатите се граделе монументални објекти како цркви, катедрали или дворци. Денешниот претседателски дворец во Варшава бил изграден од 1635 до 1640 година и е дело на Станислав Конецполски. Најголеми проекти во тоа време биле изградбите на цели градови, но и покрај тоа, со тек на време, некои од нив биле запоставени. Најчесто, градовите биле именувани по магнатите, кои ја финансирале изградбата. Најпознат таков град е градот Замошќ, кој бил основан од страна на Јан Замојски, а бил проектиран од страна на италијанскиот архитект Бернардо Морандо.

Шлахта и сарматизам

Полски благородник од Рембрабнт

Во Полско-литванската Државна Заедница била распространета идеологијата сарматизам, чие име го добила од шлахтата. Овој систем на верување бил значаен дел од културата на шлахтата, кој ги опфаќал сите аспекти на нејзиниот живот. Сарматизмот ја гарантирал еднаквоста помеѓу шлахтата, традицијата, провинцискиот селски живот и мирот, религијата, смелоста, еднаквоста и слободата. Движењето, едноставно помагало за поврзување на големиот број на култури кои опстојувале во сојузот, создавајќи силно чувство на единство и гордост од „Златните слободи“ на шлахтата. Сепак, многубројните грешки на движењето биле знак за пропаѓањето на сојузот кон крајот на XVIII век. Најкритични кон него биле полските реформисти, кои сакале да наложат радикални промени во општественото уредување.

Демографија и религија

Козачка свадба, Јозеф Бранд

Во земјата никогаш не преовладувале католицизмот и полското население. Ова најмногу се должи на федерацијата со Литванија, како и приклучувањето на Украина во составот на земјата, каде Полјаците биле третирани само како посебно малцинство. Најголеми етнички малцинства кои живееле во земјата биле Полјаците, Литванците, Украинците и Белорусите (Украинците и Белорусите, популарно биле нарекувани Рутени). Понекогаш, жителите на Големото кнежевство Литванија биле нарекувани Литвини, словенски термин за Литванци. Во периодот по потпишувањето на договорот од Лублин, населението на Полско-литванската Државна Заедница било околу 7.000.000. Од овој број, околу 4.500.000 биле Полјаци, 750.000 Литванци, 700.000 Евреи и 2.000.000 Рутени.[ж] Во 1618 година, односно по мировниот договор од Деулино, населението на сојузот се зголемило, заедно со неговата територија, достигнувајќи 11.500.000. Така, околу 4.500.000 биле Полјаци, 3.500.000 Украинци, 1.500.000 Белоруси, 750.000 Литванци, 750.000 Пруси, 500.000 Евреи и 500.000 Ливони. Во тоа време, благородништвото опфаќало околу 10 % од населението, а буржоазијата околу 15 %[56]. Во периодот од 1648 до 1657 година, намалувањето на населението се проценува на околу 4.000.000 жители.[56]

Во периодот до реформацијата, шлахтата била составена од католици и православни верници. По реформацијата, голем број на население го примиле протестантството. По периодот на контрареформацијата, римокатолилчката црква ја вратила својата контрола во Полска и шлахтата била исклучиво составена од католици, и покрај тоа што католицизмот не бил доминантна религија во земјата.

Јазици

Поради големата етничка разновидност и соединувањето на повеќе култури, во Полско-литванската Државна Заедница во употреба биле повеќе јазици. Сите јазици не биле еднакво прифатени. Во продолжение се наведени јазиците со најмногу говорници и со нивниот статус во државата:

  • полски — официјално признаен[57] како доминантен јазик, користен од страна на поголемиот дел од аристократското население[57][58][59][60] и од страна на населението во некои провинции.[61] Овој јазик бил и официјален во поголемите градови и нивната администрација.[61]
  • латински[57][62] — обично се користел во надворешните односи[63] и бил втор најпопуларен јазик меѓу аристократското население.[64]
  • рутенски[57][63] — бил службен јазик во Големото Кнежевство Литванија до 1697 година (кога бил заменет со полскиот). Јазикот се користел во некои надворешни односи.[62][63][65]
  • литвански[57][66] — се користел само во некои официјални документи во кнежевството.[з][67][68][69]
  • германски[57] — се користел во некои надворешни односи,[63] како и во делови од земјата каде што живеело германско население.[61][70]
  • хебрејски[57] — го зборувало еврејското население во земјата.
  • јидиш[61] — се користел, но не бил признаен како официјален.[71][72]
  • ерменски[57] — го зборувало ерменското малцинство во земјата.[72][73]

Поврзано

Белешки

  • а Историчарите сметаат дека промената на главниот град на државата од Краков во Варшава, била во периодот од 1595 до 1611 година, иако Варшава не бил официјално не бил именуван за главен град, сè до 1793.[74] Сејмот на сојузот започнал да се состанува во Варшава, кратко по создавањето на Лублинскиот Сојуз, а и нејзините владетели своите резиденции ги преместиле во Варшава, иако крунисувањето продолжило да се одржува во Краков.[74] Современиот концепт на единствен главен град бил до некој степен неприменлив во феудалниот сојуз.[74] Според некои историчари, Варшава бил главен град на целиот сојуз.[75][76] Вилнус, главниот град на Големото Кнежевство Литванија,[77][78][79] понекогаш се споменувал како втор главен град на сојузот.[80][81]
  • б Во време на врвот на владеењето, Полско-литванската Државна Заедница зафаќала површина од 1.130.000 км2 и била повеќеетничка заедница со население од 11 милиони.[82]
  • в Полско-литванската Државна Заедница била земја која својот „Златен век“ го имала за време на XVI. и почетокот на XVII век. Кралството на последните Јагелонци било апсолутно најголемата држава во Европа.[83]
  • г „Формално, Полска и Литванија, очигледно биле составни делови на федерацијата... Но, Полска, која ја задржала надлежноста над освоените литвански територии, имала поголема застапеност и станала доминантен партнер.“[84]
  • д Овој квалитет на сојузот бил спознаен од нејзините современици. Роберт Бартон, во своето дело Анатомија на меланхолијата, за првпат издадена во 1621 година, за Полска запишал:

„Полска е кутија со сите религии, каде самосетанците, сицинијанците, фотинијанците (...), аријанците, анабаптистите може да се најдат; во Европа, Полска и Амстердам се вообичаени засолништа (за Евреите).“[85]

  • ѓ „Во средината на 1500-тите, обединетата Полска била најголемата држава во Европа и веројатно најмоќната нација на континентот.“[86]
  • е Џон Маркоф го опишува донесувањето на современите кодифицирани национални устави како еден од патоказите на демократијата и наведува дека „прва европска земја која го следела американскиот пример била Полска во 1791.“ [87]
  • ж Ова се однесува на вкупното и еврејското население според Фрази. За другите проценки според Погоновски, видете ја следната референца ([88]).
  • з „Официјалната употреба на литванскиот јазик во литванските градови во XVI век се докажува со магистерските трудови во Вилнус, кои биле отпечатени од страна на Жигимантас Аугустас во 1552... Закониците на дворовите биле пишувани на литвански јазик. Всушност, тие (закониците на дворовите напишани во Литванија) опстојале од XVII век...“[89]

Наводи

Надворешни врски


Статијата „Полско-литванска Државна Заедница“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).
🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица