Берлин

Берлин (германски: Berlin) — главен град на Германија и една од нејзините шеснаесет покраини. Со население од 3,45 милиони жители[1], Берлин е најголемиот град во Германија. Тој е втор најнаселен град и осма најнаселена урбана област во Европската Унија[4]. Се наоѓа во североисточна Германија и е центар на метрополитенската област Берлин-Бранденбург. Во Берлин живеат 5 милиони луѓе од над 190 земји.[5]. Географски, градот се наоѓа во Европската рамница и затоа е под влијание на умерената сезонска клима. Околу една третина од територијата на градот ја сочинуваат шуми, паркови, градини, реки и езера.[6]

Берлин
Berlin
Сојузна покраина
Брандербуршката порта во Берлин
Знаме на БерлинГрб на Берлин
Местоположба во ЕУ и Германија
Местоположба во ЕУ и Германија
Координати: 52°30′2″N 13°23′56″E / 52.50056° СГШ; 13.39889° ИГД / 52.50056; 13.39889
ДржаваГерманија
Управа
 • ГрадоначалникКлаус Воверајт (СДП)
 • Владејачки партииСДП
 • Гласови во Бундесратот4 (од 69)
Површина
 • Град891,85 км2 (34,435 ми2)
Надм. вис.{{Пб/Грешка во изразот: Непрепознаен интерпункциски знак „—“
 |1=Грешка во изразот: Непрепознаен интерпункциски знак „—“
}}
34 — 115 м
Население (31 март 2011)[1]
 • Град3.468.900
 • Густина39/км2 (100/ми2)
 • Метро4,429,847
Часовен појасCET (UTC+1)
 • Лете (ЛСВ)CEST (UTC+2)
Поштенски бр.10001–14199
Регион. код030
ISO 3166DE-BE
Рег. таб.B(за претходните ознаки видете ја забелешката)[2]
БДП€ 94.7 млрд. (2010) [3]
NUTS-регионDE3
Мреж. местоberlin.de

Првите податоци за градот потекнуваат од XIII век. Берлин бил едноподруго главен град на Кралството Прусија (1701 — 1918), на Германското Царство (1871 — 1918), на Вајмарската Република (1919 — 1933) и на Третиот Рајх (1933 — 1945)[7]. Во текот на 1920-тите години, Берлин бил трето градско подрачје по големина во светот[8]. По Втората светска војна градот бил поделен. Источен Берлин станал главен град на Источна Германија, додека Западен Берлин, со Берлинскиот ѕид (1961 — 1989)[9], всушност бил опкружен од странска земја т.е. од Источна Германија. По Германското обединување во 1990 година, градот си го вратил својот статус како главен град на Германија и домаќин на 147 странски амбасади[10][11].

Берлин е светски град на културата, политиката, медиумите и науката[12][13][14]. Неговата економија првенствено се заснова на услужниот сектор и опфаќа разновиден спектар на креативни индустрии, медиумски корпорации, конгресни и конвенциски центри. Берлин претставува континентален центар за воздушениот и железничкиот сообраќај,[15][16] и еден од најпосетените туристички центри во ЕУ[17]. Значајни индустриски гранки во градот се: информатичката технологија, фармацевтското производство, биомедицинското инженерство, биотехнологијата, оптоелектрониката, сообраќајното инженерство и обновливата енергија.

Метрополата е дом на светски реномирани универзитети, истражувачки институти, спортски настани, оркестри, музеи, а во неа живеат и многу познати личности[18]. Со своето урбаното и историско наследство, градот ги привлекува и меѓународните филмски продукции[19]. Берлин е познат по своите фестивали, разновидната архитектура, ноќниот живот, современата уметност, јавната сообраќајна мрежа како и по високиот квалитет на живеење. Либералниот начин на живеење и модерниот дух на времето ги привлекува младите луѓе и уметниците од целиот свет[20].

Историја

Етимологија

Берлин се наоѓа во североисточна Германија. Голем дел од имињата на градовите и селата во североисточна Германија имаат словенско потекло. Типично се германизирани со додавање на суфиксите -ow, -itz, -vitz, -witz, -itzsch и -in, или префиксите Windisch и Wendisch. Името Берлин потекнува од јазикот на Западните Словени, и се претпоставува дека може да е поврзан со збор од стариот полапски јазик чиј корен е berl-/birl- berl-/birl- („мочуриште“).[21]

Од дванаесетте берлински окрузи, пет носат име кое има словенско потекло: Панков, Штеглиц-Целендорф, Марцан-Хелерсдорф, Трептов-Кепеник, и Шпандау. Од деведесет и шест берлински населби, дваесет и две носат имиња со словенско потекло: Алтглинике, Алт-Трептов, Бриц, Бух, Буков, Гатов, Каров, Кладов, Кепеник, Ланквиц, Либарс, Малхов, Марцан, Панков, Пренцлауер Берг, Рудов, Шмеквиц, Шпандау, Приградска населба Малхов, Штеглиц, Тегел и Целендорф.

Од XII век до XVI век

Карта на Берлин во 1688 година

Најраниот доказ за населување на централните области на денешен Берлин е дрвена греда која датира од околу 1192 година[22]. Првите пишувани податоци за градови, кои се наоѓале во областа на денешен Берлин датираат од крајот на 12 век. За населувањето на Шпандау првпат се споменува во 1197 година, а за Кепеник во 1209 година, иако овие области не биле споени со Берлин до 1920 година[23]. Историјата на централниот дел на Берлин може да се разгледува преку историјата на два града и тоа: Колн (Cölln) на Фишеринзел (Fischerinsel), за првпат се споменува во документ во 1237 година, и Берлин на Шпрее, областа што сега се нарекува Николајфиртел (Nikolaiviertel), а за првпат се споменува во документ од 1244 година[22]. Се смета дека градот бил основан во 1237 година. Уште од почетокот, двата града претставувале економска и социјална заедница. Во 1307 година, двата града биле политички обединети. Со текот на времето, споените градови станале познати под името Берлин.

Во 1435 година, Фридрих I станал изборен кнез на Маркгрофовство на Бранденбург и владеел до 1440 година.[24]. Неговиот наследник, Фридрих II, определил Берлин да биде главен град на маркгрофовијата, а наредните членови на семејството Хоенцолерн (Hohenzollern) владееле во Берлин до 1918 година, прво како изборни кнезови на Бранденбург, потоа како кралеви на Прусија и на крајот како германски цареви. Во 1448 година граѓаните со „берлинска огорченост“ се побуниле против намерата на Фридрих II да се изгради нова кралска палата. Сепак, овој протест не бил успешен и народот изгубил многу од своите политички и економски привилегии. Во 1451 година, Берлин станал царска резиденција на бранденбуршките кнезови и морал да се откаже од својот статус како слободен ханзански град. Во 1539 година, изборните кнезови и градот официјално станале лутерански[25].

Од XVII век до XIX век

Палата Монбижу
Фридрих Велики (1712 — 1786)

Триесетгодишната војна од 1618 до 1648 година имала катастрофални последици за Берлин. Една третина од куќите биле оштетени, а градот изгубил половина од своето население[26]. Фридрих Вилхелм, наследник на својот татко Георг Вилхелм, бил познат како „големиот изборен кнез“ и тој вовел политика на промовирање на имиграцијата и верската толеранција. Со Потсдамскиот едикт во 1685 година, Фридрих Вилхелм им понудил азил на француските хугеноти. Повеќе од 15.000 хугеноти отишле во Бранденбург, од кои 6.000 се населиле во Берлин. До 1700 година, околу 20 % од жителите на Берлин биле Французи и нивното културно влијание врз градот било огромно. Уште многу други имигранти дошле од Бохемија, Полска и Салцбург.

Берлин станал главен град на Германското Царство во 1871 година

Со крунисувањето на Фридрих I во 1701 година (во Кенигсберг), Берлин станал главен град на Кралството Прусија (наместо Кенигсберг); тоа било успешен обид главниот град да се централизира во распространетото Пруско кралство и оттогаш, за првпат, градот почнал да се проширува. Во 1740 годиа, Фридрих II, познат како Фридрих Велики (1740 — 1786) дошол на власт. За време на владеењето на Фридрих II, Берлин станал центар на просветителството. По победата на Франција во војната на четвртата коалицијата, во 1806 година, Наполеон Бонапарт навлегол во Берлин. Во 1815 годиа, градот станал дел од новата провинција Бранденбург.

Во текот на XIX век, индустриската револуција го променила Берлин; економијата и населението на градот драстично се прошириле и тој станал железнички и економски центар во Германија. Наскоро се развиле и други предградија, со што се зголемиле површината и населението на Берлин. Во 1861 година, одвоените населби, како што се Вединг, Моабит и други биле споени со Берлин. Во 1871 година, Берлин станал главен град на новосоздадената Германското Царство. На 1 април 1881 година, тој станал градска област одвоена од Бранденбург.

XX век

Берлин по Втората светска војна

Во 1918 година, на крајот од Првата светска војна, во Берлин била прогласена Вајмарската Република. Во 1920 година, со актот за Голем Берлин, кон градот биле приклучени десетици предградија, села и имоти околу Берлин со што се проширил градот. Во новата површина на градот биле опфатени Шпандау и Шарлотенберг на запад, како и некои други области кои сега се големи окрузи. По ова проширување, Берлин имал население од околу четири милиони жители. За време на Вајмарската Република, Берлин станал меѓународно познат како центар на културни промени.

На 30 јануари 1933 година, Адолф Хитлер и Нацистичката партија дошле на власт. Нацистичката власт ја уништила еврејската заедница во Берлин, која пред 1933 година броела 170.000 луѓе. По Кристалната ноќ во 1938 година, илјадници германски Евреи од Берлин биле затворени во блискиот концентрационен логор Заксенхаузен или, во почетокот на 1943 година, биле испратени во логорите на смртта, како што е Аушвиц. За време на Втората светска војна, голем дел од Берлин бил уништен во воздушните напади во 1943-1945 година. Градот бил опустошен и во текот на Битката за Берлин, кога стотици илјади луѓе загинале, од кои околу 125.000 биле цивили[27]. По крајот на војната во Европа во 1945 година, во Берлин се населиле голем број бегалци од источните провинции. Победничките сили го поделиле градот на четири дела, соодветно на окупационите зони на кои била поделена Германија. Западните сојузници (САД, Велика Британија и Франција) го формирале Западен Берлин, додека Советскиот Сојуз го формирал Источен Берлин[28].

Берлинскиот ѕид во 1986 година.

Сите четири сојузници имале подеднаква одговорност за Берлин. Меѓутоа, во 1948 година, кога Западните сојузници ја прошириле валутната реформа во западената зона на Германија односно во трите делови на Западен Берлин, Советскиот Сојуз вовел блокада на пристапните патишта кон и од Западен Берлин, кој целосно се простирал во внатрешноста на територијата што ја контролирал Советскиот Сојуз. Сојузниците успешно ги совладале блокадите со помош на Берлинскиот воздушниот мост, со кој, од 24 јуни 1948 година до 11 мај 1949 година, по воздушен пат доставувале храна и други резерви до градот[29]. Во 1949 година, во Западна Германија била основана Сојузна Република Германија и во неа биле вклучени сите американски, англиски и француски зони, освен трите зони во Берлин, додека во Источна Германија била прогласена марксистичко-ленинистичката Германска Демократска Република. Западен Берлин официјално останал окупиран град. Тој издавал сопствени поштенски марки, кои честопати биле исти како западно-грманските поштенски марки, но со дополнителен збор „Берлин“. Авиокомпаниските услуги во Западен Берлин биле доделувани само на американски, британски и француски авиокомпании.

Рушењето на Берлинскиот ѕид во 1989 година

Основањето на двете германски држави ги зголемило тензиите на Студената војна. Западен Берлин бил опкружен од источногерманската територија. Сепак, Источна Германија го прогласила Источен Берлин (кој го опишала само како „Берлин“) за нејзин главен град. Тој потег не бил признат од страна на западните сили. Во меѓувреме, западната германската влада привремено била преместена во Бон[30].

Тензиите меѓу Истокот и Западот кулминирале со изградбата на Берлинскиот ѕид меѓу Источен и Западен Берлин, како и со изградбата на другите бариери околу Западен Берлин од страна на Источна Германија на 13 август 1961 година. Берлин бил целосно поделен. Жителите на Западен Берлин можеле да поминат од едната на другата страна само преку строго контролирани премини. Повеќето жители на Источниот дел не смееле да патуваат кон Западен Берлин или Западна Германија. Во 1971 година, договорот на четирите моќни сили гарантирал пристап од Источна Германија до Западен Берлин и со тоа завршило малтретирањето и затворањето на патишта.[31]

На 9 ноември 1989 година, под притисок на источногерманското население, луѓето почнале слободно да го преминуваат Берлинскиот ѕид, кој веднаш потоа бил урнат. Денес има само мал дел од остатоците на ѕидот. Дел од ѕидот е зачуван во отворената галерија на источната страна во Фридрихсхајн во близина на мостот Обербаумбрике (Oberbaumbrücke) на Шпрее. Демократијата и пазарната економија ги измениле Источна Германија и Источен Берлин.

На 3 октомври 1990 година, двата дела на Германија повторно се обединиле во една држава — Сојузна Република Германија, а Берлин, според договорот за обединување, станал главен град на Германија. Во јуни 1991 година, германскиот парламент, Бундестагот, гласал Берлин да биде повторно главен град на Германија. Во 1999 година, германскиот парламент и германската влада ја започнале својата работа во Берлин.

Географија

Карта на окрузите и населбите во Берлин

Берлин се наоѓа во источниот дел на Германија, околу 70 километри западно од границата со Полска, во област со мочурлив терен. ледничката долина Берлин-Варшава, помеѓу ниското барнимско плато на север и телтовското платото на југ, била формирана како резултат на водата што течела од топењето на ледената покривка на крајот од последната ледена доба. Сега реката Шпре тече низ оваа долина. Во Шпандау — најзападниот округ во Берлин — Шпре се влева во реката Хавел, која тече низ западен Берлин, од север кон југ. Текот на Хавел повеќе наликува на синџир од езера, од кои најголеми се Таглерзее и Грозер Ванзе. Низа езера, исто така, го полнат горниот тек на реката Шпрее, која тече низ Грозер Мугелзее во источниот дел на Берлин[32].

Значителен дел од денешен Берлин се простира на ниските плата на двете страни од долината Шпрее. Голем дел од окрузите Рајникендорф и Панков се простираат на платото Барним, додека поголемиот дел од окрузите Шарлотенбург-Вилмерсдорф, Штеглиц-Целендорф, Темпелхоф-Шененберг и Нојкелн се простира на платото Телтов. Округот Шпандау делумно се простира на берлинската ледничка долина и делумно на рамницата Науен, која се протега западно од Берлин. Највисоки ридови во Берлин се Тоифелсберг и Мигелберге, чија надморска височина изнесува околу 115 метри (377 стапки). Тојфелберг всушност претставува вештачки куп урнатини од Втората светска војна.

Клима

Периферијата на Берлин е покриена со шуми и бројни езера

Согласно Кепеновата класификација, Берлин има океанска клима (Cfb). Летата се топли со просечно високи температури од 22 до 25 °C и падови на темературата од 12 до 14 °C. Зимите се ладни со просечно високи температури од 4 °C и падови од -2 до 0 °C. Пролетта и есента главно се ладни до благи. Урбанизираната област на Берлин создава микроклима и топлината се зачувува помеќу зградите во градот. Затоа, температурата во градот може да биде за 4 °C повисока отколку во околните области[33].

Во текот на годината има умерени врнежи дожд. Годишните врнежи изнесуваат 570 милиметри. Снежните врнежи, главно, се јавуваат од декември до март, но снежната покривка обично не останува долго. Неодамнешната зима во 2009/2010 година беше исклучок, кога имаше постојана снежна покривка од крајот на декември до почетокот на март[34]

Клима на Берлин
ПоказателЈанФевМарАпрМајЈунЈулАвгСепОктНоеДекГодишно
Апсолутна максимална (°C)15,017,023,027,033,036,037,835,032,025,018,015,037,8
Просечна максимална (°C)2,94,28,513,218,921,623,723,618,813,47,14,413,4
Просечна температура (°C)0,51,44,98,714,017,019,018,914,79,94,72,09,6
Просечна минимална (°C)−1,9−1,51,34,29,012,314,314,110,66,42,2−0,45,9
Апсолутна минимална (°C)−21−14−13−4−14,07,07,00,0−7−9−17−21
Просечно кол. врнежи (мм)423341375469565845374455571
Врнежливи денови (≥ 2,0 мм)10,08,09,17,88,99,88,47,97,87,69,611,4101,2
Сончеви часови (месечно)46,573,5120,9159,0220,1222,0217,0210,8156,0111,651,037,21.625,6

Градски пејзаж

Берлин ноќе

Денешниот изглед на градот, претежно, е обликуван од клучната улога која Берлин ја имал во историјата на Германија во XX век. Секоја од националните влади во Берлин – владата на Германското Царство од 1871 година, владата на Вајмарската Република, владата на нацистичка Германија, владата на Источна Германија, а сега и владата на обединетата Германија — поттикнала амбициозни градежни програми, секоја со свој специфичен карактер. Берлин бил опустошен од бомбардирањето во Втората светска војна, а многу од старите градби во двата дела на Берлин, кои тогаш не биле урнати, биле уништени во 1950-тите и 1960-тите години. Голем дел од оваа уништување било предизвикано од архитектонските програми на окрузите за изградба на нови станбени или деловни згради, како и за изградба на главни патишта.

Во источниот дел, можат да се забележат многу згради што се типични за Источниот блок (Plattenbauten) и сега потсетуваат на него. Целта на таквите згради била да се создадат комплетни станбени блокови со продавници, детски градинки и училишта.

Архитектура

Новата национална галерија од Мис ван дер Рое

Телевизиската кула Фернзетурм на плоштадот Александарплац во Мите е втората највисока градба во Европската Унија, со 368 метри. Таа била изградена во 1969 година и може да се види од повеќето централни области на Берлин. Градот може да се набљудува од нејзините платформи за набљудување, високи 207 метри. Источно од телевизиската кула се наоѓа алејата Карл Маркс, каде што има огромни станбени објекти. Оваа алеја е изградена во стилот на социјалниот клацицизам од времето на Сталин. Во непосредна близина на овој простор е црвената управна зграда (Rotes Rathaus), која се одликува со својата карактеристична архитектура од црвена цигла. Пред неа се наоѓа фонтаната „Нептун“, на која е прикажана митолошка сцена.

Бранденбуршката порта.

Отворената галеријата на источната страна е отворена изложба на уметнички дела насликани директно на последните делови од Берлинскиот ѕид. Таа е најголемиот преостанат доказ за историските поделби на градот. Оваа галерија неодамна беше подложена на реставрација.

Бранденбуршката порта е иконско обележје на Берлин и Германија. Таа, исто така се појавува на германските евро монети (10 центи, 20 центи и 50 центи). Зградата на Рајхстагот е традиционално седиште на германскиот парламент, кој по големото оштетување во Втората светска војна, бил реновиран во 1950-тите години. Зградата ја реконструирал британскиот архитект Норман Фостер во 1990-тите години и сега таа има стаклена купола над местото каде што се одржуваат заседанија, што овозможува слободен пристап на јавноста до парламентарните постапки, а истовремено и прекрасен поглед на градот.

Потсдамскиот плоштад ноќе.

На плоштадот Жендарменмаркт, неокласичен плоштад во Берлин чие име датира од Наполеонската окупација на градот, се наоѓаат две слично конструирани катедрали, француската катедрала со својата платформа за набљудување и германската катедрала. Салата за концерти, која е дом на берлинскиот симфониски оркестар, се наоѓа меѓу двете катедрали.

Берлинската катедрала се наоѓа на островот Шпре, од спротивната страна на градската палата на Берлин (Berliner Stadtschloss) и во непосредна близина на паркот Лустгартен (Lustgarten). Во големата крипта има остатоци од некои поранешни пруски кралски фамилии. Како и многу други објекти, и таа претрпела значително оштетување за време на Втората светска војна. Катедралата Свети Хедвиг е берлинската римско-католичка катедрала.

Филхармониската сала

Унтер ден Линден е авенија со многу дрвја, која се наоѓа на источно-западната страна од Бранденбуршката порта на местото на поранешната градска палата на Берлин. Порано таа била најпознатото шеталиште на Берлин. На оваа улица се наредени многу класични градби, а овде се наоѓа и дел од Хумболтовиот универзитет. Улицата Фридрихштрасе, за време на дваесеттите години, била многу славна улица во Берлин. Тоа е комбинација од традициите на дваесеттиот век и модерната архитектура на Берлин денес.

Потсдамскиот плоштад бил изграден од темел во 1995 година, по уривањето на ѕидот[35]. Западно од Потсдамскиот плоштад е Културниот центар, во кој се наоѓа галеријата на уметнички слики. Од двете страни на културниот центар се наоѓаат новата национална галерија и Берлинската филхармонија. Споменикот на убиените Евреи од Европа, одноосно споменикот на холокаустот, се наоѓа на север[36].

Областа околу плоштадот Хакешер Маркт е дом на модерната култура, со безброј продавници за облека, клубови, барови и галерии. Улицата Ораниенбургер Штрасе и Новата синагога што се наоѓа во близина, биле центар на еврејската култура пред 1933 година. Денес овој статус повторно го стекнале.

Дворецот Шарлотенбург - денес најголем дворец во Берлин.

Улицата „17 Јуни“ ги поврзува Бранденбуршката порта и плоштадот Ернст Ројтер и служи како централна источно-западна оска. Со своето име ги прославува востанијата во Источен Берлин на 17 јуни 1953 година. Приближно на половина пат од Бранденбуршката порта е плоштадот „Голема Ѕвезда“ (Großer Stern), кој претставува кружен пешачки остров каде се наоѓа „Победничкиот столб“. Овој споменик е изграден за да се одбележат победите на Прусија. Во 1938-39 година тој бил преселен пред зградата на Рајхстагот.

На авенијата Курфирштендам се наоѓаат некои од луксузните продавници на Берлин, а на нејзиниот источен крај, односно на плоштадот Брајтшајденплац е спомен црквата на царот Вилхелм. Оваа црквата била уништена во Втората светска војна и оставена во урнатини. Во близина, на улицата „Тауентциенштрасе“ е КаДеВе, продавница која се смета за најголема во континентална Европа. Управната зграда на Шенеберг, каде што Џон Кенеди ги кажал своите познати зборови „Јас сум Берлинец“ ("Ich bin ein Berliner!") , се наоѓа во Темпелхоф - Шенеберг.

Палатата Белви е резиденција на германскиот претседател. Дворецот Шарлотенбург, кој бил изгорен во Втората светска војна и во голема мера уништен, бил повторно изграден и сега е најголемиот зачуван историски дворец во Берлин.

Радио кулата Функтурм Берлин е висока 150 метри и е изградена помеѓу 1924 и 1926 година. Тоа е единствената кула за набљудување која е поставена на изолатори. На кулата има ресторан на висина од 55 метри и палуба за набљудување на висина од 126 метри над земја.

Управување

Рајхстагот, парламентот во Германија

Берлин е главен град на Сојузна Република Германија и седиште на претседателот на Германија, чија официјална резиденција е палатата Белви.[37]. Откако Германија се обединила на 3 октомври 1990 година, Берлин е еден од трите градови-покраини, заедно со Хамбург и Бремен, меѓу шеснаесетте покраини во Германија. Бундесратот („Сојузниот совет“) — претставништво на сојузните покраини на Германија и неговото седиште се наоѓа во поранешната Пруска палата на лордовите (Горниот дом). Иако најголем дел од министерствата се со седиште во Берлин, некои од нив, како и некои помали одделенија, се со седиште во Бон, поранешниот главен град на Западна Германија. Европската Унија инвестира во повеќе проекти во рамките на градот Берлин. Инфраструктурата, образованието и социјалните програми се кофинансирани од буџетот на заедничките фондови на ЕУ.[38]

Град-покраина

Клаус Воверајт, градоначалник на Берлин

Градскиот и покраинскиот парламент на Берлин се во Претставничкиот дом, кој во моментов има 141 место. Извршно тело на Берлин е Сенатот на Берлин. Тој се состои од градоначалник и најмногу од осум сенатори кои ги извршуваат министерските функции, од кои еден е заменик градоначалник. Социјалдемократската партија (СПД) и левите (ДЛ) ја контролираат градската власт по покраинските избори во 2001 година и на покраинските избори во 2006 година освоиле уште еден мандат[39].

Градоначалникот, истовремено е и градоначалник на градот и премиер на сојузната покраина. Кабинетот на градоначалникот на Берлин е во црвената управна зграда (Rotes Rathaus). Од 2001 година градоначалник на Берлин е Клаус Воверајт од СПД (SPD)[40]. Владата на градот ја води коалицијата на Социјалдемократската партија и Левичарската партија.

Вкупниот годишен државен буџет на Берлин во 2007 година надмина 20,5 милијарди евра, вклучувајќи го и буџетски вишок од 80 милиони евра. Бројките го покажуваат првиот вишок во историјата на градот - покраина[41]. Како резултат на зголемувањето на стапките на раст и на даночните приходи во 2008 година, Сенатот на Берлин пресмета поголем буџетски вишок. Вкупниот буџет вклучува предвидена сума од 5,5 милијарди евра[42], што е директно финансиран или од страна на германската влада или од германските сојузни покраини. Поради обединувањето на поврзаните трошоци, Берлин, како германската покраина, има акумулирано повеќе долг од кој било друг град во Германија, последната проценка од декември 2007 година е 60 милијарди евра[43].

Окрузи

Карта на окрузите и населбите во Берлин

Берлин е поделен на 12 окрузи|, но пред административната реформа во 2001 година, имал 23. Секој округ е поделена на голем број населби (реони), кои претставуваат традиционални урбанизирани области и според нив се идентификуваат жителите. Некои од нив биле преуредувани неколкупати во текот на годините. Денес Берлин се состои од 95 реони. Реоните често се состојат од голем број градски соседства (на берлински дијалект обично се нарекуваат Kiez) и претставуваат мали станбени области.

Со секо округ раководи окружен совет (Bezirksamt), кој се состои од пет советници и управник (градоначалник) на округот. Окружното собрание го избира окружниот совет. Окрузите не се независни. Моќта на окружните управи е ограничена и е подредена на Сенатот на Берлин. Градоначалниците на окрузите го образуваат Советот на градоначалници, кој го советува Сенатот и е предводен од градоначалникот на градот.

Реоните немаат сопствени владини тела, иако повеќето од нив имаат историски корени во постарите окрузи кои му претходеле на формирањето на Голем Берлин на 1 октомври 1920 година. Потоа, позицијата претставник на реон (Ortsvorsteher), била укината во корист на окружните управници.

Збратимени градови

Берлин одржува официјални партнерства со 17 градови[44]. Градското збратимување помеѓу Берлин и другите градови започна со Лос Анџелес во 1967 година. Во времето на германското обединување, партнерствата на Источен Берлин биле укинати, а подоцна биле делумно обновени. Партнерствата на Западен Берлин претходно биле ограничени на ниво на окрузи. За време на Студената војна, партнерствата ги отсликувале различните моќни блокови, одноосно Западен Берлин имал партнерства со главните градови на Запад, а Источен Берлин претежно имал партнерства со градовите од Варшавскиот пакт и неговите сојузници.

Берлин има заеднички проекти со многу други градови, како што се Копенхаген, Хелсинки, Јоханесбург, Шангај, Сеул, Софија, Сиднеј, и Виена. Берлин учествува во меѓународни асоцијации на градови како што се: Сојузот на главните градови на Европската унија, Јуроситис (Eurocities), Мрежата на европските културни центри, Метрополис, Конференција на главните градови во светот. Официјален збратимени градови со Берлин се:[44]

Инфраструктура

Сообраќај

Берлинска железница е најголема во Европа.

Берлин има развиено високо комплексна транспортна инфраструктура која обезбедува многу различни начини на урбана подвижност.[46]. Должината на патиштата што поминуваат низ Берлин е 5.334 километри, од кои 73 километри (45 милји) се автопатишта.[47] Во 2006 година, во градот биле регистрирани 1.416.000 моторни возила.[48] Со 358 автомобили за 1000 жители во 2008 година (570/1000 во Германија), Берлин, како германската покраина и како голем европски град, е еден од градовите со најмал број на автомобили по глава на жител.[49].

Долгите железнички линии го поврзуваат Берлин со сите големи градови на Германија и со многу градови во соседните европски земји. Регионалните железнички линии обезбедуваат пристап до околните региони на Бранденбург и до Балтичко Море. Берлинска железничка станица е најголемата вкрстувачка станица на возовите во Европа[50]. Возовите на Deutsche Bahn возат по регионални одредишта како Нирнберг, Хамбург, Фрајбург и други. До меѓународните одредишта како што се Москва, Виена и Салцбург, градот е поврзан и со авиони и со возви.

Аеродром Берлин Тегел

Берлин е познат по својот високо развиен шумски велосипедски систем[51]. Се проценува дека во Берлин има 710 велосипеди на 1000 жители. Во 2008 година, во градот имало околу 500.000 велосипедисти дневно, одноосно 13 % од вкупниот сообраќај. Сенатот на Берлин има за цел до 2010 година овој процент да се зголеми на 15 % од градскиот сообраќај.

Велосипедистите имаат пристап до 620 километри велосипедски патеки вклучувајќи приближно 150 километри задолжителни велосипедски патеки, 190 километри теренски велосипедски патеки, 60 километри велосипедски ленти на патот, 70 км патишта кои се отворени и за автобуси и за велосипедисти, 100 километри комбинирани пешачки и велосипедски патеки и 50 километри обележани велосипедски патеки на тротоарите[52].

Берлин има два сообраќајни аеродроми. Меѓународниот аеродром Тегел, и меѓународниот аеродром Шененфелд. Во 2008 година, двата аеродроми заедно примиле повеќе од 21 милиони патници. Заедно, поврзуваат 166 одредишта (123 Европски) во 54 земји[53]. Тегел се наоѓа во градот и претставува европски центар на Ер Берлин. Додека Шенефелд управува главно со ниски-цена на авијација и се наоѓа надвор од Берлин, одноосно кон југоисточната граница на градот со покраината Бранденбург.

Раководството на аеродромот во Берлин има за цел, во ноември 2011 година, да го пренесе воздушниот сообраќај на Берлин во новоизградениот аеродром Шенефелд и да го преименува во Аеродром Берлин - Бранденбург. Целта на градските власти е да изградат европски воздухопловен центар, кој ќе биде поврзан со Азија.

Јавни услуги

Heizkraftwerk Mitte

Напојувањето на Берлин со енергија главно е обезбедено од Шведската фирма Vattenfall која, за разглика од другите производители на електрична енергија во Германија, најмногу го користи лигнитот (црвениот јаглен) како извор на енергија. Поради тоа што согорувањето на лигнитот испушта штетни гасови, Ватернфал најавил подготвеност да го промени горивото и да почне да употребува почисти и обновливи извори на енергија[54]. Енергијата на поранешниот Западен Берлин била обезбедувана преку термоцентрали. За да се олесни амортизацијата за време на напојувањето, во текот на 1980-тите години во некои од овие централи биле инсталирани акомулатори. Тие, со помош на статични инвертори, биле поврзани со електрична мрежа и се полнеле со енергија во период на ниска потрошувачка на енергија, а ослободувале енергија во период на висока потрошувачка.

Во 1993 година биле обновени енергетските врски со околните области, кои датирале од 1951 година. Во западните окрузи на Берлин, речиси сите електрични водови се подземни кабли; само оние кои течат од трафостаницата Ројтер до градскиот автопат користат надземни водови. Берлинскиот 380-kV електричен вод бил изграден кога електричниот систем на Западен Берлин станал сосема независен систем и не бил поврзан со оние на Источна или на Западна Германија. Сега тој стана столб на електроенергетскиот систем на целиот град.

Производителот на автомобили Daimler AG и RWE AG ќе почнат заеднички тест проект за создавање на електричен автомобил и на станица за електрично полнење во Берлин. Овој проект се нарекува „Е-подвижност на Берлин[55].

Здравствен систем

Болничкиот комплекс Шарите.

Берлин има долга традиција како град на медицината и медицинската технологија[56]. Историјата на медицината во Берлин била под големо влијание од научниците од Берлин. Рудолф Вирхов бил основач на клеточната патологија, додека Роберт Кох, ги открил вакцини за антракс, колера и за туберкулоза[57].

Болничкиот комплекс Шарите денес е најголема универзитетска болницата во Европа која датира од 1710 година. Болницата Шатрие ја има на четири места и располага со 3.300 легла, околу 14.000 вработени, 8.000 студенти, над 60 операциони сали[58]. Нејзиниот годишен обрт изнесува над една милијарда евра. Таа е заедничка институција на Слободниот универзитет и на Хумболтовиот универзитет во Берлин, вклучувајќи широк спектар на институти и медицински центри, како што се: Германскиот кардиолошки центар, еден од најреномираните центри за пресадување, Центарот Макс Делбрик за молекуларна медицина и Институтот Макс Планк за молекуларна генетика. Научните истражувања од оваа област ги доплнуваат и многу индустриски истражувачки одделенија на компаниите како на пример: Сименс, Шеринг, Дебис и други.

Демографија

Население на Берлин 1880–2012.

Според податоците од септември 2010 година, населението во градот-покраина Берлин изнесува 3.44.400 регистрирани жители[1] на површина од 891,82 квадратни километри (344,33 квадратни милји).[59]. Густината на населението во градот е 3.848 жители на км2. Урбаната површина на Берлин се протега надвор од границите на градот и опфаќа околу 3.700.000 жители, додека градското подрачје на областа Берлин-Бранденбург е дом на околу 4,3 милиони жители на површина од 5370 км2. Во 2004 година, големата урбана зона била дом на повеќе од 4,9 милиони жители, на површина од 17.385 км2[5].

Националната и меѓународната миграција во градот има долга историја. Во 1685 година, по укинувањето на Нантскиот едикт во Франција, во градот стапил во сила Постдамскиот едикт, кој на француските хугенотски бегалци им гарантира верска слобода и ослободување од данок во текот на десет години. Со актот за Голем Берлин во 1920 година, кон градот биле приклучени многу предградија и околни градови на Берлин и бил оформен поголемиот дел од територијата која го опфаќа модерен Берлин. Со овој акт површината на Берлин се зголемила од 66 км2 на 883 км2, а населението се зголемило од 1,9 милиони на 4 милиони. Постојаната имиграција и политиката на азил во Западен Берлин предизвикале бранови од имигранти во 1960-тите и 1970-тите години. Во моментов, во Берлин живеат околу 250.000 Турци (особено во Кројцберг),[60].

Во 1990-тите години, законите за иселување во Германија (Aussiedlergesetze) ја овозможиле имиграцијата од поранешниот Советски Сојуз[61]. Денес етничките Германци од земјите на поранешниот Советски Сојуз го сочинуваат најголемиот дел од населението во Германија што зборува руски јазик. Искуството од последната деценија покажа зголемување на приливот на имигрантите од различни земји од Западен Балкан. Особено младите Европејци од ЕУ се доселуваат во градот[62].

Во декември 2008 година, 470.051 жител (13,9 % од населението) имале странска националност и потекнувале од 195 различни земји.[63]. Околу 394.000 граѓани (11,7 %) се потомци на меѓународни мигранти и тие или станеле натурализирани германски државјани или добиле државјанство врз основа на раѓање во Германија. Најголемиот број граѓани со странска националност потекнуваат од Турција (111.285), Полска (43.700), Србија (22.251), Италија (14.964), Русија (14.915), САД (14.186), Франција (13.113), Виетнам (12.494), Хрватска (10.752), Босна и Херцеговина (10.556) и Велика Британија (10.196) и Израел[63][64]. Исто така има и голема Арапска заедница, претежно од Палестина и Ирак, но не постојат статистички податоци за нив, бидејќи тие најчесто немаат државјанство.

Религија

Берлинска катедрала.
Новата синагога

Повеќе од 60 % од жителите на Берлин немаат регистрирана верска припадност[65]. Најголеми верски објекти се Евангелска Црква во Берлин-Бранденбург (обединета црква во рамките на Евангелската црква во Германија) со 19,4 % од населението, според податоци од 2008 година и Римокатоличката црква со 9,4 % од населението[66][67][68]. 2,7 % од населението припаѓа кон други христијански вери а 8,8 % се муслимани. Во Берлин има над 120.000 Евреи и повеќето од нив се доселиле од поранешниот Советски Сојуз[69] have come from the former Soviet Union.[70].

Берлин е седиште и на Римокатоличкиот епископ (Римокатоличката архиепископија во Берлин) и на Протестантскиот епископ (Евангелска Црква во Берлин-Бранденбург). Независната Евангелско-лутеранска црква во Берлин има осум парохии со различни големини[71].

Во градот има 36 Баптски заедници, 29 Ново Апостолски цркви, 15 Евангелско-методистички цркви, осум Слободни Евангелски заедници, шест заедници на Црквата на Исус Христос на светите од последните денови, Старата католичка црква и Англиканската црква во Берлин. Берлин има 11 синагоги, два будистички храмови и 76 џамии. Исто така има голем број хуманистички и атеистички групи во градот.

Стопанство

Економијата на Берлин е доминирана од страна на услужниот сектор

Во 2009 година, номиналниот БДП на градот-покраина Берлин имал стапка на раст од 1,7 % (-3,5 % во Германија) и изнесувл 90,1 милијарди евра [72]. Економијата на Берлин денес доминирана од услужниот сектор, околу 80 % од сите компании работат во ова поле. Стапката на невработеност постојано се намалува во последната деценија, а според проценките од април 2010 година во моментов изнесува 14,2 % (германски просек: 7,9 %).

Централите на Fortune Global 500, 30-те германски ДАКС (DAX) компании, Сименс (сименс има седиште и во Минхен) се наоѓаат во Берлин.[73]. Исто така и државната фирма Deutsche Bahn има седиште во Берлин. Многубројни германски и меѓународни компании во градот основале споредни одделенија или канцеларии. Меѓу 20-те најголеми работодавци во Берлин се работодавците на железничката компанија Дојче бан (Deutsche Bahn), болницата Шарите (Charite), локалната јавна транспортна компанија БВГ (BVG), услужниот центар Дусман (Dussmann) и групацијата Пипенброк (Piepenbrock Group). Во Берлин, Дајмлер (Daimler) произведува автомобили а BMW конструира мотоцикли. Бајер шеринг фарма (Bayer Schering Pharma) и Берлин-Кемии (Berlin-Chemie) се големи фармацевтски компании со седиште во градот. Централите на втората најважна германска авиокомпанија Ер Берлин[74] (Air Berlin) и на железничката компанија Дојче бан (Deutsche Bahn) се наоѓаат во Берлин. Во Германија, седиштета на Јуниверзал мјузик (Universal Music) и на Сони мјусик (Sony Музика) се во Берлин.

Сектори кои брзо се развиваат се: комуникациите, науките за живиот свет, подвижноста и услугите со информатички и комуникациски технологии, медиумите и музика, маркетингот и дизајнот, биотехнологијата и еколошките услуги, транспортот и медицинското инженерство.[75]. Паркот за наука и бизнис во областа Берлин-Адлерсхоф е меѓу 15-те најголеми паркови за технологија во светот. Истражувачката дејност и развојот имаат големо економско значење, а регионот Берлин Бранденбург се наоѓа меѓу првите три иновативни региони во ЕУ[47].

Евростат 2007[76]ПовршинаНаселениеНоминален БПД во млрд.Номинален БДП по глава на жител
 Берлин892 км23.420.00085 € / ~110 $24.900 € / ~32.370 $
 Германија357.050 км282.000.0002.482 € / ~3.227 $29.500 € / ~38.350 $
 Европска Унија4.325.675 км2498.000.00012.363 € / ~16.072 $24.900 € / ~32.370 $

Берлин е меѓу првите три градови во светот според бројот на одржани конвенции и овде е сместен најголемиот конвенционален центар на Европа одноосно Меѓународниот конгресен центар (Internationales Congress Centrum)[15]. Тој придонесува за брзо растечкиот туристички сектор кој опфаќа повеќе од 700 хотели што нудат повеќе од 100.000 легла[17]. Во 2009 година, во градот имало 18,9 милиони преноќувалишта во хотели, 8,3 милиони гости во хотелите и околу 135 милиони дневни посетители. Берлин се докажа како трет најпосетуван град во Европската Унија.

Образование

Хумболтовиот универзитет

Главната област Берлин-Бранденбург е една од најплодните центри на високото образование и на истражувањето во Европската Унија. Градот има четири универзитети и 27 приватни, професионални и технички колеџи (Hochschulen)[77], кои на студентите им нудат најразлични дисциплини. Во 2008/09 година биле регистрирани 135.327 студенти на 31 универзити и колеџи.[78]. Во трите најголеми универзитети запишани се околу 100.000 студенти. Тие се: Хумболтовиот универзитет со 35.000 студенти, Слободниот универзитет во Берлин со околу 35.000 студенти и Техничкиот универзитет во Берлин со 30.000 студенти. На Универзитетот за уметност има околу 4.300 студенти.

Во градот има многу истражувачки институции, како на пример институтот Фраунхофер, институтот Лајбниц и институтот Макс Планк, кои се независни или се само делумно поврзани со своите универзитети. Во секторот за истражување и развој работат 62.000 научници.[47].

Покрај библиотеките кои се поврзани со различните универзитети, Државната библиотека во Берлин е главната библиотека за истражување. Таа се наоѓа на две главни локации: една во близина на Потсдамскиот плоштад на улицата Потсдамер Штрасе и едена на улицата Унтер ден Линден. Во градот има 108 јавни библиотеки.

Во Берлин има 878 училишта во кои учат 340.658 ученици во 13.727 паралелки[47]. Основното образование во градот е 6 години. По завршување на основното училиште, учениците се запишуваат во некое средно училиште (Sekundarschule) или во гимназија (Gymnasium). Берлин има уникатна двојазична училишна програма во рамките на Европското училиште “Ојропашуле” (Europaschule). Во овие училишта на децата им се предава наставната програма на германски јазик и на странски јазик, почнувајќи од основното училиште, а подоцна и во средното училиште. Во 29 училишта[79], во речиси сите окрузи, можат да се изучуваат странски јазици од понудените 9 главни европски јазици.

Француската гимназија во Берлин, која била основана во 1689 година во корист на хугенотските бегалци, нуди наставаи на германски и на француски јазик.[80]. Училиштето Џон Ф. Кенеди е двојазично германско-американско јавно училиште, кое се наоѓа во берлинската област Целендорф. Тоа е особено популарно бидејќи во него учат децата на дипломатите. Исто така, постојат четири училишта ("Humanistische Gymnasien") каде што се предава латински јазик и класичен грчки јазик. Овие училишта традиционално се познати по тоа што во нив се запазени највисоките академски стандарди. Две од нив се државните училишта, од кои едното е протестантско, а другото е езуитско училиште.

Култура

Музејски Остров

Берлин е познат по своите многубројни културни институции, од кои многу уживаат меѓународен углед[18][81][82]. Градот има многу разновидна уметничката сцена и во него има околу 420 уметнички галерии[83]. Младите Германци и меѓународните уметници продолжуваат да се населуваат во градот, па затоа Берлин важи за центар на младоста и центар на популарната култура во Европа[84].

Првите знаци за ова се почувствуваа во 2003 година, со најавата дека годишниот Попком (Popkomm), најголемиот собир во Европа за музичка индустрија, по 15 години во Келн, ќе се пресели во Берлин[85] Кратко потоа, Јуниверзал Мјузик Груп и ЕмТиВи, исто така, одлучиле да ги преместат нивните европски седишта и главните студија на брегот на реката Шпре во Фридрихсхаин[86]. Во 2005 година, УНЕСКО го одликува Берлин со титулата „Град на дизајнот[16].

Медиуми

Axel Springer AG

Берлин е дом на многу телевизиски и радио станици; меѓународни, национални, како и регионални[87]. Јавниот радиодифузен сервис РББ (RBB) има седиште во градот, како и комерцијалните радиодифузери MTV Europe, VIVA, TVB, ФАБ (FAB), Н24 (N24) и Сат.1 (Sat.1). Германскиот меѓународен јавен радиодифузен сервис Дојче Веле (Deutsche Welle) има свој ТВ продукциски оддел во Берлин. Исто така, повеќето национални германски радиодифузери имаат студио во градот.

Во Берлин се издаваат најголем број од германските дневните весници, има бројни локални весници како што се Берлинер Моргенпост, Берлинер Цајтунг, Дер Тагесшпил, и три главни таблоиди, како и националните дневни весници, секој со различна политичка наклонетост, како на пример Ди Велт (Die Welt), Јунге Велт (Junge Welt), Нојес Дојчланд (Neues Deutschland), и Ди Тагесцајтунг (Die Tageszeitung). Ексберлинер (Exberliner) — месечно списание на англиски јазик во Берлин кое е фокусирано на уметноста и забавата. Берлин исто така е и седиште на две големи германско јазични издавачки куќи: Валтер де Груитер (Walter de Gruyter) и Спрингер (Springer) кои издаваат книги, месечни списанија и мултимедијални производи.

Берлин е важен центар во европската и германската филмска индустрија[88]. Во него се наоѓаат повеќе од илјада филмски и телевизиски продукциски компании, 270 кина, а во регионот се снимаат секоја година околу 300 национални и меѓународни копродукции. Познатото Бабелсберг студио (Babelsberg Studios) и продуцентската куќа УФА (UFA) се наоѓаат надвор од Берлин, односно во Потсдам. Во Берлин се наоѓаат Европската филмска академија и Германската филмска академија, и тој е домаќин на годишниот Берлинскиот филмски фестивал. Фестивалот за првпат бил одржан во 1951 година, а почнувајќи од 1978 година се прославва секоја година во февруари. Со над 430.000 посетители тој е најголемиот јавен филмски фестивал во светот[89].

Ноќен живот и фестивали

Ноќниот живот во Берлин е еден од најразновидните и енергични во Европа[90]. Во текот на 1990-тите години, клупската сцена на Берлин станала главно одредиште на ноќниот живот во Европа. По падот на Берлинскиот ѕид во 1989 година, биле реновирани многу згради во Митте, поранешниот центар на Источен Берлин. Многу од овие згради не биле реновирани уште од Втората светска војна. Во нив нелегално се “вселиле” млади луѓе и овие згради станале плодна почва за сите видови подземни собири. Во Берлин исто така има многу ноќни клубови, вклучувајќи ги и уметничката куќа Тахлес, ВМФ (WMF), Уфо (Ufo), како и техно клубовите Киткатклуб и Бергхаин. Клубот Линиентрој, кој е во близина на Спомен црквата на цар Вилхелм, е добро познат по техно музика уште од 1990-тите години.

Клубот СО36 (SO36) во Кројцберг првично се фокусирал на панк музика, но денес стана популарно место за танц и секакви видови забава. Дискотеката САУНД (SOUND) која од 1971 до 1988 година се наоѓаше во Тиргартен, денес е во Шарлотенбург и стана озлогласен во доцните 1970-ти години поради употреба на хероин и други наркотици.

Карневал дер Културен, мултиетничка улична парада која секогаш се прославува на празникот Педесетница[91] и геј-парадата, најголемата геј-лезбејска парада во Средна Европа која се прославува последниот викенд од јуни, се отворено поддржани од градската влада. Берлин, исто така, е добро познат и по техно карневалот — Парада на љубовта (Love Parade), клуб трансмедиале и културниот фестивалот Берлинер Фестшпиле, кој го вклучува и џез фестивалот во Берлин.

Музеи и галерии

Еврејскиот музеј

Во Берлин има 153 музеи.[47] . Ансамблот на Островот на музеи во Берлин е заштитен од УНЕСКО како светско културно наследство и се наоѓа во северниот дел на островот Шпрее помеѓу Шпрее и Купферграбен[18]. Уште во 1841 година, со кралскиот декрет, тој беше именуван како „област посветена на уметноста и антиквитетите“. Подоцна овде биле изградени Стариот музеј (Altes Museum) во Лустгартен каде што е бистата на кралицата Нефертити,[92] Новиот музеј, Старата национална галерија, Пергамскиот музеј и музеот „Боде“. Спроти Островот на музеи се наоѓа музејот на ГДР за животот во ГДР.

Покрај Островот на музеи, има уште многу други музеи. Галеријата на уметнички слики (Gemäldegalerie) се фокусира на сликите на „старите мајстори“ од тринаесеттиот до осумнаесеттиот век, додека Новата национална галерија, изградена од страна на Лудвиг Мис ван ден Рое, се усовршува во областа на европското сликарство од XX век. Во музеот Хамбургер Банхоф, кој се наоѓа во областа Моабит, е изложена голема колекција на модерна и современа уметност. По реновирањето и проширувањето на Германскиот историски музеј (Deutsches Historisches Museum), во пролетта 2006 година, тој беше повторно отворен во Цојгхаус (Zeughaus) и во него е прикажана историјата на Германија сè до уривањето на Берлинскиот ѕид во 1989 година. Музеот Баухаус-Архиве (Bauhaus-Archive) — архитектонски музеј.

Иштарска порта на Вавилон во Пергамскиот музеј

Во Еврејскиот музеј, постојана има изложба која отсликува два милениуми од германско-еврејската историја[93]. Германскиот музеј за технологија во Кројцберг има голема колекција од историско технички артефакти. Во близина на берлинската главна железничка станица (Berlin Hauptbahnhof) има музеј за природознанието (Museum für Naturkunde). Во него се наоѓа најголемиот монтиран диносаурус во светот (бракосаурус) и еден сочуван примерок од раните птици - археоптерикс.[94].

Во Далем, постојат неколку музеи на светската уметност и култура, како на пример: Музејот на индиската уметност, Музејот на уметноста во Источна Азија, Етнолошкиот музеј, Музејот на европските култури, Музејот на сојузниците (Музејот на Студената војна), како и Брике музејот (Brücke Museum), кој е уметнички музеј. Во Лихтенберг се наоѓа Штази музејот, кој го отсликува поранешното Министерството за државна безбедност на Источна Германија – Штази (Stasi). Преминот Чарли (Checkpoint Charlie), еден од познатите премини на Берлинскиот ѕид, е сѐ уште сочуван и за него има исто така и музеј. Музејот, изграден од приватна инвестиција, прикажува широка лепеза на материјали за луѓето кои измислиле генијалени планови за да избегаат од Исток. Се тврди дека музејот „Беате Узе“, кој се наоѓа во близина на Зоолошката градина, е најголемиот еротски музеј во светот[95].

Сценски уметности

Берлинска филхармонија.

Во Берлин има повеќе од 50 театри[47] . Германскиот театар во Митте бил изграден во 1849-50 година и оттогаш работи континуирано, освен паузата од една година (1944-1945), поради Втората светска војна. Фолксбине на плоштадот Роза Луксембург била изградена во 1913-14, иако здружението било основано уште во 1890 година. Берлинер ансамбл, познат по изведбите на делата на Бертолт Брехт, е основан во 1949 година, недалеку од Германскиот театар. Шаубине е основана во 1962 година во една зграда во Кројцберг, но во 1981 година е преместена во зградата на поранешното кино „Универзум“ на улицата Курфирштендам.

Концертна сала

Берлин има три главни оперски куќи: Германска опера, Берлинска државна опера и Берлинска комична опера. Берлинската државна опера на улицата Унтер дан Линден е најстарата опера во градот и е отворена во 1742 година. Сегашниот директор на оваа опера е Даниел Баренбоим. Комичната опера традиционално е усовршена во областа на оперетите и исто така се наоѓа на улицата Унтер ден Линден. Германската опера е отворена во 1912 година во Шарлотенбург. Додека градот бил поделен од 1961 до 1989 година, таа била единствената голема оперска куќа во Западен Берлин.

Во Берлин има седум симфониски оркестри. Берлинскиот филхармониски оркестар е еден од најпознатите оркестри во светот[96]. Тој се наоѓа во Берлинската филхармонија во близина на Потсдамскиот плоштад на улицата Херберт фон Карајан[97], која го добила своето име по диригентот кој најдолго време ја вршел оваа функција во оркестарот. Сегашниот главен диригент е Сајмон Ратал. Берлинскиот симфониски оркестар (Konzerthausorchester Berlin) бил основан во 1952 година како оркестар на Источен Берлин, бидејќи седиштето на филхармонијата било во Западен Берлин. Сегашниот главен диригент на Берлинскиот симфониски оркестар е Лотар Цагрозек. Домот на светските култури (Haus der Kulturen der Welt) претставува различни изложби на интеркултурни теми, приредува концерти со музика од целиот свет, а исто така организира и академски конференции[98].

Кујна

Колбаси со кари

Фридрих Велики (кралот на Прусија) имал улога во утврдувањето на некои од традиционалните јадења на Берлин, откако во XVIII век наредил неговите поданици главно да јадат краставици и компир, бидејќи тие биле евтини и се вклопуваат во скромниот пруски начин на живеење. Така, краставиците и компирот станале омилени во берлинската кујна, заедно со обилното користење на свинско месо, месо од гуска, риба, грашок и грав.

Типични берлински јадења се: зачинет колбас со кари (од 1949 година[99], свинска потколеница и Берлинер (сепак, и во Берлин е позната како тиганица, а не како Берлинер)[100]. Еден познат оброк кој, всушност, го носи името на Берлин е црн дроб на берлински начин, односно похуван црн дроб со јаболка и кромид. Турските работници коишто се доселиле во Берлин, исто така, ги донеле своите кулинарски традиции во градот, на пример дунер кебапот стана главна брза храна за сите.

Рекреација

Берлинската зоолошка градина е најпосетуваната зоолошка во Европа.

Берлинската зоолошка градина, односно постарата од двете зоолошки градини во градот, е основана во 1844 година и располага со најразновидниот спектар на животински видови во светот[101]. Тоа е дом на познатата бела мечка Кнут, родена во кафезите на зоолошката градина во декември 2006 година[102]. Зоолошката градина Фридрихсфелде, е основана во 1955 година во округот Лихтенберг и според површината таа е најголемата зоолошка градина во Европа.

Во ботаничката градина на Берлин е ботаничкиот музеј на градот. Со површина од 43 хектари и околу 22.000 различни видови растенија, таа е една од најголемите и најразновидните ботанички градини во светот.

Тиргартен е најголемиот парк на Берлин, се наоѓа во Мите, и бил проекиран од Питер Џозеф Лене[103]. Паркот Викторијапарк во Кројцберг нуди добар поглед на јужниот дел на центарот на градот Берлин. Во Трептовиот парк, покрај Шпрее во Трептов, има споменик во чест на советските војници, убиени во 1945 година во Битката за Берлин. Фолкспарк во Фридрихсхајн, кој датира од 1848 година, е најстариот парк во градот. Тој е вештачки изграден и го покрива бункерот од Втората светска војна и остатоците од урнатините на градот. Во овој парк е главниот германски споменик за полските војници.

Берлин е познат по своите многубројни барови на плажата долж реката Шпрее. Заедно со безброј кафулиња, ресторани и зелени површини во сите области, тие создаваат важен извор за одмор и поминување на слободното време[104].

Спорт

Олимпискиот стадион бил домаќин на Летните олимписки игри во 1936 и финалето од Светското првенство по фудбал во 2006 година

Берлин има висок углед како град-домаќин на меѓународни спортски настани[105]. Берлин бил домаќин на Летните олимписки игри во 1936 година и град-домаќин на ФИФА за време на финалето во Светско Првенство во фудбал во 2006 година[106]. Светско првенство во атлетика на ИААФ било одржано на Олимпискиот стадион во Берлин во август 2009 година[107]. Годишниот Берлински маратон, годишната AФ Златна лига и напреварот во атлетика ИСТАФ (ISTAF), исто така се одржува во Берлин[108]. Во градот, исто така, секоја година се одржува и турнирот ВТА (WTA). Тој бил основан во 1896 година и сега е една од најстарите тениски турнири за жени. Собирите на отворено небо, со неколку стотици илјади гледачи, станаа популарни во текот на меѓународните фудбалски натпревари, како Светското првенство или Европско првенство во фудбал. Обожавателите на сите фудбалски репрезентации доаѓаат заедно за да гледаат натпреварот на огромен видео бим. Овој настан е познат под името Фан Мајле се случува на секои две години кај Бранденбуршката порта.

КлубСпортОсновенЛигаМестоТренер
Херта[109]фудбал1892БундеслигаОлимписки стадионМаркус Бабел
Јунион[110]фудбал1966БундеслигаАлте ФорстерејУве Нухаус
Алба Берлин[111]кошарка1991БундеслигO2 WorldГордон Херберт
Елсбарен Берлин[112]Ice hockey1954DELO2 WorldДон Џексон
Фушсе Берлин[113]ракомет1891БундеслигМакс ШмелингД. Сигурдсон
Берлин[114]одбојка1911DVL[115]Макс ШмелингМарк Лебедев

Берлин како тема во уметноста и во популарната култура

Наводи

Надворешни врски

Статијата „Берлин“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии).
🔥 Top keywords: Главна страницаМакедонски претседателски избори (2024)Македонски парламентарни избори (2024)Специјална:БарајГордана Силјановска-ДавковаМакедонски парламентарни избори (2020)Карлес ПуџдемонСписок на македонски народни поговоркиОче нашСтево ПендаровскиСредоземно МореМакедонијаБилјана ВанковскаМочуриштеГоце ДелчевСпецијална:СкорешниПромениМасакр во СребреницаСкопјеМарија АнтоанетаЛокални избори во Македонија (2021)Министерство за животна средина и просторно планирањеСвети Кирил и МетодијЈане СанданскиКиро ГлигоровСвети Климент ОхридскиСкиентологијаБалканска приказна (ТВ-серија)Втора светска војнаБедија БеговскаДржавни празници во МакедонијаХемофилијаМакедонски претседателски избори (2019)Хороскопски знациГригор ПрличевПретседател на МакедонијаКонстантин МиладиновИзбори во МакедонијаМакедонска крвава свадбаНационален парк Галичица