Нобелова награда за литература
Нобелова награда за литература (шведски: Nobelpriset i litteratur) — награда која се доделува секоја година, почнувајќи од 1901 на автор од некоја земја, кој, според зборовите на Алфред Нобел од неговиот тестамент, го има напишано „најзначајното дело со идеалистички тенденции“ (во оригинал на шведски: den som inom litteraturen har producerat det utmärktaste i idealisk riktning).[1][2] „Делото“ во овој случај се однесува на авторовиот опус, иако понекогаш се цитираат и поединечни дела. Шведската академија одлучува кој, доколку и воопшто има некој, ќе ја прими наградата во соодветната година, а неговото име го објавува во почетокот на октомври.[3]
Нобелова награда за литература | |
---|---|
Мрежно место | https://www.nobelprize.org/prizes/literature/ |
Изборот на Нобел да го вметне зборот „идеалистичко“ или „идеално“ (во македонски превод) како основен критериум при одбирањето на лауреатите е причина за многу контроверзии и несогласувања. (шведскиот збор idealisk може да се преведе и како „идеалистички“ и како „идеален“.[2]) Во почетокот на дваесеттиот век, Одборот за доделување на наградата се осврнува кон првото значење на зборот, и ова е единствената причина што автори од типот на Лав Толстој и Хенрик Ибзен не ја добиле Нобеловата награда. Сепак, во последно време, зборот е сфатен во многу послободното значење, па Нобеловата награда за литература се доделува и на писатели чии дела се од големо значење, но и на такви кои се залагаат за почитување на човековите права; вторава причина, за некои луѓе, е причина да се додаде и политичка конотација на наградите.[2][4]
„Крунскиот момент во текот на церемонијата по повод доделувањето на наградата во Стокхолм е кога лауреатот истапува за да ја прими наградата од Неговото Височество - Кралот на Шведска. ... Пред очите на целиот свет, Нобеловиот лауреат прима три нешта: диплома, медал и документ кој го потврдува износот на наградата“.[1]
Во последниве години, Шведската академија е на удар на многу критичари. Некои сметаат дека многу светски познати автори не само што не ја добиле, туку и не биле номинирани за наградата, а според други, дел од лауреатите воопшто и не ја заслужуваат. Многу контроверзности се испреплетени и околу политичката димензија на процесот за номинирање и изборот на последните лауреати.[4]
Процедура на номинирање
Секоја година, Шведската академија испраќа барања за номинации за Нобеловата награда за литература. Членовите на академијата, членови на литературни академии и друштва, професори по јазик и литература, поранешни Нобелови лауреати, како и претседатели на друштва на писатели - сите тие имаат право да номинираат свој кандидат. Сепак, не е дозволено некој да се номинира себеси.[5]
Илјадници барања се пуштаат секоја година, но одвај педесетина номинации се вратени. Овие предлози, академијата ги прима до 1 февруари, по што Одборот почнува да ги разгледува. До април, академијата го стеснува кругот на дваесетина кандидати, а до почетокот на летото, остануваат петмина. Останатите месеци се разгледуваат делата на можните добитници. Во октомври, членовите на академијата гласаат и оној кандидат што ќе добие повеќе од половина од гласовите, е идниот лауреат. Во основа, процесот е ист како и при доделувањето на останатите награди.[6] Номинациите и предлозите, во принцип, се чуваат во тајност педесет години, но некои од нив, ги откриваат (или тврдат дека ги знаат) медиумите.[7]
Вредноста на наградата варира, но денес изнесува точно 10 милиони шведски круни.[8] Добитникот на наградата добива и златен медал и диплома, како и покана да одржи говор во текот на „Неделата на Нобел“ во Стокхолм. Церемонијата на доделувањето и банкетот се одржуваат на 10 декември.[9]
Заборавени автори и контроверзии
Нобеловата награда за литература има долга историја на контроверзии. Така, од 1901 до 1912 година, комитетот го дефинира барањето на Нобел во неговиот тестамент како желба да се награди делото што зрачи со „длабок и цврст идеализам“, поради што Лав Толстој, Хенрик Ибзен, Емил Зола и Марк Твен никогаш нема да се закитат со признанието.[10] Во текот на Првата светска војна и непосредно по нејзиниот завршеток, комитетот негува политика на неутралност, доделувајќи им награди на писатели од земји што не учествувале во војната.[10]
Се смета дека лошо изработениот (иако добро продаван) превод на В. Х. Одн на книгата Vägmärken („Обележја“) на лауреатот за мир од 1961 година Даг Хамарскјелд, придружен од неколку реченици на Одн за време на едно негово предавање во Скандинавија, според кои Хамарскјелд бил хомосексуалец (исто како и поетот), му ги одзеле шансите на Одн за добивање на наградата.[11]
Добитникот на наградата за 1970 година, Александар Солженицин, не присуствува на нејзиното доделување од страв дека СССР би го спречила неговото враќање (неговите дела таму циркулираат илегално, во облик на самиздати). Откако шведската влада одбива да го почести Солженицин со јавна церемонија во московската амбасада, рускиот писател ја одбива наградата, коментирајќи дека условите поставени од Швеѓаните (кои претпочитале посуптилна атмосфера) се „навреда за самата Нобелова награда“. Солженицин не ја прифаќа ниту наградата, ниту паричниот фонд, сè до 10 декември 1974 година, односно дури откако е протеран од Советскиот Сојуз.[12]
Во 1974 година, Греам Грин, Владимир Набоков и Сол Белоу се номинирани, но не и наградени, на сметка на заедничките лауреати Ејвинд Џонсон и Хари Мартинсон, и двајцата и самите членови на одборот. Белоу ќе ја добие Нобеловата награда во 1976; ниту Грин, ниту Набоков нема да бидат наградени до крајот на нивните животи.[13]
Хорхе Луис Борхес бил исто така неколкупати номиниран за Нобеловата награда, но според Борхесовиот биограф Едвин Вилијамсон, академијата не му ја доделила нему само поради неговата политичка дејност која, како што пишува во предговорот на Борхес: Живот, е комплексна од повеќе аспекти.[14] Шведската авторка за деца Астрид Линдгрен е исто така заборавена, според некои критичари поради тоа што академијата не покажува доволно почит кон литературата за деца.[15]
Наградата за Дарио Фо во 1997 година на почетокот се смета за „доста несериозна“ од некои критичари, зашто на Фо, пред сѐ, се гледа како на глумец и изведувач, и поради тоа што самиот тој е претходно цензуриран од Римокатоличката црква.[16] Салман Ружди и Артур Милер често се меѓу фаворитите за добивање на наградата, но Нобеловиот одбор, нивните дела ги дефинира како „премногу предвидливи, премногу популарни“.[17]
Академијата е исто така критикувана поради тоа што одбива да го поддржи Салман Ружди во 1989 година, кога ајатолахот Хомеини издава фатва во која наредува убиство на писателот; двајца членови на академијата, се откажуваат од членството, по нејзиното одбивање да го поддржи Ружди.[18][19]
Изборот на добитникот за 2004, Елфриде Јелинек, наидува на протест од страна на еден виден член на академијата, Кнут Алунд, кој активно не учествува во нејзината работа од 1996; Алунд се откажува од членството, велејќи дека избирањето на Јелинек предизвикува „непоправлива штета“ за угледот на наградата.[18][19]
Конечниот избор на блискиот пријател на Ружди, Харолд Пинтер, за наградата во 2005 година, е одолговлечено за неколку дена, веројатно токму поради отказот на Алунд, но ова предизвикува нови контроверзии околу „политичката димензија“ на наградата на Шведската академија.[4] Проблемот со „политичката исправност“ продолжува и во наредните две години, поради доделувањето на наградата на Орхан Памук и Дорис Лесинг.[20]
Уште неколку големи писатели кои биле номинирани но (за многумина незаслужено) не ја добиле Нобеловата награда се кријат во имињата на Бертолт Брехт, Антон Чехов, Олдус Хаксли, Џејмс Џојс, Роберт Фрост, Марсел Пруст, Ана Ахматова, Марина Цветаева и Вирџинија Вулф.
Список на досегашни лауреати
Табелата ги прикажува имињата на добитниците, како и јазикот на кои истите пишувале (што значи истиот се однесува на јазикот на кој се напишани нивните дела). (Извор: Нобеловата фондација.)
* Години во кои има повеќе од еден лауреат.
Најнаградени јазици
Земји со најмногу лауреати
Лауреатите со двојно државјанство се избројани за секоја држава по еднаш. На пример: Т. С. Елиот се смета и за Американец и уште еднаш за Британец. Писателите во егзил се сметаат според нивната родна земја. Под Германија се подразбираат сите различни фази на нејзиниот развиток, вклучувајќи ги и двете Германии создадени по Втората светска војна.
Земја | Лауреати |
---|---|
Франција | 14 |
Обединето Кралство | 11 |
САД | 11 |
Германија | 10 |
Италија | 6 |
Шведска | 8 |
СССР | 5 |
Шпанија | 5 |
Полска | 5 |
Ирска | 4 |
Данска | 3 |
Норвешка | 3 |
Чиле | 2 |
Грција | 2 |
Индија | 2 |
Јапонија | 2 |
ЈАР | 2 |
Швајцарија | 2 |
НР Кина | 2 |
Австрија | 2 |
Австралија | 1 |
Белгија | 1 |
Канада | 1 |
Колумбија | 1 |
Чешка | 1 |
Египет | 1 |
Финска | 1 |
Гватемала | 1 |
Унгарија | 1 |
Исланд | 1 |
Израел | 1 |
Мексико | 1 |
Нигерија | 1 |
Португалија | 1 |
Света Луција | 1 |
Тринидад и Тобаго | 1 |
Турција | 1 |
СФР Југославија | 1 |
Перу | 1 |
Поврзано
Наводи
Надворешни врски
- Сите добитници на Нобелова награда за литература Архивирано на 13 ноември 2002 г. – официјална страница на Нобеловата фондација(англиски)
- Церемонии по повод доделувањето на Нобеловата награда – Официјална страница на Нобеловата фондација со хиперврски (англиски)
- Медалот за Нобелова награда за литература – Официјална страница на Нобеловата фондација(англиски)
Нобелова награда |
Економија | Физика | Хемија | Физиологија или медицина | Мир | Литература |
Статијата „Нобелова награда за литература“ е избрана статија. Ве повикуваме и Вас да напишете и предложите избрана статија (останати избрани статии). |